• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Здрава исхрана при третман на канцер

Што е здрава исхрана?

Здравата храна подразбира внесување на балансирано количество на протеини, јаглени хидрати, масти, витамини и минерали. Здравата исхрана се базира на внесување на поголеми количини на протеини и јагленохидрати...
Витамини и минерали

Витамини и минерали за заштита на кожата, посебно во лето

Летниот период е време кога треба да размислуваме за заштитата на нашата кожа многу повеќе отколку во другите периоди во годината. Во лето поголемиот дел од денот...

Како да се хранам здраво

  • јадете компири, ориз и тестенини
  • јадете најмалку 5 порции со овошје и зеленчук дневно,
  • внесувајте белковини со консумирање на риба и пилешко месо,
  • избегнувајте масно црвено месо, свинско и телешко,
  • помалку внесувајте шеќер во исхраната,
  • пијте 6-8 чаши вода дневно,
  • не консумирајте засладени и газирани сокови.
Дали може да се спречи појавувањето на ракот?

Денес, преку различни медиуми, може да се информираме за постоење на многу „ефикасни“ средства, кои, на различни начини, не „штитат“ од настанување на рак. Секогаш производителите на тие „ефикасни“ средства го истакнуваат „уникатниот“ состав на своите производи. На пазарот може да се најдат: сирупи, капсули, сокови, чаеви, прашоци, семки од овошје, кои треба да се земаат според килограмите на телесната тежина.

Рекламите за сите овие средства се ветувачки, но многу од нив немаат податоци за направени научни студии, кои навистина би го потврдиле нивното позитивно делување, туку постојат само податоци дека некоја здравствена установа ги препорачала за употреба. Ако не постојат научни студии за ефикасноста на овие средства кои „штитат“ од појава на рак, тогаш тие немаат големо значење, ниту пак, може да гарантираат успех.

Научната медицина е медицина базирана на докази. Тоа значи дека секоја препорака за лек или средство за лечење е базирана на претходно добро документирано научно испитување. Тие лекови или средства за лечење се испитани прво, и пред се, на експреименталните животни, а потоа и на луѓето, и тоа прво на доброволци, а потоа и на широката популација.

Денес, благодарение на развојот на науката и технологијата, знаеме дека за растот, развојот и функцијата на клетките во нашиот организам се неопходни голем број на т.н. сигнали и пренесувачи на сигнали, кои учествуваат во лачењето на бројни хормони, ензими, протеини (мали молекули), кои се одговорни за правилното функционирање на милионите клетки во нашиот организам.

Многу истражувачи го посветиле својот живот, а вложени се и огромни материјални средства, за да се постигне напредок во испитувањето на причината за настанувањето на малигномите (неконтролирано растење на клетките во некој орган или ткиво). За сега, испитувањата докажале дека промените во начинот и стилот на живеење можат да влијаат на спречувањето на појавата на некои видови на рак. Светската Здравствена Организација (СЗО) нагласува дека дури 43% од карциномите може да бидат превенирани преку здрав начин на живот и здрави животни навики.

Така на пример, докажано е дека пушењето предизвикува рак на белите дробови, но и дека е фактор на ризик и за многу други видови на рак. Во некои земји направени се големи напори да се забрани пушењето, што довело до намалена честота на карциномите, посебно на ракот на белите дробови.

Ракот на грлото на матката е последица на инфекција со ХПВ вирусот, а санирањето на оваа вирусна инфекција ја намалила и честотата на ракот на грлото на матката. Вакцината против одредни типови на ХПВ вирус има превентивна улога во настанувањето на инфекцијата од овие вируси, а со тоа и за настнување на преканцерозните промени и ракот на грлото на матката. Најсигурно е вакцината да се прими пред почетокот на сексуалниот живот. Но, треба да се знае дека и лице кое е веќе заразено со ХПВ може да има корист од вакцината, затоа што повеќето лица не се заразени со сите 4 типа на ХПВ од кои вакцината заштитува, па ќе имаат одредена заштита од останатите типови содржани во вакцината.

Докторите сé почесто предупредуваат на штетното делување на УВ зраци на сонцето и на штетноста на солариумите. Постојаните информирања за јачината на УВ зрачење и препораките за избегнување на сончање, посебно во период од 10 часот наутро до 16 часот попладне, ја намалила честотата на ракот на кожата.

Сознанијата дека малите израстоци во луменот на дебелото црево (полипи) може, со тек на време, да се претворат во рак, довело до тоа да со хируршкото отстранување на полипите и со редовните контроли, се намали и честотата на ракот на дебелото црево.

Хепатитот Б и Ц создава склоност за развој на рак на црниот дроб. Хепатитис Б може да се превенира со сигурна и ефективна вакцина. Постои вакцина против хепатит Б. Една од индикациите за давање на оваа вакцина е на сексуални партнери на луѓе кои биле заразени со вирусот. Како превенција на хепатитот Б и Ц е практикување на безбеден секс, со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од инфекција преку сексуален однос.

На појавата на карцином влијаат нашите наследни особини (податоци да во блиското семејство има рак). Како што ја наследуваме бојата на очите, така и ја наследуваме склоноста кон одредени болести.

Штетните фактори од околината и работната средина може да бидат фактор на ризик за развој на голем број малигноми.

Расната припадност исто така може да биде фактор на ризик за одредни видови на рак. Така одредени карциноми се почести во одредни раси.

Лошите животни навики се важен фактор на ризик за појавата на многу видови на рак. Тука спаѓаат пушењето, консумирањето на преголеми количини на алкохол, непарвилна исхрана и гојазнос, и одредени сексуални навики.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на ракот на белите дробови, на ракот на усната шуплина, на грлото, на голтникот, на мочниот меур и на многу други карциноми.

Ризикот за развој на многу малигни заболувања се зголемува со прекумерното консумирање на алкохол. Затоа како превенција за многу видови на карциноми се препорачува да не се консумираат јаки алкохолни напитоци или тие умерено да се консумираат.

Прекумерно консумирање на алкохол значи консумирање на повеќе од два алкохолни пијалока дневно за мажите, и повеќе од еден алкохолен пијалок за жените (чаша вино, пола литро пиво или 0,3 dcl јак алкохол).

Обезноста или зголемена телесна тежина претставува фактор на ризик за настанување на многу заболувања како што се: хроничните кардиоваскуларни и метаболни заболувања (покачен крвен притисок, покачени масти, шеќерна болест, заболувања на срцевите и мозочните крвни садови, кои можат да доведат до настанување на срцев или мозочен удар).

Зголемената телесна тежина се смета како фактор на ризик за настанување на некои видови на рак.

Гојасноста носи со себе и склоност кон настанување на рак на дојка, рак на ендометриум (слузницата на матката) кај жените, а кај мажите склоност кон настанување на рак на простата и дебело црево. Сепак, тоа не значи дека ракот неможе да се јави и кај лицата со нормална телесна тежина. Но одржувањето на нормалната телесна тежина се смета како дополнителена превентивна мерка за многу видови на рак.

Утврдено е дека сексуално преносливите болести се почести кај лицата кои имат повеќе сексуални партнери. Утврдено е дека лицата кои почесто ги менуваат своите сексуални партнери имаат значително поголем ризик да бидат заразени со ХПВ вирусот, но и со други сексуално преносливи вируси. Лица кои имаат еден сексуален партнер имаат многу помал ризик од инфекција со ХПВ вирус. Сексуално преносливите болести се важен фактор на ризик за развој на рак на гениталните органи и кај жените и кај мажите. ХПВ инфекцијата се поврзува со ракот на грлото и телото на матката, со ракот на вагината и вулвата кај жените, како и со ракот на пенисот и анусот кај мажите.

Редовните контроли и раното откривање на ракот денес значат излекување за најголем број на карциноми. Засега нема сигурни средства за превенција на ракот, освен што треба да се избегнува сето она за што постои доказ дека може да влијае на малигното трансформирање на клетките.

Американското здружение за рак (American Cancer Society, ACS), со почеток од 2000 година, секоја година ги објавува препораките за рана детекција („screening“) на карциномите, во часописот „Cancer Journal for Clinicians“.

Препораките се ревидираат најмалку еднаш во 5 години, а во случај на нови докази или препораки за скрининг за карциномите, тие се објавуваат, публикуваат и им се презентираат на јавноста и здравствените установи и многу почесто.

 

Прочитајте и: