• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Рак на тестис: Совети до младата машка популација Печати

За рано откривање на ракот на тестисот многу е важна едукацијата на младата машка популација. Таа треба да се информира за раните симптоми и знаци на болеста, за значењето на самопрегледот, ризик факторите (крипторхизам, постоење на карцином на тестисот кај членовите на најблиското семејство).

Денес ракот на тестисот е болест која се лекува во висок процент (околу 99%), ако се открие во раниот стадиум. Карциномот на тестисите дава добар одговор на применетата терапија и во напреднатите стадиуми, кога тој е проширен и во другите делови на телото.

Денес 9 од 10 пациенти се излекуваат. Повеќето од нив имаат нормален сексуален живот и потомство. Затоа, самопрегледот е многу важен за рано откривање на болеста и за нејзино успешно лекување.

Самопрегледот на тестисите е наједноставна, но многу ефикасна метода за рано откривање на ракот на тестисот. Самопрегледот треба да го прави секој маж еднаш месечно, почнувајки од пубертетот. Најдобро е да се прави после топла купка или тушање, кога кожата на скротумот е мека и опуштена. Преку насапунетата кожа може лесно да се напипа секоја евентуална промена. Оваа метода е многу едноставна и трае само неколку минути.

Совети до младата машка популација

  1. Научете како се прави самопреглед на тестисите и редовно, еднаш месечно направете го.
  2. Имајте на ум дека карциномот не боли се додека не дојде во понапреднат стадиум, така да тоа што нема болка, не е и гаранција дека нема присуство на карцином.
  3. Немојте да ги избегнувата редовните контроли кај вашиот лекар и кога сте здрави, плашејќи се да не ви откријат нешто. Подобро е, ако веке нешто постои, да се открие на време, отколку да се одолговлечува, бидејќи на тој начин директно си го загрозувате сопствениот живот.
  4. Немојте да го одлагате прегледот кај вашиот лекар ако приметите некои симптоми и знаци затоа што ви е срам или страв од прегледот. Имајте во предвид дека секој дел од нашето тело е подложен на малигни оболувања. Ракот не знае за срам.
  5. Кажете и покажете му ги и најмалите промени што сте ги забележале на вашиот лекар. Не пресудувајте сами што е важно а што не.
  6. Бидете спремни за понатамошни испитувања со цел да се утврди вашата права здравствена состојба. Тоа е предуслов за превземање на адекватна терапија, ако е таа потребна.