• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Превенција и фактори на ризик за рак на бели дробови Печати

Како превенција за настанувањето на белодробниот карцином се наведува избегнување на факторите на ризик за ова малигно заболување. Секако дека не можеме да влијаеме на сите познати фактори на ризик за белодробниот карцином. Така на пример, не можеме да влијаеме на возраста, полот, на генетската предизпозиција, но на некои фактори на ризик можеме да влијаеме и да ги избегнуваме.

Фактори на ризик на кои може да влијаеме и може да ги избегнеме

Пушење – ПРЕСТАНЕТЕ СО ПУШЕЊЕ

Во прв ред може да влијаеме на еден многу важен и главен фактор на ризик за настанување на белодробниот карцином, а тоа е пушењето.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на белодробен карцином. Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на белодробниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај непушачите. Намалување на ризикот од појава на белодробен карцином се јавува и кај долгогодишни пушачи кои престанале да пушат.

Најдобар начин да се избегне добивањето на рак на белите дробови е да се престане со пушење. Некои долгогодишни пушачи сметаат дека престанувањето со пушење нема да има големо влијание на намалувањето на ризикот. Но, клиничките студии сепак покажале дека и долгогодишните пушачи, ако престанат да пушат имаат намален ризик да заболат од белодробен карцином, во споредба со оние кои продолжиле да пушат. Пушачите кои престанале да пушат повеќе од 15 години, имаат 80 до 90% намален ризик за развој на белодробен карцином, споредено со лицата кои продолжиле со пушење.

Канцерогени од животната средина и професионални канцерогени супстанции

Утврдено е дека бројот на заболени од белодробен карцином е поголем во индустриски развиените земји и во големите градови, отколку во руралните средини. Причина за тоа е аерозагаденоста. Загадениот воздух содржи во себе многу канцерогени супстанции, кои со дишењето се внесуваат во белите дроови.

Азбестоза

Изложувањето на азбест е сигнификантен фактор на ризик за одреден тип на белодробен карцином т.н. мезотелиом, кој започнува во плеврата (белодробната обвивка). Работниците кои се изложени на делувањето на азбестот и кои се пушачи го зголемуваат својот ризик за добивање на белодробен карцином дури за 50 до 100 пати.

Опишани се и други фактори на ризик како што се: професионална изложеност на хемиски и индустриски супстанции (нафтени деривати и друго), изложеност на рударите во рудниците со јагленова прашина, хром, ураниум, никел и други.

Радон

После цигарите радонот се смета за втор по важност предизвикувач на рак. Како природно присатен радиоактивен гас, радонот е познат како канцероген и го зголемува ризикот за појава на ракот на белите дробови. За прв пат бил разгледуван кај рударите кои ископувале ураниумова руда со голем степен на изложеност на радонот.

Радонот може да се акумулира во домовите како и во други згради, но во многу пониска концентрација.

Избегнувањето на професионалната изложеност на азбест, радон, нафтени деривати, јагленова прашина, како и на други професионални канцерогени, значително го намалува ризикот за развој на белодробен карцином.

Исхрана

Научниците ги испитуваат различните видови на храна со цел да утврдат како тие можат да го променат ризикот за добивање на белодробен карцином. Сепак, изхраната може да има мало влијание во настанувањето на белодробниот карцином, во споредба со она кое го има пушењето.

Внесување на храна богата со масти од животинско потекло може да го зголеми ризикот за белодробен карцином.

Некои состојки во храната можат да помогнат во превенција на белодробниот карцином. Исхрана богата со свежо овошје и зеленчук го намалува ризикот за развој на карцином, а со тоа и за развој на белодробниот карцином.

Како протектори се сметаат антиоксиданците, како што се: витамин Ц, Е, селен и бета каротинот. Консумирање на храна богата со овие витамини и минерали може да го намали ризикот за настанување на белодробен карцином.

Земање на бета каротин супременти (таблети) не се препорачува, бидејќи тоа може напротив да го зголеми ризикот кај некои пушачи.