• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Акутна болка предизвикана од хемотерапијата Печати

Хемотерапијата може да доведе до повеќе несакани ефекти, кои пак, од своја страна можат да доведат до појава на болка. Чести несакани ефекти кои може да се јават при хемотерапискиот третман се:

  • флебит,
  • екстравазација,
  • стоматит,
  • болна периферна неуропатија,
  • палмоплантарен еритем,
  • стенокардија,
  • болки во мускулите и коските,
  • акутен холинергичен синдром.

Флебит

Настанува како последица на хемиското оштетување на sидовите на вените. Ризикот за настанување на флебитот може да се намали со побавна апликација на цитостатиците, со давање на инфузиите во вени со поголем промер, посебно со користење на централен венски катетер.

Терапијата на флебитот се состои од: ставање на ладни облоги, мачкање со хепарин гел и примена на системска аналгетска терапија.

Естравазација

Тоа е појава на истекување и инфилтрација на лекот во поткожното ткиво. Естравазацијата е пратена со чувство на жарење, пецкање на местото на убодот, со црвенило и оток.

Терапијата се состои од: ладни облоги (диметилсулфоксид, натриум тиосулфат), системска аналгетска терапија и евентуална хируршка интервенција.

Стоматит

Стоматитот е оштетување на слузницата на усната шуплина кое се манифестира со црвенило, оток и создавање на улкуси. Овие промени доведуваат до отежнато земање на храна и течности. Голтањето е отежнато, болно и понекогаш потполно неможно. Силно изразениот стоматит може да доведе и до дехидрација, малнутриција и губиток на телесна тежина (слабеење).

Стоматитот се јавува кај 40% од болните кои примаат хемотерапија, обично 5- 7 дена по нејзиното давање. Додека, пак, стоматитот се јавува кај сите болни кои се на терапија со зрачење при тумори на главата и вратот. Честотата на јавувањето на стоматитот и неговиот интензитет зависат од:

  • видот на цитостатикот (5-флуороурацил, метотрексат),
  • начинот на примената на цитостатикот (континуирана инфузија),
  • возраста и општата состојба на пациентот,
  • здраствената состојба на усната шуплина,
  • конкомитантна терапија (истовремена примена на хемотерапија и радиотерапија).

Лекувањето на стоматитот се состои од: испирање на слузницата на усната шуплина, одржување на хигиена на усната шуплина, примена на орален гел (gelclair), супортивна терапија (назогастрична сонда, парентерална исхрана), системска аналгетска терапија и примена на антимикотици и антибиотици.

Неуролошка токсичност

Најчесто се јавува при користење на одредени цитостатици како: оксиплатин, цисплатин, таксани и винка алкалоиди (Vincristine). Неуролошката токсичност се манифесира со следниве симптоми: губиток на длабоките тетивни рефлекси, парестезии, моторна слабост, а понекогаш се јавуваат и болки, најчесто во пределот на прстите на рацете и нозете. Неуролошката токсичност е кумулативна и нејзината реверзибилност зависи од нејзиниот интензитет, како и од видот на цитостатикот кој ја предизвикал.

Лекувањето на неуропатската болка е тешко. Често таа лошо одговара на терапијата со неопиоидните и опиоидните аналгетици. Во нејзиното лекување се користи адјувантна аналгетска терапија, како примена на: трициклични антидепресиви (амитриптилин) и антиконвулзивни лекови (габапентин, карбамазепин, фенитоин).

Палмоплантарен еритем (hand-foot syndrome)

Овој несакан ефект е чест при хемотерапија со:

  • capecitabine (Xeloda),
  • cytarabine (Cytosar-U),
  • floxuridine (FUDR),
  • fluorouracil (5-FU),
  • idarubicin (Idamycin),
  • liposomal doxorubicin (Doxil).

Симптомите на овој синдром се:

Кај слабо до умерено изразен синдром се јавува: црвенило (слично на изгореници од сонце), зголемено потење, чувство на жарење, пецкање, болна осетливост и јадеж на дланките и стопалата.

Кај силно изразениот синдром се јавува: пукање и лупење на кожата на дланките и стопалата, појава на меурчиња, ранички, сувост на кожата, јака болка, тешкотии при одењето и при работа со рацете.

Терапијата на овој синдром се состои од намалување на хемотераписката доза, или доколку е потребно, лекарот привремено ја прекинува хемотерапијата, се додека не се смират симптомите. Во терапијата на овој синдром се вклучуваат: орална примена на кортикостероидни лекови или локална примена на кортикостероидни масти со цел да се ублажи инфламацијата, локална примена на dimethyl sulfoxide за намалување на минување на цитостатикот надвор од капиларите, витамин Б 6 за ублажување на симптомите и аналгетска терапија, најчесто со примена на нестероидни антиреуматици како на пример acetaminophen (Tylenol). По потреба може да се применат и антимикотици и антибиотици.

Спречувањето на појавата на овој синдром е можно со избегнување на топлина и притисок на дланките и стопалата, кои може да ги влошат постоечките симптоми.

Следниве постапки можат да помогнат во намалувањето на симптомите и да превенираат влошување на синдромот:

Да се избегнува долго изложување на дланките и стопалата на топла вода, при капење или миење на садови, туширање со ладна вода, избегнување на изложеност на сонце, избегнување на тешки физички работи, како и некои физички активности како долго пешачење, аеробик или трчање, избегнување контакт со хемикалии, како на пример со детергенти и други производи за чистење, избегнување на користење на гумени ракавици или чизми.

За намалување на симптомите може да помогне:

Ставање на ладни облози во тек на 15 до 20 минути, но со избегнување на директно ставање на мраз на кожата, потоа, подигање на рацете и нозете при седење или лежење, внимателно бришење на дланките и стопалата по миење со ладна вода, без да се тријат од пешкирот, нежно нанесување на неутрални нутритивни (хранливи) креми на кожата, носење на меки, удобни чевли и облека.

Стенокардија

Стенокардијата може да ја предизвика 5-флуороурацилот. Ризикот е поголем кај срцевите болни, како и при примена на лекот во вид на континуирана инфузија. При сомневање за кардиотоксичност, веднаш треба да се прекине со хемотерапијата.

Болки во коските и мускулите предизвикани од хемотерапијата

Болките во коските и мускулите можат да бидат предизвикани скоро од сите цитостатици. Најчесто се јавуваат при примена на paclitaxel и gemcitabin.

Успешно лекување се постигнува со давање на парацетамол и нестероидни антиреуматици.