• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што е малиген мезотелиом? Печати

Малигниот мезотелиомот е рак на плеврата т.е. на обвивката на белите дробови.

Малигните тумори на плеврата (мезотелиом) се ретки тумори. Во САД, во текот на 1993 година се регистрирани 3600 нови болни со мезотелиом и повеќе од 2600 смртни случаи од оваа болест.

Основната причина за појавата на мезотелиомот не е позната.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на мезотелиомот кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од мезотелиом.

Кои се факторите на ризик за развој на мезотелиом?

Како познати фактори на ризик за ова малигно заболување се наведуваат следните:

Возраст

Малигните плеврални мезотелиоми се јавуваат помеѓу петтата и седмата деценија од животот (средна возраст е 60 години).

Пол

Мажите имаат поголем ризик да заболат од овој малигном. Така тој однос е 2.5 - 3:1, што произлегува од почестата професионална изложеност кај мажите со азбест.

Не е утврдена хередитарна предиспозиција за настанувањето на мезотелиомот. Исто така, не постојат податоци во литературата што го поврзуваат пушењето со развојот на мезотелиомот.

Професионална изложеност на азбест

Азбестот се смета за главна причина за појавата на малигниот мезотелиом.

Азбестот и силикатните влакна, употребени во изолациски цели, за прв пат беа спомнати како ризик фактори за настанувањето на мезотелиомот од Wagner во 1960 година. Подебелите кривулести влакна се депонираат во горните делови од респираторниот тракт и тие лесно се отстрануваат и се помал ризик од тенките игличести влакна (синиот азбест) кои се задржуваат во долните дишни патишта.

Ризикот од појавата на мезотелиомот кај работници изложени на азбест и членовите на нивните фамилии е 8-13% и 1% последователно. Времето што е потребно од изложувањето на азбестна прашина до појавата на клиничките симптоми на мезотелиомот варира од 15 до 50 години.

Животна средина

Малигниот мезотелиом почесто се јавува кај градското население, отколку кај селската популација. Се смета дека причина за тоа е поголемата изложеност на градското население на делувањето на азбестот при градба на бродови, во градежништвото, покривните и подните плочи, изолацијата во општествените и приватните куќи, како и употребата на некои текстилни материи.

Изложеност на јонизирачко зрачење

Кај мал број на болни со малигни мезотелиом се смета дека туморот е последица на изложеност на јонизирачко зрачење. Латентниот период од изложеноста на јонизирачкото зрачење и појавата на мезотелиомот варира од 7 до 36 години, средно 16 години.

Кои се симптомите и знаците на малигниот мезотелиом?

Симптомите и знаците кои произлегуваат од присутниот малиген мезотелиом можат да се поделат на:

  • локални,
  • системски,
  • паранеопластични синдроми.

Локални манифестации на болеста

Почетен симптом е диспнеата (отежнато дишење), која е поврзана со присуството на плевралниот излив (присутна течност во плевралниот простор) и градните потешкотии при сувиот мезотелиом (без присуство на излив).

Поголем број од пациентите може да се асимптоматски и случајно се откриваат при рендгенска снимка на белите дробови.

Пациентите се жалат на сува, упорна кашлица, губење на апетит, општа слабост и малаксаност, губиток на телесна тежина и отежнато голтање, доколку е зафатен хранопроводникот.

Можна е појава на Horner-ов синдром, кои го карактеризира постоење на клинички тријас: птоза (спуштен очен капак, миоза (стеснување на зениците) и ендофталмус (вдлабнатост на очното јаболко во очната дупка).

Така, доколку туморот со своето локално ширење го зафати хранопроводникот или го притиска од надвор, може да се јави отежнато голтање.

Доколку дојде до компресија на големата вена кава (vena cava superior) се јавува т.н. синдром на вена кава. Горната вена кава е главна вена во градниот кош која ја носи крвта од горните делови на телото до срцето.

Синдромот на вена кава е делумна оклузија на вена кава. Делумната оклузија доведува до намален проток на крвта низ оваа вена. Симптомите на синдромот на вена кава супериор се: промена на гласот, кашлица, конфузна состојба, зголемени и проширени вени во горните делови на делото, посебно во рацете, вратот и лицето, оток на рацете, вратот и лицето и отежнато голтање.

Според тоа, синдромот на вена кава претставува збир на симптоми и знаци, кои настануваат поради опструкција на венската и лимфната дренажа во горниот дел на градниот кош, главата и вратот и горните екстремитети.

Клиничката слика на овој синдром прв ја опишал William Hunter во 1757 година, кога во повеќето случаи, овој синдром се јавувал како последица на туберкулозни и сифилични воспаленија на белите дробови, а само 37% бил предизвикан од малигна болест.

Можно е да се јави и перикардна (срцева обвивка) тампонада доколку е присутен излив (течност) во перикардната кеса.

При директна инвазија на градниот sид се јавуваат интензивни болки во градите.

Туморот преку дијафрагмата може да се прошири и во абдоминалната шуплина, која резултира со симтоми на зголемување на абдоменот и потешкотии.

Системски манифестации

Туморот може по крвен пат да метастазира во белите дробови, црниот дроб и коските. Но, метастазите ретко клинички се манифестираат.

Паранеопластични синдроми

Паранеопластичните синдроми се клинички синдроми кои се јавуваат како последица на постоење на одредени биолошки активни супстанции, синтетизирани од страна на малигните клетки.

Само треската е паранеопластичен синдром кој се поврзува со малигниот мезотелиом.