• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Дали е чест ракот на пенисот и кои се факторите на ризик? Печати

Ракот на главата на пенисот е редок тумор и се јавува во околу 1% од малигните тумори кај мажите, а учествува со 2%- 5% од сите урогенитални тумори кај мажите. Сепак кај мажите во Јужна Америка, Азија и Африка е релативно чест (10%-20%).

Ракот на пенисот обично се јавува кај мажи во понапредната возраст, по 65-тата година од животот. Најчесто патохистолошки тоа е тумор на плочестите клетки на главата на пенисот.

Најголем број на карциномите на пенисот имаат егзофитичен и улцерозен изглед. Приметено е дека кај мажи кои се обрежани, рак на пенис никогаш не се јавува. Се смета дека смегмата која се насобира при постоечка фимоза доведува до постојано дразнење и до воспаление, кое со тек на време доведува до развој на карцином.

Најчест симптом на ракот на пенисот е појава на раничка на главата на пенисот која не зараснува, крвари и која постепено се шири како по површина, така и во длабичина. Раничката е во почетокот безболна. Често пациентите ги занемаруваат овие промени и самите се обидуваат да ги излечат мачкајќи разни креми и лосиони. На тој начин и се одложува правата и навремена дијагноза на болеста.

Карциномот обично го зафаќа глансот (главата) и препуциумот (кожичката која ја прекрива главата), а многу ретко се јавува на телото на пенисот. Најчесто се јавува како безболна лезија која постепено се чири и ги зафаќа подлабоките слоеви, а може да ги зафати и лимфните јазли и крвните садови. Лезиите можат да имаат различен изглед. Во вид на папули, пустули (меурчиња), големи израстоци или длабоки улцерации.

Карциномите поголеми од 5 см често метастазираат во регионалните лимни јазли, најчесто во пределот на препоните. Со тек на време, карциномот на пенисот може да даде и оддалечени метастази, кои се јавуваат како последица на расејувањето на малигните клетки преку крвта. Чести места каде што метастазира карциномот на пенисот се: белите дробови, црниот дроб, коските и мозокот.

Како причини и ризик фактори за настанување на ракот на пенисот се наведуваат: недоволната лична хигиена, фимозата и задржувањето на смегмата, како и присуството на хуманиот папилома вирус.

Обрежувањето скоро потполно заштитува од појава на рак на пенисот. На ракот на пенисот можат да му претходат одредени промени како што се:

  • псеудоепителијални кератози,
  • баланитис,
  • баланитис ксеротика облитеранс,
  • кондиломи и др.