• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Болка
Канцерска болка Печати

Инциденција и преваленција на канцерската болка

Сите пациенти кои боледуваат од малигна болест немаат болка. Таа е ретко знак на раниот стадиум на болеста. Студиите покажале дека болката се јавува кај 30 % од сите пациенти со карцином, без оглед на стадиумот на болеста. Но дури 90% од пациентите со напреднат карцином имаат јака болка која бара и примена на адекватна аналгетска терапија. Дури 50% од пациентите со канцерска болка може да бидат недоволно третирани за ублажување на болката. Болката се појачува кога карциномот прогредира и кога со својот локален раст ги зафаќа околните ткива и органи или кога дава далечни метастази.

Канцерската болка може да се јави во различни делови од телото. Пациентите со малигна болест може да имаат истовремено повеќе различни видови на болка. Една студија укажала дека повеќе од 80% од пациентите имаат две различни болки, а повеќе од 30% имаат три различни болки.

Што ја предизвикува канцерската болка?

Пациентите со карцином имаат болка која може да е предизвикана од различни причини. Понекогаш е потребно доста време за да се открие точната причина за болката. Потребно е да се направат бројни дијагностички испитувања, тестови или биопсии. Болката може да е присутна и да трае неколку недели или месеци пред да се види туморот на рендгенска снимка. Пациентот може да се жали на болка долго време пред откривањето на туморот. Секој пациент е случај за себе и за откривањето на карциномот, како и причините за болката, се применуваат различни дијагностички тестови во зависност од локализацијата, типот и стадиумот на карциномот.

Но, независно од направените испитувања и тестови, докторот треба што е можно повеќе да се информира за историјата на болката која ја чувствува пациентот. Тоа значи дека ќе бидат поставени бројни прашања за тоа каде е локализирана болката, каква е таа по својот карактер, по интензитет, како и за тоа како болката влијае на психичката состојба на пациентот, односно дали таа со своето постоење доведува до вознемиреност или депресија кај пациентот. Емоционалната и психолошката состојба на болниот е од големо значење. Откога ќе се дијагностицира болката и ќе почне да се лекува, од голема важност е пациентот да соработува со лекарот и да го информира доколку болката се влошува или доколку постои некоја нова болка. Во тој случај или дотогашниот третман за болката ќе се смени и/или докторот ќе направи други дополнителни испитувања со цел да се открие евентуално постоење и на друга причина за болката. Според тоа, отворената и искрена комуникација помеѓу болниот и неговиот лекар е основен дел од евалуацијата на болката и тоа не само со пациентот, туку и со членовите на неговото блиско семејство.

Најчеста болка кај пациентите е онаа предизвикана од самиот тумор,но може да биде и од присутните метастази, од третманот на карциномот, но можно е да постои и болка која не е поврзана со туморот или онколошката терапија.

Испитувањата покажале дека умерена до интензивна болка се јавува кај една третина од онколошките болни кои се во фаза на активно лекување, додека пак кај пациентите со напредната болест, болката се јавува дури кај 60% до 90 % од пациентите.

Најчеста канцерска болка е онаа која се јавува кога туморите метастазираат во коските. Така, дури 60 до 80% од пациентите со коскени метастази имаат послабо или појако изразена болка.

Втората најчеста карциномска болка е предизвикана поради туморското инфилтрирање на нервите и мукозните мембрани. Туморот блиску до неуралните структури може да предизвика многу јака, неиздржлива болка.

Третата најчеста болка е поврзана со туморот и се јавува како резултат на примената на разните видови на специфична онколошка терапија. Според тоа, болките може да се јават како резултат на хируршкото лекување, применетата хемотерапија, радиотерапија, хормонотерапија, имунотерапија и другите тераписки опции.

Канцерската болка зависи од многу фактори, како што се: видот на карциномот, стадиумот на болеста и од толерантноста на пациентот.

Заклучок

Болката може да биде резултат на:

  • оштетување на крвните садови од страна на туморот, што доведува до послаба и пореметена циркулација,
  • коскени скршеници поради присутни метастази во коските,
  • инфекција и инфламација,
  • како последица на третманот на карциномот (при хемотерапија, радиотерапија),
  • поради притискање на нервите од страна на туморот,
  • психолошки и емоционални проблеми.