• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
И малигните болести имаат свои сигнали Печати

Докажано е дека малигната клетка живее биолошки 9 – 15 години во организмот, пред да се клинички манифестира како рак. Ракот или карциномот претставува застрашувачка дијагноза и во народот е познат како „она најлошото“. Но, медицината толку многу напредна во текот на последниве неколку децении што и за „она најлошото“ постои „најдобро решение“, а тоа е: прегледи на време, дијагноза на време и лекување на време.

Иако малигните болести често напредуваат постепено во организмот, нив секогаш ги пратат одредени предупредувачки знаци, кои понекогаш, за жал, многу луѓе ги занемаруваат и не им обрнуваат доволно внимание.

Организмот предупредува!

Докажано е дека малигната клетка живее биолошки 9-15 години во организмот пред да се клинички манифестира во болест – рак. Значи, ракот не постои од вчера.

Органи кои можат долго да молчат, да боледуваат, а да не дадат симптоми се бубрезите, кои кога ќе дадат клинички симптоми, веќе се многу оштетени. Ако се почувствува болка во долната третина на грбот, пратена со висока температура, бледило и општа слабост, потребно е да се направи ултразвучен преглед и комплетна лабораторија на крвта. Ракот на бубрегот кој се открива на време, може успешно да се излекува.

Слично е и со ракот на мочниот меур. Крвта во мочката бара сериозен и детален преглед. Иако на тоа не му се придава големо значење, појавата на крв во мочката е нешто што само од себе нема да помине. Крвта во мочката е алармантен знак и бара итен уролошки преглед. Од друга страна пак, многу пациенти сами се јавуваат на лекар поради крв во мочката, но матичните лекари едноставно не обрнале доволно внимание, па повеќето од нив и не ги пратиле своите пациенти на уролог за понатамошни испитувања.

Појавата на крв во мочката, дури и само еднаш, претставува силна причина за да се отиде на преглед. Многу состојби можат да доведат до повремена појава на крв во мочката. Тоа што привремено ќе престане крвта во мочката, не значи дека е се во ред. Крвта во мочката е знак кој не предупредува дека нешто се случува во нашиот организам. Често хематуријата е прв знак за рак на мочниот меур.

Ракот на простата е обично споро растечки тумор, кој може да се развива во тек на многу години. Често пати тој оди со пореметувања на мочањето. Најчести симптоми на ракот на простата се: често мочање, посебно ноќе, тешко започнување на мочањето, тешко запирање на мочањето, подолготрајно мочање поради послаб млаз на мочта, испрекинато мочање и капење на мочта по завршување на мочањето, печење и болка при мочањето, чувство на полн мочен меур по мочањето, потреба од итно мочање, болки во долниот дел на карличната регија, крв во мочта, болна ејакулација, болка во слабинскиот дел, во колковите и бутините, ослабен апетит и слабеење, болки во коските.

Доколку постојат потешкотии во мочањето или кој било од наведените симптоми и знаци, неопходно е да се отиде на лекар.

Овие симптоми и знаци не значат секогаш и сигурно постоење на рак, туку можат да бидат поврзани со некои други состојби и болести на простатата. Но, важно е ракот на простата да се открие на време, кога целосното излекување е можно во повеќе од 90% од случаите.

Постоење на тврдина во дојката е алармантен знак кој, исто така, бара итен лекарски преглед. Ракот на дојакта е најчесто малигно заболување кај жената и доколку се открие на време, може успешно да се излекува. Затоа, доколку се напипа тврдина во дојката, не треба да се чека, туку веднаш треба да се направат детални испитувања.

Ракот на грлото на матката е често малигно заболување кај жената. Најраните стадиуми на болеста може да бидат асимптоматски, т.е. да не дадат никакви симптоми. Првите симптоми, кои се знак за помалку или повеќе напреднат процес, се:

  • нечист, жолтеникав вагинален исцедок (секрет), повремено со примеси на крв,
  • оскудни крварења после коитус.

За превенција и рано откривање на ракот на грлото на матката од голема важност се редовните контролни гинеколошки прегледи. Тие можат да го откријат ракот на грлото на матката во многу рана фаза и да овозможаат рано започнување на лекувањето.

Малигните заболувања се во пораст, но доколку рано се откријат и навреме почнат да се лекуваат, тие се излечиви во голем број на случаи.

Прегледи по 40-тата година

За да успешно им се спротивставиме на малигните заболувања, неопходно е да се направат по 40-тата година рутински прегледи, еднаш годишно.