• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Здрави навики кои не чуваат од ракот Печати

Одредени здрави животни навики можат да го намалат ризикот од развој на некои видови на рак. Појадокот, прошетките или доењето на бебето се само некои здравите животни навики, кои допринесуваат во превенција на ракот. Превенцијата е најсигурен пат до здравјето.

По повод на националната кампања против ракот, која е во тек, лекарите повторно не потсетуваат на најчестите малигни заболувања: ракот на дојката, ракот на грлото на матката и ракот на дебелото црево, кои можат успешно да се излечат доколку се откријат на време. Меѓутоа, во голем број случаи овие малигни заболувања можат да се избегнат со усвојување на здравите животни навики.

Еве прочитајте кои се здрави животни навики, кои го чуват нашето здравје.

Редовно појадувајте - за 20% помал ризик од рак на хранопроводник

Појадокот е всушност најважниот и најкорисниот оброк во денот, освен ако не се состои од благо бело пециво.

Истражувачите откриле дека луѓето кои јаделе помалку калорична храна за појадок, всушност имале повисок степен на квалитетна исхрана. Овошјето, зеленчукот и храната богата со растителни влакна имаат помалку калории, додека белите пецива се покалорични.

Започнете го денот со квалитетен оброк, како би обезбедиле енергија за цел ден. Вообичаена навика на 58 % од луѓето е да го прескокнуваат појадокот. Тоа е најлоша навика. Појадокот би требало да ни го „разбуди“ метаболизмот и да ни помогне во одржувањето на нормалната телесна тежина.

Луѓето кои го прескокнуваат појадокот имаат 5 пати поголеми шанси да добијат рак на хранопроводникот отколку лицата кои јадат веднаш штом ќе станат. Причината се крие во тоа што храната го неутрализира дејството на вратената киселина од желудникот во хранопроводникот после ноќното спиење.

Но, немојте за појадок да пиете многу врел чај. Најновата студија покажа дека пиењето на многу врел чај може да го зголеми ризикот за настанување на рак на хранопроводикот.

Научниците од Кина утврдиле дека оние лица кој редовно пијат многу врел чај, веднаш откога ќе го турат во шоља, имаат 2-3 пати поголем ризик за настанување на рак на хранопроводник од оние кои не пијат чај или кој пијат оладен чај. Затоа, кинескиот научен тим советува да се почека барем неколку минути чајот да се олади, пред да почне да се пие.

Сеуште не е јасно како врелиот чај може да го поттикне развојот на ракот на хранопроводникот. Една од претпоставките е да честото пиење на врела течност ги оштетува клетките на слузницата на грлото и на хранопроводникот. Тоа оштетување на слузицата на хранопроводникот може да доведе подоцна до малигна трансформација на клетките и до развој на рак.

Јадете риба секој втор ден - за 30% до 50% помал ризик од рак на хранопроводник, рак на желудник и рак на дебело црево

Редовното консумирање на риба го намалува ризикот од рак на дебело црево, рак на желудник и рак на хранопроводник за 30 до 50 %, а може да го намали и ризикот од рак на дојка. Тајната е во тоа што рибиното масло го намалува нивото на арахидонската киселина, која во комбинација со другите хемиски супстанции во телото, предизвикува рак.

Престанете со пушење - за 90% помал ризик од рак на бели дробови

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на белодробен карцином. Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените, се оценети дека се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на белодробниот карцином се зголемува со бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно), времетраењето на пушењето, возраста кога започнало пушењето, од вдишувањето на тутуновиот дим, како и од количината на катранот и никотинот во цигарите (од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните партии на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај непушачите. Намалување на ризикот од појава на белодробен карцином се јавува и кај долгогодишни пушачи кои престанале да пушат.

Најдобар начин да се избегне добивањето на рак на белите дробови е да се престане со пушење. Некои долгогодишни пушачи сметаат дека престанувањето со пушење нема да има големо влијание на намалувањето на ризикот. Но, клиничките студии сепак покажале дека и долгогодишните пушачи, ако престанат да пушат имаат намален ризик да заболат од белодробен карцином, во споредба со оние кои продолжиле да пушат. Пушачите кои престанале да пушат повеќе од 15 години, имаат 80 до 90% намален ризик за развој на белодробен карцином, споредено со лицата кои продолжиле со пушење.

Но, престанокот на пушењето драматично го намалува и ризикот за рак на усна празнина, рак на грклан, рак на дојка, рак на грло на матка, рак на желудник, рак на мочен меур, рак на бубрег, рак на панкреас, рак на крвта.

Шетајте дневно барем пола час - за 50% помал ризик од рак на дебело црево

Секојдневните физички активности, како што се трчање, пливање или еден час вежбање, можат да го намалат ризикот од рак на дебело црево. Дури и средувањето на домот може да помогне, покажало истражувањето во кое учествувале повеќе од 413 000 испитаници во десет европски земји.

„Ова истражување е многу важно,бидејќи тоа опфати голем број на испитаници низ цела Европа, кои изведуваа различни физички активност“, изјавил водачот на оваа студија Dr Kristin Fridenrajh од Mеѓународната агенција за испитување на ракот (IARC), со седиште во Франција. Анализирајќи како физичките активности влијаат на развојот на ракот на дебелото црево, тимот од меѓународни експерти открил дека кај лицата кои најмногу вежбале, ризикот за појава на карцином на дебелото црево се намалил за 22%, а ризикот за појава на карцином на десната страна на дебелото црево се намалил дури за 35%. Оваа диспропорција не е објаснета.

Шетањето и другите физички активности го забрзуваат исфрлањето на сварената храна од организмот. Како што водата ги испира отровите од нашиот мочен меур, така физичката активност го забрзува чистењето на нашите црева.

Во борбата против ракот, физичката активност е волшебно оружје.

Светската Здравствена Организација (СЗО) вели дека дури една третина од сите случаи на рак на дојка, рак на органите за варење и рак на бубрег се предизвикани од физичка неактивност и вишок на килограми.

Значи, потрудете се да вежбате секојдневно по малку.

Секојдневно јадете зелено и портокалово овошје и зеленчук - за 50% помал ризик од рак на грлото на матката

Според истражувањето кое го спровеле научниците од Универзитетот во Аризона, зеленото и портокаловото овошје и зеленчук го напаѓаат хуманиот папилома вирус (ХПВ), кој предизвикува рак на грлото на матката.

Но, секако, не треба да се ограничите само на консумирање на овој вид на овошје и зеленчук. Сите видови на овошје и зеленчук се антиканцерогени. Научниците дури тврдат дека честотата на сите видови на рак би се намалила за 20%, кога би консумирале дневно најмалку 5 порции овошје и зеленчук.

Доете го вашето бебе што подолго - за 11% помал ризик од рак на дојка

Доете го вашето бебе 12 месеци и ќе го намалите ризикот за рак на дојка за 11%. Секое следно родено бебе го намалува ризикот за рак на дојка за уште 7%.

Објаснувањето на оваа појава најверојатно лежи во тоа што во текот на доењето се намалува нивото на естрогенот (многу тумори се поврзани со високата концентрација на естроген ).

Можно е и доењето да го менува составот на клетите на дојката, поради што тие стануваат поотпорни на канцерогените промени. Во секој случај, со доењето не се штитите само себе си, туку ги штитите и своите ќерки. Истражувањата покажале дека жените кои биле доени имаат три пати помал ризик да заболат од рак на дојка во споредба со оние жени кои, како бебиња, биле хранети со вештачко млеко.

Пијте најмалку 2 литра вода девно - за 50% помал ризик од рак на мочен меур

Ова е досега наједноставен начин на превенција кој е откриен. Магичното дејство на водата се крие во следново: водата ги испира канцерогените супстанции од организмот. Со тоа се намалува времето на контактот на овие канцерогени супстанции со sидот на мочниот меур. Најдобро дејство се постигнува ако 10 чаши вода ги распоредите во текот на целиот ден.

Иако и други врсти на течности можат да ве заштитат, сепак лекарите првенствено ја препорачуваат чистата вода, бидејќи таа не содржи токсини и калории. Всушност, вишокот на калории е уште еден фактор на ризик за развој на рак.

Земајте контрацептивни таблети - за 50% помал ризик од рак на јајчник

Оралните контрацептивни средства со ниско ниво на естроген и прогестерон се поефикасни во намалувањето на ризикот од рак на јајчник отколку старите формули на контрацептивните таблети, покажало истражувањето на научниците од Универзитетот од Хаваи, во Хонолулу.

Одамна е познато дека контрацептивните таблети го спречуваат настанувањето на ракот на јајчникот, велат научниците, но со развојот на новите контрацептивни таблети се смалувала и дозата на хормоните во нив.

Во ова клиничка студија биле вклучени 745 пациентки со рак на јајчник и 943 здрави жени со исти години и етничка припадност како и заболените жени со рак на јајчник.

Жените кои користеле било кои контрацептивни таблети имале 50% помал ризк за настанување на рак на јајчник, во споредба со жените кои никогаш не користеле никакви контрацептивни таблети.

Ризикот бил намален за 38 % кај жените кои користеле контрацептивни средства богати со естроген и прогестерон.

„До 42% случаи на заболени од рак на јајчник би можелe да се избегнат кога жените би земале некој облик на орални контрацептиви, а за 73% би се намалил ризикот кога сите жени би земале таблети со мала количина на хормони (естроген и прогестерон)“, изјавила водителката на студијата Dr.Galina Lurie.

Значи, ако земате контрацептивни таблети подолго од 5 години, ризикот за рак на јајчник се намалува за 50%. Причината за тоа е запирањето на овулацијата, а бројот на овулациските циклуси кај жената е поврзан со ризикот од рак на јајчник. Раѓањето на дете го намалува ризикот за 40%, од истите причини.

Контрацептивните таблети, исто така, го намалуваат и ризикот од рак на телото на матката и од рак на дебелото црево за 20%.