• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Алтернативи методи кај канцерот
Фитотерапија: Еукалиптус Печати

Еукалиптусот е долговечно зимзелено дрво, разгрането, високо над 50 метри. На едно дрво се наоѓаат два вида гранки, односно лисја.

По потекло, еукалиптусот е од Тасманија и Австралија, Но, денес се одгледува во многу земји со топла клима. Постојат преку 700 врсти на аукалиптус, а најголем број од нив доаѓаат од Австралија, додека мал број на врсти успеваат во Нова Гвинеја и Индонезија.

Лековити својства

Се користат исушени листови од дрвја стари над 3 години. Од нив се прави и етерично масло. Лисјата може да се собираат во секое време, бидејќи билката е зимзелена, но за лековити се сметаат само оние собрани кога цветаат дрвјата. Собраните листови се тврди, дебели, кожести, ситно брадавичести, со копјестојајцевиден изглед и свиткани во вид на срп. Имаат специфичен мирис, а вкусот им е ароматичен и горчлив.

Етеричното масло се добива со дестилација со водена пара на сувите листови и цветни пупки. Тоа е составен дел на разни препарати за лекување на ревматските заболувања.

Етеричното масло од еукалиптусот обично се користи како лек за смирување на воспалението на горните дишни патишта и како средство за полесно изфрлање на слузта, односно за полесно искашлување. Се користи и како течност за испирање на устата. Често етеричното масло влегува во составот на препаратите за нега и хигиена на забите.

Во ароматерапијата, маслото од еукалиптус се користи за намалување на болка, за лекување на депресија, за ублажување на астма, артрит, главоболка и како помош при откажување од пушење.

Најчесто маслото од еукалиптус може да се купи без лекарски рецепт, но во тој случај лицето треба внимателно да се придржува на советите на неговиот лекар и да ги прочита упатите на производот, затоа што прекумерна количина од ова масло може да предизвика сериозни последици.

Еукалиптусот не им се препорачува на трудниците, доилките, малите деца и доенчињата, осебно не во близнина на лицето и горните дишните патишта.

Еукалиптусот, исто така, може да предизвика алергиски реакции. Затоа доколку лицето е склоно кон алергии, треба претходно да се консултира со својот лекар. Во случај на појава на алергиски знаци, треба веднаш да се престане со користење на маслото од еукалиптус и лицето веднаш да се јави на лекар.

Кај лицата кои секојдневно користат одредени лекови, по препорака на доктор, комбинирањето на еукалиптусот и одредени врсти на лекови (на пример: седативи, антидепресиви или лекови за дијабет) може да доведе до здравствени потешкотии, па затоа е потребно тие лица претходно да се консултираат со својот лекар.

Чајот од билката се дава при воспаленија на горните дишни патишта (бронхит, бронхијална астма, трахеит, фарингит, ларингит и слично). Чајот од еукалиптус се препорачува и при воспаление на мочните патишта, бидејќи делува антисептично и антивоспалително.

Чај од листови од еукалиптус:

Една лажица суви лисја се попаруваат со 300 милилитри врела вода и садот се остава да стои покриен 20 минути. Се процедува и се пие по 100 милилитри, 3 пати на ден.

 

Најчитани текстови