• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Кои се причините и факторите на ризик за малигните тумори на плеврата? Печати

Малигните тумори на плеврата (мезотелиом) се ретки тумори. Во САД, во текот на 1993 година се регистрирани 3600 нови болни со мезотелиом и со повеќе од 2600 смртни случаи од оваа болест.

Причина и фактори на ризик за настанување на малигниот мезотелиом

Основната причина за појавата на мезотелиомот не е позната.

Постојат одредени фактори на ризик, кои ја зголемуваат можноста за појава на мезотелиомот кај некои луѓе. Но, проблемот е комплексен и до денес не се познати сите фактори на ризик.

Но, постоењето на еден или повеќе фактори на ризик, не значи дека и ќе дојде до развој на ова малигно заболување. Од друга страна пак, и лица кои немаат ниту еден фактор на ризик, заболуваат од мезотелиом.

Како познати фактори на ризик за ова малигно заболување се наведуваат следните:

Возраст

Малигните плеврални мезотелиоми се јавуваат помеѓу петтата и седмата деценија од животот (средна возраст е 60 години).

Пол

Мажите имаат поголем ризик да заболат од овој малигном. Така тој однос е 2.5 - 3:1, што произлегува од почестата професионална изложеност кај мажите со азбест.

Не е утврдена хередитарна предиспозиција за настанувањето на мезотелиомот. Исто така, не постојат податоци во литературата што го поврзуваат пушењето со развојот на мезотелиомот.

Професионална изложеност на азбест

Азбестот се смета за главна причина за појавата на малигниот мезотелиом.

Азбестот и силикатните влакна, употребени во изолациски цели, за прв пат беа спомнати како ризик фактори за настанувањето на мезотелиомот од Wagner во 1960 година. Подебелите кривулести влакна се депонираат во горните делови од респираторниот тракт и тие лесно се отстрануваат и се помал ризик од тенките игличести влакна (синиот азбест) кои се задржуваат во долните дишни патишта.

Ризикот од појавата на мезотелиомот кај работници изложени на азбест и членовите на нивните фамилии е 8-13% и 1% последователно. Времето што е потребно од изложувањето на азбестна прашина до појавата на клиничките симптоми на мезотелиомот варира од 15 до 50 години.

Животна средина

Малигниот мезотелиом почесто се јавува кај градското население, отколку кај селската популација. Се смета дека причина за тоа е поголемата изложеност на градското население на делувањето на азбестот при градба на бродови, во градежништвото, покривните и подните плочи, изолацијата во општествените и приватните куќи, како и употребата на некои текстилни материи.

Изложеност на јонизирачко зрачење

Кај мал број на болни со малигни мезотелиом се смета дека туморот е последица на изложеност на јонизирачко зрачење. Латентниот период од изложеноста на јонизирачкото зрачење и појавата на мезотелиомот варира од 7 до 36 години, средно 16 години.