• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Др. Лилјана Ацева-Андонова: Како да го спречиме ракот на простата?

Ракот на простатата е втор по честота рак кај мажите по 50-тата година од животот, веднаш по ракот на белите дробови.

Годишно кај нас од рак на простата, кој е на второ место по смртност од малигни заболувања кај мажите во Македонија, заболуваат околу 100 нови пациенти, а дури 90% од нив се откриваат во доцна фаза, кога и целосното излекување на болниот е речиси невозможно, вели д-р Лилјана Ацева – Андонова, специјалист радиотерапевт и онколог, шеф на отсек на одделот за лекување на урогенитални малигни заболувања при Универзитетската Клиника за Радиотерапија и Онкологија во Скопје и автор на книгата „Болести на простата - Рак на простата“.

„Ракот на простатата може успешно да се превенира и рано да се открие“, вели д-р.Ацева-Андонова. Таа како превенција за ракот на простатата ја истакнува правилната и здрава исхрана.

Еве неколку совети за здрава исхрана и за спречување на ракот на простатата, кои ни ги препорачува д-р.Л.Ацева-Андонова.

Свежо овошје и зеленчук

Треба да се консумира многу свежо овошје и зеленчук, најмалку 5 порции дневно, а да се намали консумирањето на масти од животинско потекло (црвено месо).

Овошјето и зеленчукот се природни извори на витамини и минерали, кои се јаки антиоксиданси и се борат против штетното дејство на слободните радикали во организмот.

Слободните радикали се создаваат во многу ситуации како што се: консумирање на животински масти и преработена храна (бел шеќер, бело брашно), загадена животна средина, користење на адитиви и бои во храната, медицински третмани (влучувајќи ги и лековите), бактериски инфекции, стрес итн.

Супстанциите кои ги штитат клетките на нашиот организам од оксидациското дејство на слободните радикали се нарекуваат антиоксиданси (пример: витамин Е, Витамин Ц, бета-каротин, селен). Антиоксидансите го чистат вишокот на слободните радикали во организмот и на тој начин го намалуваат ризикот од појава на карцином.

Антиоксидансите најмногу ги има во свежото овошје и зеленчук, кои го го јакнат одбрамбениот систем на организмот и спречуваат настанување на многу болести, вклучувајќи го тука и ракот на простатата

Како антиоксиданси, за кои се смета дека посебно штитат од појава на карцином на простатата се витамините и минералите како што се селенот и витамин Е, ликопенот и одредени напитоци како што се сокот од калинка и зелениот чај.

Зелест зеленчук

Треба секојдневно да се консумира зелест зеленчук. Во оваа група спаѓаат: брокула, зелка, карфиол и келј. Овој зеленчук содржи супстанција наречена сулфорафан која му помага на телото да ги обнови оштетувањата на клетките и спречува развој на рак на простата.

Ликопен – јак антиоксиданс

Ликопенот е, исто така, јак антиоксиданс од групата на каротеноиди. Тоа е црвен каротеноид, кој го има во овошјето и зеленчукот. Ликопенот го има во лубеницата, црвениот грејпфрут, гуавата, папајата, но најмногу го има во патлиџанот. Ликопенот се наоѓа во лушпата на патлиџанот. Препорачан дневен внес на ликопен е од 5 – 10 mg.

Истражувачите и научно ја потврдиле заштитната улога на ликопенот во настанувањето на ракот на простата, како и намалување на ризикот за рак на желудникот, на дојката и на кожата. Ликопенот може, исто така, да го успори и растот и ширењето на ракот на простата кај лица кои веќе се заболени од оваа малигна болест.

Мажите кои консумираат 10 патлиџани неделно имаат 45% помали шанси да заболат од рак на простата.

Соја – здрава намирница

Сојата е богата со изофлаворини, растителни хормони, кои се јаки антиоксиданси. Исто така, протеинот од сојата ги инхибира (кочи) ензимите кои го стимулираат зголемувањето на клетките на простатата.

Зрнест зеленчук

Зрнестиот зеленчук како грав, грашок и леќа може да помогне во превенцијата на ракот на простата. Интегралната храна од житарици, како што се: црниот леб, цералиите и други видови на тестенини можат, исто така, да го намалат ризикот од појава на некои видови на карциноми, вклучувајќи го и карциномот на простата.

Тиква и семки од тиква за здрава простата

Тиквата е богата со бета каротин, важен антиоксиданс, кој во организмот се претвара во витамин А. Поновите истражувања покажале дека исхраната богата со бета каротин може да го намали ризикот за појава на некои видови на рак. Семките од тиква содржат каротеноиди, омега-3 масни киселни и цинк. Тие се одговорни за благотворното дејство на семките од тиква на простатата. Семките од тиква се многу богати со магнезиум, манган, фосфор, железо, бакар, цинк, витамин К и белковини. Семките од тиква се природни заштитници против рак на простата.

Сок од калинка

Сокот од калинка содржи витамин Ц и Б5, калиум и многу важни растителни хормони. Растителните хормони го намалуваат ризикот за појава на рак на простата.

Зелен чај

Утврдено е дека зелениот чај како напиток има најголема количина на полифенол, кој е јак антиоксиданс. Откриено е дека народите кои пијат многу зелен чај имаат помала стапка на смртност од некои врсти на рак и како и од други заболувања.

Намалете го внесувањето на масти

Не можеме со сигурност да тврдиме дека намалувањето на внесените масти во нашето тело со сигурност ќе го спречи развојот на на рак на простата. Сепак, одредени видови на масти се поврзани со развојот на рак на простатата. На пример, мастите кои се наоѓаат во црвеното месо и млечните производи може да го зголемат ризикот за напреднат рак на простатата.

Од друга страна, мастите во рибата може да го намалат ризикот и да ги намалат шансите ракот да се развие во напредната фаза. Замените за рибиното масло немаат такво влијание на ракот, затоа е потребно барем два-три пати во неделата да се консумира свежа или смрзната риба.

Совети
  • Изберете сосови повеќе на база на патлиџан отколку кремасти.
  • Заменете ги масните грицки како чипсот и бисквитите со повеќе овоштие.
  • Избегнувајте го црвеното месо.
  • Отстранете ја кожата од пилешкото или мисиркиното месо.
  • Користете помалку зејтин при готвењето. Подготвувајте повеќе скара, печено или храна подготвена на пареа наспроти пржена храна.
  • Изберете помалку масно или безмасно млеко, сирење и јогурт или заменете ги овие млечни производи со алтернативни како соино или оризово млеко
Практикувајте редовна физичка активност и здрави животни навики

Редовната физичка активност и одржувањето на нормална телесна тежина, исто така, го намалуваат ризикот од настанување на ракот на простатата. Затоа, д-р Ацева –Андонова советува, покрај здрава исхрана, секојдневно да се практикува умерена физичка активност и да се усвојат здравите животни навики, како престанок на пушење и прекумерно консумирање на алкохол.

 

Прочитајте и: