• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Изгореници од сонце - Превенцијата е најважна Печати

Иако лицата со светол тен најбрзо горат на сонце, затоа што не се во состојба да произведат поголема количина на заштитен пигмент меланин, изгореници од сонце можат да се јават кај секој оној кој подолго време бил изложен на сончевите ултравиолетови зраци.

Прекумерното изложување на ултравиолетовите зраци А (УВА) предизвикува предвремено старење на кожата, но го зголемува и ризикот од рак на кожа. Исто така, изложувањето на ултравиолетовите зраци Б (УВБ) предизвикува изгореници. Црвенилото и болката се јавуваат после неколку часа по изложеноста на сонце и траат до недела дена. Често пати може да бидат пропратени и со болни пликови на кожата..

По 4 до 7 дена од изгорувањето на сонце, кожата се смирува и почнува да се лупи. Тоа е природен начин на кој телото се ослободува од мртвите клетки, кои можат да станат канцерогени.

Изгорениците може да предизвикаат и оштетувања во клетките на кожата, кои неможат да се поправат.

Понекогаш претераното сончање може да предизвика зголемена температура, изгореници од втор степен, дехидратација, пореметена равнотежа на електролитите, инфекција и шок.

Зошто гориме на сонце?

Кожата гори кога подолго ќе останеме на сонце. Научниците веруваат дека изгорениците во детството можат значително да го зголемат ризикот за малиген меланом, најопасен и најсмртоносен рак на кожа. Црвенилото и појавата на изгореници е хемиски одговор на телото на претераното изложување на сончевите ултравиолетови зраци. Без заштита, УВ зраци, кои неможат да се видат на кожата, можат да продрат длабоко во слоевите на кожата, оштетувајќи ги клетките. Сончевите зраци го оштетуваат јадрото на клетките, кое го носи генетскиот код на ДНК.

Изгорениците од сонце не се како изгорениците од топлина. Кога ќе добиете изгореници од сонце, надворешниот слој на кожата ослободува хемикалии од кои крвните садови отекуваат и пропуштаат течност. Ова доведува до воспаление, јадеж, црвенило, дехидратација, болки, а во потешки случаи и појава на пликови.

Превенцијата е најважна

Иако многу пати е кажано, сепак не е лошо повторно да се потсетиме – најдобра заштита е да го ограничите изложувањето на сонце, поточно да не се сончате во периодот помеѓу 10 и 17 часот. Многу е важно, пред да излезете на сонце или отидете на плажа, да нанесете крема со висок заштитен фактор, а таа постапка треба да ја повторувате секои 2 часа, како и после пливање.

Доколку сепак се најдете на јако сонце, пијте доста течности за да кожата и телото не ви дехидрира, а добро е и секојдневно да консумирате многу витамини и минерали, најдобро со исхраната, односно со консумирање на многу овошје и зеленчук. Од сонце штитат витамините Ц, Е и антиоксиданците, како што е бета-каротинот, кој уште го нарекуваат и „природен чадор за сонце“.

По изложувањето на сонце, намачкајте ја кожата со хидратантна крема, која ќе и даде влажност на кожата.

Зошто се лупи кожата?

Лупењето на кожата после сончевите изгореници е начин на кој кожата се ослободува од оштетените клетки. Ова е неопходно, бидејќи клетките оштетени од сончевите зраци можат да станат канцерогени. Иако кожата се лупи и се ствара нов слој, некои оштетувања од сончевите зраци можат да останат. Ова може да предизвика проблем подоцна во животот, па најважно е да пазите да не изгорите на сонце.

Подобро е да се спречи отколку да се лечи

Најчесто непријатните проблеми се случуваат на одмор, кога многу и не размислуваме за здравјето, туку им се препуштаме на убавините на летниот воздух, на морето и на сонцето и кога сакаме да добиеме убав бронзен тен. Доколку се случи да изгорите на сонце, никако немојте да ја лупите изгорената кожа и на ги. прскате пликовите.

Смирете ја кожата со ладни облоги, со ладна купка и туширање. Од голема корист се и лосионите од камилица или гел од алое вера, кои го намалуваат воспалението. Сувоста и лупењето на кожата може да ги ублажите со хидратантна крема.

Кај благите изгореници може да помогне и пченкарно брашно, како и традиционалниот лек – кисело млеко, кое треба да се нанесе на болните, изгорени места. По првата помош, оштетената кожа треба на сите можни начини да се заштити од понатамошно изложување на сонце.