• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што е хидроцела на тестис и како се лекува? Печати

Хидроцела е колекција на течност во обвивката околу тестисот (tunica vaginalis) или долж семеноводот. Името хидроцела на грчки јазик значи водена вреќа.

Хидроцелата може да биде вродена или стекната (хронична, секундарна).

Хидроцелата сама по себе не предизвикува поголеми проблеми и потешкотии. Сепак потребни се дополнителни, подетални испитувања со цел да исклучи можноста од постоење на некои сериозни болести, кои може да бидат причина за постоечката хидроцела.

Вродената хидроцела обично се манифестира во тек на 1-2 година од животот, додека пак хроничната, секундарна хидроцела се јавува кај мажи над 40 годишна возраст.

Симптоми на хидроцелата

Повеќето хидроцели се асимптоматски, односно не даваат никакви симптоми. Обично се јавуваат како безболно зголемување на скротумот. Пациентите некогаш се жалат на чувство на тежина во скротумот и препоната. Хидроцелата обично е безболна, па доколку постои болка, тогаш, најверојатно пости воспаление на надсеменикот (epididimitis). Хидроцелата може да се намалува при лежење, а се зголемува при стоење. Таа е сместена над и напред од тестисот. Во 7-10% од случаите, хидроцелата е обострана, т.е. се наоѓа во двата скротума.

Дијагноза на хидроцелата

Со самиот физикален преглед од страна на урологот, се поставува сомневање за постоење на хидроцела. Лесно се диференцира од солиден тумор на тестисот со транслуминација (просветлување) на скротумот (дијафоноскопија) во темна соба. Светлото лесно минува низ хидроцелата, но не и низ тестикуларниот тумор. Дијагнозата може да се верифицира и со ултасонографија. Дополнителни испитувања се сцинтиграфија на тестисот и радиолошки испитувања. Со лабораториските анализи на крвта и мочката може да се докаже евентуално присуство на воспаление. Со аспирација на хидроцелата ( земање на примерок на течноста со игла и шприц) покажува бистра течност. Аспрација на течноста со игла не е корисна, заради повторно собирање на течност, како и поради опасност од внесување на инфекција при аспирацијата.

Најважно е при дијагностициањето да се исклучи постоење на увртување (торзија) на тестисот.

Лекување на хидроцелата

Во детската возраст, хидроцелата често спонтано се повлекува, а ако не се повлече, тогаш потребно е со хируршки зафат да се затвори вагиналниот продолжеток (processus vaginalis peritonei) и да се отстрани хидроцелата.

Лекувањето на секундарната хидроцела ќе зависи од причината која предизвикала нејзино настанување. Во овие случаи треба да се открие основната болест и таа да се лекува.

Голема хидроцела, која ја пореметува циркулацијата во скротумот треба да се третира со операција или склерозантна терапија.

Компликации и прогноза

Можни компликции од присутна голема хидроцела се: пореметена циркулација во скротумот, поради притисокот од големата количина на течност во хидроцелата. Тоа може со тек на време да доведе и до атрофија на тестисот и до неплодност.

Компликациите од хируршкото лекување на хидроцелата се ретки, а можно е да се јави: крварење, пропратна инфекција, повреда на крвните садови или на семеноводот.

Вродените хидроцели имаат одлична прогноза и поголемиот број од нив спонтано исчезнува во тек на првата година од животот. Вродените хидроели, кои спонтано не се повлекле, успешно се излекуваат со хируршкиот зафат.

Прогнозата на секундарните хидроцели зависи од основната болест која ги предизвикала.