• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Земањето на суплементи селен може да го влоши ракот на простатата кај некои пациенти

Високите вредности на селенот во крвта може да го влошат ракот на простата кај некои мажи, кои веќе се заболени од ова малигна болест. До овој заклучок дошла најновата студија на истражувачите од „Dana-Farber Cancer Institute“ при Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.

Зголемен ризик за поагресивен рак на простатата бил откриен кај мажите со одредена генетска варијанта, која е најдена кај околу 75% од пациентите со рак на простатата, кои биле вклучени во студијата. Кај овие пациенти, високото ниво на селенот во крвта било поврзано со два пати поголем ризик за полош исход, во споредба со оној ризик што го имале мажите со најниски концентрации на селен во крвта.

Спротивно на ова, 25% од мажите со различна варијанта на истиот ген и со високи вредности на селен во крвта, имале 40% помал ризик од агресивна болест.

Варијантите се малку различни форми на генот кој им дава инструкции на клетките да ствараат манган супероксид дисмутаза (SOD2), ензим што го штити телото од штетните оксигени состојки.

Наодите на истражувачите сугерираат дека „ ако веќе имате рак на простатата, може да биде лошо да земате селен", вели Philip Kantoff, директор на „Dana-Farber's Lank Center for Genitourinary Oncology“ и еден од авторите на оваа студијата, која е објавена на веб страната на „Journal of Clinical Oncology“.

Водач на оваа студија е Dr. June Chan од Универзитетот на Калифорнија, Сан Франциско.

Овие неочекувани резултати од студијата се први кои ја објавиле загриженоста во врска со потенцијално штетната последица од земање на селен во вид на суплементи. Kantoff вели: „Овие наоди се интересни,особено после неодамнешните негативни резултати од SELECT превентивната студија, која испитувала дали селенот може да делува заштитно против ракот на простата“.

Новата студија открива дека силната интеракција помеѓу селенот и SOD2 влијае на биологијата на ракот на простата. Авторите велат: „Ова истражување покажа дека варијациите во SOD2 генот драматично го менуваат ефектот на селенот врз ризикот од агресивен рак на простата“.

Мали количини на селен се од суштинско значење за здравјето на човекот. Препорачаната дневна доза на селен е 40-70 микрограми.

Во последниве години, суплементите на селен беа продавани и промовирани како средство за спречување на ракот на простатата. Ова беше во голема мера базирано врз резултатите од обсервирачките студии, кои откриле поголем ризик од рак на простатата во областите кои се природно сиромашни со селен.

Неодамна, „SELECT“ студијата, во која учествуваа 35.000 мажи, беше прекината, кога, по повеќе од пет години, таа покажа дека суплементите не влијаат на инциденца на ракот на простатата.

Претходните студии открија дека ризикот од развивање рак на простата бил модифициран од силната интеракција меѓу SOD2 и селенот. Новото истражување било дизајнирано за да се видат ефектите од оваа интеракција кај мажите кои веќе се заболени од рак на простата.

Научниците ги испитувале примероците од крв, од ДНК, како и медицинската евиденција на 489 пациенти, дијагностицирани со локализиран или локално напредна рак на простатата, во периодот помеѓу 1994 и 2001 година. Средната возраст на пациентите била 62 години, и нивната средна вредност на PSA маркерот (простата специфичен антиген) била 6,0 ng / ml.

Околу половина од мажите биле оценети со добра прогноза на болеста, една третина со средена прогноза, а останатата една шестина од пациентите имале лоша прогноза. Истражувачите го мереле нивото на селен во крвта, користејќи ја зачуваната ДНК. Тие го одредувале SOD2 генотипот, т.е. специфичната форма на генот SOD2, каја ја имал секој пациент.

Самото високото ниво на селен во крвта било поврзано со малку покачен ризик од агресивен рак на простата. Но ризикот значително се зголемил со интеракцијата на на селенот со одредената варијанта на генот SOD2, која ја имал пациентот.

Мажите со највисоки нивоа на селен и „АА“ форма на генот SOD2 имале 40% помала веројатност да бидат дијагностицирани со агресивен рак на простата, отколку мажите со истата генетска форма, но со ниско ниво на селен во крвта.

Но, за мажите кои носеле "V" форма на генот, селенот имал спротивен ефект. Кај овие мажи, оние со највисоко ниво на селен во крвта, имале околу два пати поголема веројатност да имаат агресивен вид на рак на простатата, како и нивните колеги со ниско ниво на селен во крвта.

Студијата не можела да утврди дали некои од мажите земале суплементи на селен или не.

Но, научниците открија дека мажите во „SELECT“ студијата имале многу повисоки средни вредности на селен во крвта од оние во сегашната студија.

„Кај 25% мажи со „АА“ генотип, зголемените вредности на селен може да заштитат од агресивна болест“, заклучиле авторите. „Сепак, за 75% мажи кои носат „V“ генотип, повисоките нивоа на селен можат да ја зголемат веројатноста да имаат полоши карактеристики на туморот“.

Поради тоа, научниците предупредуваат дека е важно да се знае кој тип на ген SOD2 го има мажот, за да може да се оценат потенцијалните ризици и придобивки за преземањето на суплементи на селен.

Покрај тоа, авторите велат дека ефектите од интеракцијата меѓу SOD2 генотип и селенот може да ги објаснат конфликтните резултати од претходните студии.

Резултатите може да им се чинат неверојатни на јавноста, на која со години и се изјавува дека антиоксидансите може да им помогнат на луѓето да живеат подолг и поздрав живот, со помал ризик од рак.

Сепак, Kantoff вели: „Постои одреден преседан за ова - Истражувачите сугерираат дека антиоксидансите може да делуваат заштитно ако не постои рак, но штом тој ќе се дијагностицира, односно штом пациентот заболи од и рак на простата, тогаш антиоксидансите може да бидат лоша работа“.

 

Најчитани наслови