• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Прекумерната изложеност на јонизирачко зрачење го зголемува ризикот за рак Печати

Прекумерната изложеност на X-зраци и на друго јонизирачко зрачење го зголемува ризикот за рак. Јонизирачкото зрачење може да биде причина за развој на рак на кожата, на тестисите, на мезотелиомот, на штитната жлезда, на дојката и друго.

Јонизирачко зрачење и рак на дојка

Зголемен ризик за појава на рак на дојка е поврзан и со изложувањето на релативно голема доза на јонизирачко зрачење, кое е забележано кај преживеаните од атомските бомби во Нагасаки и Хирошима, како и кај жени кои се лекувани со радиотерапија при Morbus Hodgkin.

Ризикот се зголемува по латентен период од 10 до 15 години.

Јонизирачко зрачење и рак на штитна жлезда

Еден од најзначајните фактори на ризик за развој на рак на штитната жлезда е претходното озрачување (радиотерапија) на штитната жлезда.

Кај децата кои биле озрачени во пределот на вратната регија заради бенигни состојби, како на пример хиперплазија на тимусот, туберкулозен аденит (туберкулозно воспаление на лимфните јазли) и друго, по подолг латентен период од 10-20 години се јавуваат чворчиња (нодулуси) во штитната жлезда (кај 25% од озрачените деца), а околу една четвртина од нив се малигни, најчесто папиларни карциноми на штитната жлезда.

Исто така, кај озрачените од атомска бомба во Хирошима и Нагасаки забележена е зголемена инциденца на тироидниот карцином.

После хаваријата во нуклеарната централа во Чернобил во 1986 година, појавата на тиродниот карцином во Украина е зголемена за 10 пати.

Јонизирачко зрачење и рак на матка

Жените кај кои била спроведена радиотерапија во пределот на малата карлица имаат поголем ризик за развој на т.н. радијациско индуцирани тумори. Најчести се саркомите на матката.

Јонизирачко зрачење и малиген мезотелиом

Кај мал број на болни со малигни мезотелиом се смета дека туморот е последица на изложеност на јонизирачко зрачење. Латентниот период од изложеноста на јонизирачкото зрачење и појавата на мезотелиомот варира од 7 до 36 години, средно 16 години.

Јонизирачко зрачење и коскени саркоми

Како докажан надворешен фактор на ризик за настанување на остеосаркомот е јонизирачкото зрачење.

Коскените саркоми беа едни од првите тумори кај кои се откри етиолошката поврзаност на нивното јавување со јонизирачкото зрачење.

Доказ за тоа е следново:

Остеосаркомите се појавија како резултат на големото производство на инструментални бројчаници и часовници во САД и Канада, веднаш по Првата Светска војна. Бројчаниците биле боени со луминисцентна боја, која содржела радиум и мезоториум, помешани со цинк сулфид. Младите работнички ги ставале четките во уста, внесувајќи го со тоа и радиумот, кој се депонирал околу непцата, предизвикувајќи радионекроза на вилицата, а исто така, и на долгите коски на рацете и нозете, како последица на апсорпцијата на радиумот преку системот за варење. Така, голем број од овие работнички, по подолг латентен период, развиле остеосарком.

Покасно е откриено дека и надворешната зрачна терапија предизвикува појава на коскен сарком. Било утврдено дека, кај деца кај кои била спроведена зрачна терапија во пределот на коската, по одреден латентен период, се развива секунарен, зрачно индуциран остеосарком. Латентниот период е обично околу 10 години, по реализираната радиотерапија.

Коскениот сарком е еден од најчестите секундарни тумори, кој се јавува како последица на применетата радиотерапијата во детската возраст. Тоа е и главна причина зошто радиотерапијата често се избегнува во третманот на детските малигноми.

Најчесто овие зрачно индуцирани коскени саркоми се: остеосаркоми, а поретко фибросаркоми и малигни фиброзни хистиоцитоми.

Јонизирачко зрачење и рак на кожа

Ракот на кожата се јавува како доцно соматско оштетување предизвикано од изложеност на кожата на јонизирачко зрачење. Имено, во минатото се користело јонизирачко зрачење ( доза >10Gy) за лекување на бенигни состојби на кожата, како акни, псоријатична кератоза, хемангиоми. Таквото јонизирачко зрачење предизвикува радиодерматит (радијациско воспаление). Радиодерматитот се карактеризира со кожна атрофија, депигментација, телеангиектази (проширени капилари), алопеција (испаѓање на влакната) и кератоза. По еден подолг временски период, кај 20 до 40 % од овие пациенти се јавува планоцелуларен (или базоцелуларен доколку лезијата е на лицето) карцином на кожата.

Исто така, појавата на планоцелуларен карцином на кожата е забележан на рацете кај рендгенолозите, стоматолозите и рендген технолозите, при несоодветна заштита и изложеност на ирадијација на кожата на рацете. Со осовременување на радијациската апаратура и со спроведување на адекватна заштита од јонизирачко зрачење, ризикот за појава на рак на кожата, предизвикан од јонизирачко зрачење, драстично е намален.