• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Превенција на ракот според децениите на животот Печати

Ракот е најголем здравствен проблем на модерното доба. Но, за да вашиот страв не се претвори во фобија, L&Z експертите предлагаат програм на превенција по децениите на животот.

Во дваесетите години од животот

Рак на грло на матка

Зошто сега?

Иако најголем број случаи на рак на грло на матка се дијагностицираат во триесетите години од животот, навремената едукација на жените и превземањето на превентивните мерки во дваесетите години од животот, се од клучно значење, бидејќи е познато дека појавата на ракот на грлото на матката, за разлика од другите видови на рак, може целосно да се спречи.

Намалете го ризикот

Редовно одете на гинеколошки прегледи – секоја трета година после 25-тата година од животот. На тој начин го намалувате ризикот од рак на грло на матка за 90%.

Пушењето значително го зголемува ризикот, како и користењето на контрацептивни таблети подолго од 5 години.

Најновите истражувања покажуваат дека хламидијата е фактор, кој заедно со Хуманиот папилома вирус, го зголемува ризикот за појава на рак на грлото на матката. Затоа задолжително, како заштита од овие инфекции, користете презервативи. Бидејќи хламидијата, во најголем број на случаите, не се манифестира со симптоми, најдобро е да се тестирате. Инфекцијата успешно се лекува со антибиотици, додека нелекуваната инфекција може да предизвика сериозни здравствени последици, па дури и стерилитет.

Посебно посветете внимание на:

  • Нетипични, обилни или исклучително болни менструации.
  • Крварење во тек или после сексуален однос.
  • Абнормална вагинална секреција.

Малиген меланом

Зошто сега?

Овој, потенцијално смртоносен вид на рак на кожата, најчесто се јавува кај жените во дваесетите години од животот. Во оваа возрасна група, меланомот се дијагностицира двапати почесто отколку ракот на дојката.

Намалете го ризикот

Користете препарати со УВ заштита при секое излегување на сонце!

Не излегувајте на сонце помеѓу 11 и 16 часот. Задолжително носете капа, наочари за сонце и облека со долги ракави и долги панталони.

Избегнувајте ги солариумите. Истражувањата покажуваат дека изложувањето на овој вид на зрачење кај жените помлади од 35 години го зголемува ризикот за развој на меланом за 75 %.

Јавете се на дерматолог веднаш штом ќе забележите промени на бемките, посебно ако во вашето семејство има случаи на рак на кожа.

Посебно внимание посветете на:

  • Болка, крварење, црвенило, јадеж или формирање на крусти на бемките.
  • 4 основни параметри на меланомот се: асиметрија на бемката, неправилни ивици, промена на бојата на постоечката бемка, и пречник на бемката од 6 милиметри и повеќе.

Во триесетите години од животот

Рак на јајчник

Зошто сега?

Иако најголем број на случаи на рак на јајчник се регистрираат кај жени во постменопауза, овој тип на рак и понатаму е четврт по честота кај жените помеѓу 30 и 39 години. Еспертите велат дека ракот на јајчникот им прети на жените во третата, четвртата и петтата деценија од животот.

Намалете го ризикот

Дури половина од анкетираните жени мислат дека ракто на јајчникот може да се утврди со ПАПА тест. Но, ракот на јајчникот не може да се открие со ПАПА тестот.

Било кој фактор кој ја блокира овулацијата – таблета, бременост или доење, го намалува ризикот за настанување на рак на јајчник. Ако земате контрацептивни таблети во траење од повеќе од 5 години, ризикот за рак на јајчник се намалѕва за 20%.

Доколку во вашето семејство има случаи на рак на дојка или рак на јајчник, ризикот да се развие и кај вас рак на јајчник е поголем. Затоа, консултирајте се со вашиот матичен лекар за тоа колку често треба да правите редовни рутински прегледи.

Прекумерната телесна тежина е фактор на ризик за настанување на ракот на јајчникот, тврдат експертите. Масното ткиво произведува естроген, кој се доведува во врска со туморите чиј раст е хормонски условен. Научните студии покажуваат дека гојазните жени имаат дури 80% поголем ризик за развој на рак на јајчник во споредба со жените кои имаат нормална телесна тежина.

Посебно посветете внимание на:

  • Болка и надуеност на долниот дел на абдоменот. Губиток на апетит и брзо чувство на заситеност, Почесто мочање, Ако овие симптоми ги имате подолго време, јавете се на гинеколог и прегледајте ги вашите јајчници.

Рак на дојка

Зошто сега?

Ракот на дојката е најчест рак кај жените на возраст од 35 до 39 години. Раното дијагностицирање е услов за успешно лекување.

Намалете го ризикот

Намалете го консумирањето на алкохол. Секојдневното консумирање на една единица алкохол го зголемува ризикот од рак за 6%.

Бидете физички активни. Научно е утврдено дека гојазноста го зголемува ризикот за рак на дојка, додека редовната физичка активност и одржувањето на оптимална телесна тежина го намалуваат ризикот од рак на дојка.

Јадете многу овошје и зеленчук. Одредени видови на зеленчук, како што е на пример брокулата, содржат супстанции кои го запираат растот на малигните клетки и ги подобруваат ефектите на терапијата.

Скоро секоја 20-та жена носи ген кој го зголемува ризикот од рак на дојка. Доколку во вашето семејство има случаи на рак на дојка, отидете на превентивен лекарски преглед.

Посебно посветете внимание на:

  • Нетипични промени на дојките.
  • Правете еднаш месечно самопреглед на дојките. Самопрегледот е наједноставна, но најефикасна метода за рано откривање на ракот на дојката.
  • Доколку напипате безболна тврдина во дојката, веднаш јавете се на лекар. Добра вест е што 9 од 10 тврдини, кои жените сами ги напипуваат, се бенигни.

Во четириесетите години од животот

Рак на дебело црево

Зошто сега?

Ризикот за развој на рак на дебелото црево се зголемува со возраста, а најголем број на заболени се луѓе во петтата деценија од животот. Сепак, ова малигно заболување може да се јави и во дваесетите години од животот. После ракот на дојката, ракот на дебелото црево е најчест вид на рак кај жените.

Намалете го ризикот

Престанете да пушите, редовно практикувајте умерена физичка активност и не пиете повеќе од 14 единици алкохол неделно.

Доколку во вашето семејство има заболени од рак на дебело црево, од полипи, од улцерозен колит, на време проверете го вашето дебело црево. Раното откривање на болеста гарантира успешно излекување во дури 9 од 10 случаи.

Здравата исхрана е многу важна: јадете најмалку 5 порции овошје и зеленчук дневно и намирници богати со растителни влакна, а помалку консумирајте црвено месо.

Посебно посветете внимание на:

  • Отежнато празнење на дебелото црево кое трае подолго од еден месец.
  • Крвава столица или крварење од анусот.
  • Нагол губиток на телесна тежина.
  • Болка или присутна тврдина во абдоменот.
  • Замор.