• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Ноември - Национален месец за подигање на свеста за ракот на белите дробови!

Националниот месец на ракот на белите дробови е национална кампања за подигање на свеста за сите аспекти на ова сериозно и често малигно заболување. Целта е подобра едукација на светската популација за важноста на превенцијата, но и за важноста на раното откривање на болеста и нејзиното навремено лекување.

За време на Националниот месец на ракот на белите дробови се организираат бројни настани и активности: се дистрибуираат едукативни материјали, се организираат трибини и медиумски предавања. Исто така, за време на месецот на ракот на белите дробови се организираат трки, маратони и многу други забавни настани со кои се обезбедуваат финансиски средства за поддршка на научните истражувања.

Во многу земји во светот овој месец активно се прославува и на тој начин, не само што се подига свеста кај народот за ова малигно заболување, туку се обезбедуваат и големи финансиски средства за набавка на посовремени дијагностички апарати, за подобра терапија и грижа на болните од рак на бели дробови.

Ракот на белите дробови секоја година убива повеќе луѓе отколку што убиваат карциномите на дојката, простатата, дебелото црево и панкреасот заедно. Ракот на белите дробови е на самиот врв по смртност од малигни заболувања, иако е еден од ретките тумори, кој може успешно да се спречи. Тој е, велат лекарите, еден од најпревентабилните тумори.

Белодробниот карцином тешко се открива во раните фази, а, исто така, и тешко се лекува. Затоа се најважни превенцијата и раното откривање.

Сигурна превенција или 100% заштита од рак на бели дробови, не е можна, со оглед на тоа што не се целосно познати причините за неговото настанување, како и сите можни фактори на ризик. Но, со промена на некои животни навики во голема мерка може да ги намалиме шансите за појава на овој карцином. Фактите покажуваат дека дури 87 % од откриените случаи на рак на бели дробови биле предизвикани од пушењето, а во светот повеќе од 1 милион луѓе умираат од него. Национален месец на ракот на белите дробови е право време да се откажеме од пушењето. Со тоа нема само да се заштитиме самите, туку ќе ги заштитиме и непушачите од пасивно пушење

За да можеме превентивно да делуваме потребно е да дознаеме кои навики може да ни помогнат во превенцијата. Верувајте, можеме многу да направиме за да го намалиме својот ризик за настанување на рак на бели дробови.

Да го искористиме месецот на ракот на белите дробови за да научиме повеќе за убиецот број 1 меѓу малигните аболувања.

Дознајте повеќе за сите аспекти на ова најчесто малигно заболување.