• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Како да го победите есенскиот замор? Печати

 

Преодните годишни времиња, пролетта и есента, влијаат на состојбата на организмот. Во текот на пролетта се будат и бујат клетките на организмот, а во текот на есента метаболизмот се успорува. Затоа, во текот на овие периоди организмот тешко се привикнува на климатските промени.

Се јавуваат здравствени тегоби, замор, депресија, пад на имунитетот, кој резултира со алергиски реакции, желудечни тегоби и исцрпеност. Чести симптоми се: нагли промени на телесната тежина, пад на концентрацијата и пореметувања на сонот.

Виталноста опаѓа во есен

Организмот во текот на есента е склон кон вирози, бидејќи слабее одбранбената отпорност на организмот, опаѓаат енергетските потенцијали, а расположението е променливо. Потребно е време телото и психата да се навикнат и прилагодат на климатските промени, а овој процес зависи од состојбата на организмот и од психичката стабилност.

Освен хормонските промени и погледот во огледалото донесува разочарување и често предизвикува нерасположение. Косата и кожата се дехидрирани, без сјај и еластичност. Слично е и со фигурата. Кога доаѓаат првите студени денови лесно добиваме неколку килограми повеќе. Бидејќи ни престои зимата, вистински момент е да посветиме внимание на тоа што и како јадеме, како и какви ни се навиките.

Со витамини против заморот

Безволноста, заморот и падот на концентрацијата се карактеристични за есенските денови. Главни причини за заморот и падот на имунитетот се недостатокот на витамини и минерали, недостатокот на кислород во клетките, недоволен боравок на воздух и на сончева светлина.

Нутирционистите и лекарите советуваат повеќе движење, умерена и редовна физичка активност, шетање во природа, исхрана богата со витамини и антиоксиданси.

Со малку труд, со нов режим на исхрана и нов начин на живот можеме ефикасно да ги отстраниме и ублажиме симптомите на заморот, како и да уживаме во благодетите на сите годишни времиња.

Диетата е прв чекор

Прв чекот е диетата базирана на овошје, зеленчук, риба, немасни сирења и месо. Во текот на денот треба да се консумираат повеќе помали оброци, со што се растеретува организмот и се активира успорениот метаболизам. Исхраната богата со витамини го јакне имунитетот и ја враќа енергијата: Воедно, со ваквата исхрана ќе се избегне појавата на вишок килограми во текот на зимата, со што ќе се врати самодовербата и ведрината. Исто така, потребно е да се пие што повеќе вода и чаеви, кои го ослободуваат телото од токсините. Би требало да се избегнува консумирањето на алкохол и газирани пијалоци.

Ништо без физичка активност

Втор и подеденакво важен чекор е рекреацијата. Се препорачува шетање во природа. Избегнувајте долго седење во затворени и задимени простории, како и постојано возење во автомобил. Идеално е да се бавите со фитнес или да шетате секогаш кога за тоа ќе ви се укаже можност.

Светлината како антидепресив

Важно е да се знае дека во текот на есента и зимата има помалку сончева светлина, а таа го подига нивото на мозочниот хормон серотонин, кој е природен антидепресив или често наречен „хормон на среќата“. Затоа во текот на денот најдете слободно време да излезете надвор и не шетајте само навечер. Светлоста го подобрува расположението, па затоа кога сте дома не седите во темница, избегнете ја депресијата.

Чист дом – позитивни мисли!

Освен грижата за здравјето и убавината, неопходно е да се посвети внимание и на просторот во кој живеете. Вистински момент е да направите генерално чистење на вашиот дом. Насобраните предмети и нередот го реметат протокот на енергијата и негативно влијаат на расположението. Затоа, ослободете се од работите кои не ги користите, особено од старите часописи, кои не само што собираат прашина, туку се и вистински извор на негативна енергија.

Носете ведри бои

Не заборавајте дека и боите влијаат на психата. Носете ведри и топли бои. Портокаловата боја е извор на оптимизам, жолтата ја враќа енергијата, а розевата ја враќа ведрината. Избегнувајте ги црната, сивата и кафената боја. Тие го спречуваат протокот на енергијата и предизвикуваат негативни мисли.

Лошото расположение, според статистиките, најчесто ги погодува осамените лица. Неопходно е да се води активен и друштвен живот, Запишете се на некој курс или зачленете се во некој клуб. На тој начин ќе имате можност за нови познанства со лица со слични интереси. Тоа ќе ви помогне да не паднете во депресија поради осаменоста.