• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Што е замастен црн дроб (стеатоза) и кои се препораките за исхрана? Печати

Кои се функциите на црниот дроб?

Црниот дроб е најголема жлезда во човековото тело. Се наоѓа позади ребрата, во горниот десен дел од абдоменот. Се состои од два дела т.н. лобуси: десен и лев.

Црниот дроб има бројни и многу важни животни функции, кои се битни за одржување на здравјето на човекот. Една од важните функции на црниот дроб е продукција на жолчка, која е неопходна за разградување на мастите, а помага и во апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја и тука и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К. Жолчката се складира во жолчното кесе и се излачува во почетниот дел на тенкото црево (дуоденум), при процесот на варењето на храната. Според тоа, жолчката помага во разградувањето, односно варењето на храната.

Сите материи кои се апсорбираат од цревата, преку крвта, одат во црниот дроб во кој се одигруваат бројни важни метаболни процеси, при кои доаѓа до синтеза на многу супстанции неопходни за нормална функција на организмот.

Црниот дроб е важен и за детоксикација на некои отровни материи. Во него се прочистуваат отровните материи од крвта.

Црниот дроб е важен и за регулирање на шеќерот и холестеролот во крвта, како и за синтеза на повеќе белковини кои циркулираат во крвта.

И покрај фактот дека токму во црниот дроб се одвиваат многу животно важни функции, како и дека болестите на црниот дроб се наоѓаат на десетто место како причина за смрт, на него, односно на неговите заболувања, често не се обрнува доволно внимание. Причина за тоа делумно лежи во недоволното познавање на сите функции на црниот дроб, но и на фактот што симптомите на болестите на црниот дроб обично се неспецифични и настануваат постепено, подмукло.

Замастен црн дроб (стеатоза)

Една од главните функции на црниот дроб е преработка на мастите од храната во форми кои можат да се складираат и користат во организмот. Замастениот црн дроб или како стручно се нарекува стеатоза на црниот дроб е пореметување при кое доаѓа до прекумерно вградување на неутрални масти (триглицериди – една од формите на масти која се користи за добивање на енергија и стварање на нови клетки) во внатрешноста на клетките на црниот дроб. Нормално, црнодробното ткиво содржи извесен степен на масти, но доколку процентот на масти надмине 5% од вкупната маса на органот, зборуваме за замастен црн дроб. Повисок процент на масти во клетките на црниот дроб може да доведе и до посериозни компликации.

Стеатозата на црниот дроб настанува како последица на пореметеното разградување на мастите. Обично, поради тоа, црниот дроб благо или умерено се зголемува.

Пореметувањето може да биде привремено или долготрајно. Оваа состојба на замастен црн дроб, често може да биде последица на некое пореметување во функционирањето на организмот, а ако се занемари и не се лекува, се смета како фактор на ризик за настанување на други болести (рак на црн дроб). Често стеатозата на црниот дроб може долго време да биде неоткриена. Во најтешки случаи црниот дроб може да се зголеми дури и до три пати од својата нормална големина и станува болен и осетлив на допир.

Најдобриот начин за намалување на ризикот од настанување на замастен црн дроб е постигање на нормална телесна тежина и нормално ниво на триглицериди. Контрола на екцесивен внос на алкохол и други штетни супстанци.

Кои се причините за стеатоза на црниот дроб?

  • Често и прекумерно консумирање на алкохол,
  • Прекумерна телесна тежина (гојазност),
  • Недоволна телесна тежина (неухранетост),
  • Шеќерна болест (дијабет),
  • Изложеност на хемикалии,
  • Прекумерна употреба на лекови (кортикостероиди и слично),
  • Исхрана со недоволен внес на протеини,
  • Бременост,
  • Пореметувања на метаболизмот,
  • Дефицит на ензими.

Како треба да се третира замастен црн дроб?

Замастен црн дроб обично не бара тераписки третман, но постојат неколку чекори што треба да се превземат, со што би се превенирала натамошна оштета или подобрила состојбата кај веќе оштетен црниот дроб.

Во принцип до колку се работи за замастен црн дроб или НАСХ треба да се превземат следните чекори:

  • Редукција на телесната тежина. Притоа се мисли на постапно намалување, односно губиток на 1-2 кгр неделно.
  • Нормализирање на нивото на триглицеридите преку диетен режим, со лекови или и диета и лекови заедно.
  • Прекин на внос на алкохол.
  • Доколку се работи за дијабетичар, важно е да се одржува стабилно ниво на шекерот во крвта.
  • Балансирана исхрана, блага диета.
  • Зголемување на физичките активности.
  • Редовна контрола од страна на гастроентерохепатолог.

Исхрана

Во исхраната треба да се воведат повеќе помали оброци дневно (да не се преоптеретува желудникот).

Треба потполно да се исфрли од исхраната белиот леб и производите од бело брашно (тестенини од бело брашно и друго). Треба да се јаде леб направен од цело зрно на житарици (интегрален леб) и интегрални тестенини.

Наместо бел (глазиран) ориз треба да се јаде интегрален (кафен) ориз.

Жолчката од јајцето, сувомеснатите производи и црвеното месо треба потполно да се исфрлат од исхраната. Од место треба да се конумира само бело пилешко месо или месо од ќурка, како и посни видови на риба.

Може да се консумира немасен јогурт и павлака.

Не треба да се консумира пржена, масна и многу зачинета храна. Намирниците најдобро е да се припремаат со варење на пареа и со што помалку масло (најдобро маслиново масло), а храната минимално да се зачинува и тоа со растителни билки - зачини.

Треба да се избегнува мешункаст зеленчук, како и кромид и бел лук (лукот содржи големи количини на етерични масти). Максимално треба да се избегнува консумирање на бел шеќер и слатки, потоа кафе, а алкохолот и газираните сокови треба сосема да се исфрлат. На спиење никако не треба да се оди со полн стомак.

Редовната лесна физичка активност (25 минути дневно) е многу користа. Најдобро е да се пешачи, да се вози велосипед или да се практикува било кој друг вид на лесна рекреација. Ако постои гојазност, пожелно постепено е да се намали телесната тежина. Дневниот внес на течности изнесува најмалку 2.5 литри дневно.