• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Рак на крајници (тонзили) Печати

Палатиналните тонзили релативно често можат да бидат зафатени со примарен малиген тумор. Најчести видови на малигни тумори на тонзилата се карциномите и малигните лимфоми од типот не-Хочкин лимфом.

Причина за настанување

Точната причина за настанувањето на ракот на крајниците не е познат. Малигните тумори на тонзилата почесто се јавуваат кај мажите отколку кај жените. По правило се јавуваат кај лица постари од 50 години. Како фактор на ризик за ракот на тонзилата се наведуваат: хроничните иритации, пушењето, алкохолизмот и вирусните инфекции.

Во тек се многу истражувања кои ја испитуваат поврзаноста помеѓу ракот на тонзилата и инфекцијата со ХПВ вирусот. Британските научници откриле дека инфекцијата со ХПВ вирусот е една од главните причинители за развој на рак на тонзила кај непушачите. Тие откриле присуство на ХПВ вирус тип 16 во дури две третини од туморите на тонзилата. Овој вирус е главен причинител за рак на тонзила кај непушачите и кај лицата кој не консумираат алкохол.

Клиничка слика

Ракот на тонзилата во својот почетен стадиум има неспецифична симптоматологија. Доминира чувството на гребење и пецкање во пределот на крајникот, кое се засилува при голтање. Набрзо доаѓа до рефлексна болка во пределот на увото, до зголемено лачење на плунка, крв во плунка и непријатен здив од устата, кој се јавува како последица на некроза (изумирање) на туморот. Овие симптоми укажуваат на веќе напреднат процес.

Ракот на тонзилата често метастазира преку лимфните садови во регионалните лимфни јазли. Метастазите на вратот, во раниот стадиум на рак на тонзила, можат да се најдат во 60% случаи.

Ракот на тонзилата се шири и локално. Тој постепено ги зафаќа околните ткива и органи во устата. Го зафаќа јазикот, поради што доаѓа до негова ограничена подвижност. Може да бидат зафатени и птеригоидните мускули, а како последица на тоа, се јавува тризмус или грч на долната вилица. Болките и непријатниот здив (fetor ex ore) стануват се поинтензивни. Поради болките, ограниченото движење на јазикот и отежнатото голтање, пациентот се потешко се исхранува и губи во тежина. Некрозата на туморот доведува до секундарна инфекција, која може да доведе до флегмона на меките ткива на вратот. Доколку карциномот на тонзилата ги зафати големите крвни садови на вратот, може да дојде до интензивни крварења со смртен исход.

Дијагноза

Дијагнозата на ракот на тонзилата се поставува со анамнеза и физикален преглед (орофарингоскопија). Дефинитивната дијагноза се поставува со патохистолошка анализа на материјалот добиен од биопсијата или со анализа на оперативниот материјал.

Лекување

Терапијата на ракот на тонзилата зависи од стадиумот на болеста, од возраста на пациентот, од неговата општа состојба и од други т.н. прогностички фактори. Сепак, најголемо значење за изборот на адекватната терапија има стадиумот на болеста. Тој одредува дали се работи за локализиран, локално напреднат или метастазиран рак на тонзила. Во терапијата на ракот на тонзилата се вклучени: операција (тонзилектомија), зрачна терапија (радиотерапија) или хемотерапија. Најчесто се комбинираат овие 3 тераписки опции.