• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Дали витаминот К навистина штити од рак?

Иако се потребни дополнителни анализи кои треба да потврдат дали навистина витаминот К2 го намалува ризикот за настанување на рак и смртноста од рак, група на германски научници утврдила дека постои врска помеѓу малигните заболувања и нивото на овој важен витамин во организмот.

Лицата кои секојдневно консумираат намирници кои содржат поголеми количини на витамин К можеби се помалку подложни на малигни заболувања, особено кога станува збор за ракот на белите дробови или на простатата, порачуваат научниците од Центарот за истражување на ракот во Хајделберг.

Витаминот К се јавува во две основни природни форми – како К1 или филокинон и како K2 или менакинон. Витаминот К е познат и под називот „коагулационен витамин“, бидејќи учествува во коагулацијата (згрутчувањето) на крвта. Долго се сметало дека витаминот К е задолжен само за згрутчување на крвта. Но, понатамошните истражувања докажале дека овој витамин е присутен и во метаболитичките процеси на ткивата и коските.

Германските истражувачи утврдиле дека поголемиот внес на К2 витаминот најверојатно го намалува настанувањето на ракот и смртноста од рак, додека К1 витаминот нема таква улога.

Овој заклучок е базиран на податоците добиени од следењето на здравствената состојба на 24.340 Германци, на возраст од 35 до 64 години, кои на почетокот на студијата не боледувале од рак.

Проценката на нивното консумирање на витаминот К2 се базирала на детален прашачник за исхраната, кој го пополнувале учесниците во студијата.

Во текот на 10 години, кај 1.755 ученици во ова истражување биле дијагностицирани рак на дебело цреево, рак на дојка, рак на простата или рак на бели дробови, од кои 458 умреле во текот на студијата.

Тимот на научници, кој ги предводел д-р Јакоб Линзајзин, утврдил дека четвртина од испитаниците со најголем внес на витамин К (92 и повеќе микрограми дневно за мажите и 84 и повеќе микрограми за жените) имаат 28% помал ризик да умрат од било кој тип на рак, во споредба со групата испитаниците со најмал внес на овој витамин.

При тоа биле земени во предвид и факторите како што се: возраста, телесната тежина, навиките во врска со физичката активност, пушењето и внесот на некои други прехрамбени состојки, како што се растителните влакна или калциумот.

Меѓу четвртината испитаници со најмал внес на витамин К, од еден од наведените 4 видови на рак, во текот на студијата умреле 156 лица, или 2.6%, додека меѓу оние испитаници со највисок внес на витамин К, од рак умреле 1,6%.

Студијата покажала дека постои сигурна врска помеѓу внесот на К витаминот и ризикот за настанување на рак на бели дробови и на простата, додека тоа не било утврдено за ракот на дојката или на дебелото црево.

На пример, во групата со најнизок внес на витамин К биле регистрирани 111 случаи на рак на простата, а во групата со највисок внес на витамин К биле резистрирани 65 случаи на рак на простата.

Др. Линзајзин и неговите соработници потсетуваат дека некои претходни лабораториски истражувања укажале дека витаминот К може да го инхибира растот на клетките на ракот и да ја поттикне апоптозата – „самоубиствениот процес на малигните клетки“.

Меѓутоа, сеуште не може со апсолутна сигурност да се тврди дали токму витаминот К е заслужен за помалиот ризик за заболување од рак во конкретната студија.

Можно е, на пример, некои од состојците во сирењето, кое било главен извор на витаминот К кај германските испитаници, да го имаат благотворното заштитно дејство против ракот.

Поради тоа, авторите на студијата препорачуваат во идните истражувања да се мери нивото на витаминот К во крвта на испитаниците и да тој податок се споредува со учестеноста на заболувањето од рак.

Природни извори на витамин К

Најголем природен извор на витаминот К1 е зелениот лиснат зеленчук, како што е: спанаќот, зелката, кељот, прокељот, карфиолот, брокулата. Го има и во кивите, во некои растителни масла, најмногу во сојиното масло, а две лажички магданос содржат дури 153 % од дневните потреби на организмот.

Значајни количини на витаминот К2 има во месото, јајцата и млечните производи.

Бактериите кои влегуваат во состав на нормалната цревна флора, исто така, можат да направат одредена количина на витамин К. Лицата кои земаат поголеми дози на антибиотици се во опасност од недостаток на овој витамин, бидејќи антибиотиците ја нарушуваат нормалната цревна флора.

 

Најчитани наслови