• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Плава риба – здрава храна која ни ја дава морето

Нутриционистите препорачуваат да се јаде плава риба барем два пати неделно и тоа приготвена со рибино масло. Рибата е богата со протеини и минерали, како и со рибино масло кое е содржи големи количини на омега 3 масни киселини.

Народите кои живеат покрај море поретко заболуваат од дегенеративни и кардиоваскуларни заболувања за разлика од оние кои живеат во густо населените урбани средини со „тешка“ исхрана. Ова се должи на специфичната исхрана која се состои од риба, вино, маслиново масло, како и на благата приморска клима.

Особено се препорачува плавата риба која се храни со планкотни, а тоа се сардината, туната и другите видови на плава риба.

Месото од рибата е лесно сварливо, па затоа рибата често се вбројува во диетална немирница. Рибата содржи витамини и минерали, но и особено важните Омега 6 и Омега 3 масните киселини (DHA -докозахексаеноична киселина и EPA - еикозапентаеноична киселина). Најповолен однос на овие киселини е 2 :1.

Човечкиот организам не располага со ензим кој ги разградува двојните врски на масните киселини поголеми од 10 јаглеродни атоми, па затоа мора да се внесува со храната.

Морската риба е богата со омега 3 масни киселини

Омега 3 масните киселини се важни за нормално функционирање на мозокот и нервниот систем. Внатрешноста на мозокот и надворешните мембрани на невроните се изградени од Омега-3 масни киселини. Омега-3 масни киселини од рибата што ја конзумираме помагаат да се одржи нивната структура и интегритет. Значи, омега 3 масните киселини се важни за когнитивното функционирање на мозокот, за меморирањето, визуелното распознавање и друго.

Омега-3 масните киселини го намалуваат ризикот од кардиоваскуларни болести. Бројни клинички студии потврдиле дека омега 3 масните киселини го намалуваат ризикот од аритмии кои можат да бидат причина за нагла смрт, го намалуваат нивото на триглицериди во крвта, го намалуваат крвниот притисок. Една порција неделно со риби богати со есенцијални масни киселини може да го намали ризикот од срцева слабост кај луѓето, според најновите истражувања од САД и Шведска.

Морската риба е богат извор и на други корисни нутрициенти

Морската риба е богат извор на минерални соли, првенствено на јод, калиум, натриум, бакар, селен, цинк. Сите врсти на риба содржат витамини од Б групата – Б1, Б2, Б6 и Б12, кои се неопходни за правилно функционирање на нервниот систем.

Рибата е богата со калиум

Рибата е богата со калиум, кој е неопходен за раст, развој и одржување на еластичноста на ткивата. Калиумот се споредува со калциумот, бидејќи им е неопходен на меките ткива исто како што калциумот им е неоходен на тврдите ткива.

Недостатокот на калиум може да предизвика многубројни тегоби, меѓу кои најтешки се заболувањата на зглобовите. При недостаток на калиум се јавува губиток на животниот елан и чувство на длабоко нерасположение. Луѓето стануваат летаргични, безволни, лесно се заморуваат, чувствуваат физички и душевен замор, почувствителни се на ладно, поподложни на чести настинки, го губат апетитот, чувствуваат гадење, имаат кршливи нокти, слаба коса, сува кожа подложна на инфекции.

Рибата е богата со калциум

Рибата е богата и со калциум, кој е неопходен за правилен раст и одржување на цврстината на коските и забите. Долготрајно неадекватно внесување калциум допринесува за развој на остеопороза. Многу клинички студии укажуваат дека нискиот внес на калциум е поврзан со намалена коскена маса, брзо губење на коскена маса и честа појава на фрактури. Затоа рибата, како и другите намирници богати со калциум им се препорачуваат на лицата со остеопороза, но и на сите повозрасни лица како превенција на остеопорозата.

Рибиното масло е добар извор на омега 3 масни киселини и на витамините А и Д.

Според процентот на масти, рибата ја делиме на: немасна со помалку од 2% липиди (бакалар, ослич), помалку масна риба со 2-5% липиди (сардина, зубатац) полумасна риба со 5-10% масти (туна, сабјарка) и масна риба со повеќе од 10% масти (скупа, јагула).

Масната риба е воедно и побогата со омега 3 масни киселини.

 

Прочитајте и: