• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Алергијата на сонце сè почеста – заштитата на кожата треба да е на прво место Печати

Сонцето е извор на живот. Тоа ни го подобрува расположението и не тера да излеземе надвор. Иако летото ни пружа многу можности за забава во природа не треба да заборавиме дека во овој период од годината сонцето е најопасно. И покрај благотворниот ефект, на сончевите зраци треба да се изложуваме со внимание. Дури и краткотрајното изложување на прејако сонце може неповолно да делува на нашата кожа, очи и коса.

Сè почести алергиите на сонце

Во последно време сè почести се алергиските реакции на сонце. Кај чувствителните луѓе, директното изложување на сонце може да предизвика реакција на имунолошкиот систем. За разлика од правите алергии, кај кои телото реагира на алерген од надворешната средина (на пример: полен, прашина...), кај алергијата на сонце имунолошкиот систем на телото реагира на природните промени кои се случуваат на кожата после сончањето. Се претпоставува дека тоа е одговор на сопствениот имунулошки систем, кој некои компоненти на сончаната кожа погрешно ги препознава како туѓи и поради тоа се јавува алергиска реакција, во облик на мали меурчиња, осип, оток, црвенило или некои други промени, кои во екстремни случаи зафаќаат поголеми делови од телото.

Црвенилото, осипот и јадежот се основни симптоми на алергијата предизвикана од сончевите зраци. Стручњаците тврдат дека алергиите на сончевите зраци се во пораст во сите земји. И додека изгорениците се чести кај лицата со посветол тен, алергијата на сонце не ја бира жртвата – таа ги погодува луѓето со секаков вид на кожа.

Што треба да знаеме за алергијата на сончевите зраци?

Алергиите на сонце се доста чести – се јавуваат кај околу 20% од луѓето. Во повеќето случаи луѓето кои патат од поблага форма на алергија не се ни свесни дека се алергични на сончевите зраци, бидејќи мислат дека се работи за изгорена кожа после сончањето.

Но, кај некои луѓе се јавува реакција за која тие мислат дека е алергија на сонце, а всушност се работи за кожна реакција на лекови кои ги земаат или на средства кои ги намачкале на кожата, вклучувајќи ги и кремите за сончање (фототоксичен дерматит). Кај нив се јавува иритација на кожата во форма на црвенило и печење на кожата, а постои можност да се јават и пликови и лупење на кожата. Во овој случај не учествува имунолошкиот систем, па затоа не се работи за алергиска реакција.

Форми на алергија на сонце

Најчесто се јавуваат 3 вида на фотоалергиски реакции:

  1. Полиморфна светлосна ерупција (PMLE).
  2. Контактен фотоалергиски дерматит.
  3. Соларна уртикарија.

Симптоми на алергијата на сонце

Алергиската реакција обично се јавува неколку часа по изложувањето на сонце. По сончањето во текот на денот, навечер на кожата почнуваат да се јавуваат меурчина или црвенило и силен јадеж.

Најчести се полиморфните ерупции, кои обично се манифестираат како надразнувачки оток на вратот, рацете и нозете, а се појавува неколку часа по изложувањето на сонце. По целодневно изложување на сонце, отокот црвенилото и другите промени се јавуваат и за време на ноќта. Полиморфните ерупции, воглавно изгледаат како убод од инсект. Ако алергиската реакција не се лекува, таа може да трае неколку дена, па дури и две недели.

Лекување

Луѓето кои се алергични на сонце, пред летната сезона, мора да се припремат со фототерапија, која треба да ја препише лекар специјалист – дерматолог. Потребно е да се зема и доволна количина бета каротин, кој ја штити кожата од сончевите зраци.

За лицата кои патат од полиморфна светлосна ерупција (PMLE), јадежот им е многу потешко поднослив од осипот. Затоа, често се користат орални антихистаминици, а понекогаш е потребно и лекување на осипит со стероидни креми. Најдобро е лицата со алергија да се консултираат со својот лекар за терапијата.

Доколку алергиската реакција по излагање на сонце се повторува или ако реакцијата е појако изразена (опфатен поголем дел од кожата, појава на пликови, интензивно црвенило, неиздржлив јадеж...) треба лицето веднаш да се јави на лекар.

Најважна е превенцијата - да се заштитиме од сонцето

Многу е важно лицата со алергија на сонце, особено оние кои имаат хронична полиморфна светлосна ерупција (PMLE), да се заштитат од сончевите зраци. Тие треба да избегнуваат сончање, особено во периодот помеѓу 11 и 17 часот, да носат долга светла облека од природни материјали, која ги одбива сончевите зраци и ја покрива кожата.

Треба да се заштити и кожата на лицето, како и очите. Потребно е постојано да се носат капи или шешири со широк обод и квалитетни очила за сонце. Потребно е да се користат заштитни креми со висок заштитен фактот – 50. Покрај тоа треба да се пијат и доста течности.