• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Бронхоскопија Печати

Бронхоскопијата е инвазивно испитување со кое се прегледуваат дишните патишта, дишникот (трахеа), главните дишни патишта (бронхуси), и помалите бронхии со користење на посебен инструмент-бронхоскоп.

Со бронхоскопијата може да се испитува и грлото (ларингс) со гласните жици.

Постојат два типа на бронхоскопи-ригидни (несвитливи) и флексибилни (свитливи).

Најчесто употребуван е флексибилниот бронхоскоп и тој претставува свитлива цевка со дијаметар од околу 2,2 милиметри и поголем.

Бронхоскопот се внесува преку носот или преку устата во дишните патишта.

Оваа свитлива цевка содржи фибер-оптички систем на чиј врв се наоѓа камера и осветлување. Светлото патува низ фибер-оптичкиот систем и ја осветлува внатрешноста на дишните патишта. Сликата видена на врвот од бронхоскопот се пренесува низ фибер-оптички систем назад до видео камера и можат да се прават слики од прегледот или целиот преглед може да се сними на диск.

Со помош на бронхоскопија лекарот може да ја види внатрешноста на дишните патишта и истовремено да земе материјал доколку е потребно.

Понекогаш малигните клетки се населуваат длабоко во белите дробови и тешко се пронаоѓаат и идентификуваат. Овој материјал може да се добие со промивање на дишните патишта со физиолошки раствор-бронхеоалвеоларна лаважа. Лекарот инјектира мала количина на физиолошки раствор низ бронхоскопот и потоа ја аспирира истата течност назад преку каналот на бронхоскопот и овој материјал се праќа за патохистолошко испитување.

Фибербронхоскопијата е задолжителна дијагностичка метода кај пациентите со белодробен карцином. Со оваа метода се врши проценка за проширеноста на болеста и се зема биопсија од видливите туморски маси за хистолошка анализа.

Кај видливите тумори, со бронхоскопија, вкучувајќи го и брашингот, промивката на бронхијалното стебло и тенкоиглената трансбронхијална биопсија за цитолошко испитување, се докажува малигност во 90% од случаите.

Фибербронхоскопијата е помалку вредна метода за дијагностицирање на периферните белодробни тумори, и доколку е туморот помал од 2 cm, процентот на позитивните наоди изнесува околу 30%.

Изведба на бронхоскопија

При закажувањето на прегледот од особена важност е пациентот да го информира лекарот доколку зема лекови кои ја спречуваат коагулацијата на крвта.

Овие лекови треба привремено да се прекинат, 5 до 7 дена пред изведувањето на бронхоскопијата, поради опасноста од зголемено крварење за време на дијагностичката процедура.

Бронхоскопијата се изведува во болнички услови од страна на специјалист кој е посебно обучен за изведба на бронхоскопија.

На пациентот му се даваат лекови за смирување преку венска инфузија.

Пациентот се поврзува за монитор преку кој се следат виталните функции како срцева фрекфенција и крвен притисок. На пациентот му се даваат лекови за инхалирање со кои се анестетизираат дишните патишта со што се спречува рефлексот за кашлање. Потоа се анестезираат и носната лигавица и грлото. Бронхоскопот се спроведува преку носот или преку устата до ниво на гласните жици каде се испушта локален анестетик за анестезија на гласните жици и потоа бронхоскопот се спроведува преку душникот (трахеа) до дишните патишта. По завршување на процедурата, бронхоскопот се извлекува. По процедурата пациентот е буден, но поспан поради дадените лекови за смирување.

Несакани ефекти

Флексибиланата бронхоскопија е релативно безбедна дијагностичка метода.

Но сепак можни се комликации, од кои најчеста е покачена температура по процедурата, која обично се симнува со лекови.

При изведување на биопсија можно е крварење по процедурата.

Можна е појава на пнеумоторакс односно собирање на воздух околу белите дробови, кој доведува до колапс (собирање) на белите дробови, и доколку е многу изразен потребно е поставување на цевка преку градниот кош за да се извади овој воздух и белите дробови повторно да се рашират. Кај некои пациенти потребно е давање на кислород во тек и по процедурата.

Како привремени несакани ефекти од оваа дијагностичка процедура се наведуваат: болка во грлото и кашлица со крвав искашлок (хемоптизии), посебно доколку при бронхоскопијата е земена и биопсија. Меѓутоа, овие симптоми постепено се губат, по некое време од реализирањето на бронхоскопијата.

Траење на процедурата

Самата процедура (заедно со поставување на инфузија, седација) трае околу 45 минути. По изведувањето на процедурата, обично се чека пациентот да биде потполно свесен. Целата процедура обично трае до 4 часа во болница.