• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Со чисти заби спречете ги срцевите заболувања

Која е врската помеѓу срцето и забите?

Редовното четкање на забите и користењето на забниот конец ќе ви даде многу повеќе од блескава насмевка. Поточно, добрата и правилна орална хигиена може да го намали ризикот од срцеви заболувања.

Ако внимавате на својата исхрана, ако не пушите, умерено консумирате алкохол и практикувате физичка активност, се со цел да го одржите здравјето на вашето срце, постои уште еден чекор кој може да го направите, а кој на прв поглед не е поврзан со здравјето на овој витален орган.

Истражувачите од Универзитетот во Бристол тврдат дека внимателното четкање на забите и користењето на забниот конец се подеднакво важни за здравјето на срцето како и другите здрави фактори на живеењето.

Нашата уста содржи бактерии кои, поради заболување на непцата, може да влезат во крвотокот и да создадат тромби, кои пак, преку крвотокот, може да стигнат до секој орган и да предизвикаат, на пример, срцев удар.

Овие бактерии, стрептококи, исто така, ослободуваат протеин PadA во крвотокот, кој овозможува згрутчување на крвта.

„Лошата орална хигиена може да доведе до крварење на непцата, а на тој начин на бактериите им се отвара пат за да навлезат во крвотокот, каде може да го започнат создавањето на тромбите – водечка причина за срцевите болести“, тврди Dr. Howard Jenkinson, водачот на студијата.

Кога тромбоците ќе се насоберат, тие во целост ги опкружуваат бактериите и на тој начин ги заштитуваат од имунолошкиот систем, но и од антибиотиците кои се користат за лекување на воспалението.

„За жал, освен што насобраните тромбоцити им помагаат на бактериите, насобирањето на тромбоцитите може да создаде мали крвни згрутчувања (тромби), израстови на срцевите залистоци (ендокардити) или воспаление на крвните садови, кои ја блокираат снабденоста на срцето и мозокот со крв“, објаснил Prof. Jenkinson.

Стоматолозите препорачуваат да се четкаат забите најмалку два пати на ден, а идеално би било после секој оброк, без разлика колку е оброкот голем или мал. Слично на тоа, препорачуваат и користење на забен конец и на интердентални четки за оние места каде што влакната на четкичката тешко допираат.

Друга студија, во која биле опфатени 11.000 испитаници, покажала дека кај луѓето кои никогаш или многу ретко ги мијат своите заби, ризикот да се развие срцево заболување е поголем и за 70%.

 

Најчитани наслови