• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Ракот на дебелото црево побрзо напредува кај мажите

Инциденцата на колоректалниот карцином (рак на дебело црево) е два пати повисока кај мажите.

Мажите кои боледуваат од рак на дебело црево повеќе се склони кон понапредни тумори од жените на иста возраст, тврдат австриските научници.

Кога е во прашање полот и ракот на дебелото црево, се чини дека мажите почесто заболуваат од понапреднати форми на рак на дебело црево отколку жените. До овој заклучок дошле австриските истражувачи, кои сметаат дека препораките за скрининг за ова малигно заболување треба да се прилагодат и спрема возраста и спрема полот.

Со скринингот лекарите може да ги откријат полипите (аденоми), но и ракот на дебелото црево во неговата почетна фаза.

Полипите (аденоми) се бенигни израстоци во цревата, кои растат во внатрешноста на шуплината (лумен) на цревата. Иако се бенигни, полипите со тек на време, во период од 10 до 15 години можат да се трансформираат во малигни т.е. да доведат до развој на рак на дебелото црево.

Полипите се разликуваат по големината, а нејчесто се сместени во долниот дел на дебелото црево и ректумот (завршниот дел на дебелото црево). Лицата кои имаат цревни полипи изложени се на поголем ризик од развој на рак на дебелото црево. Затоа, се препорачува хируршко отстранување на полипите, со што се спречува равојот на ракот на дебелото црево. Полипите најчесто се откриваат случајно, при скрининг за рак на дебелото црево.

Австриските истражувачи во својата студија ги анализирале податоците на 44.350 лица од националниот програм за скрининг и утврдиле значително повисока стапка на полипите кај мажите отколку кај жените, во сите возрасни групи.

Така, 5% од машките испитаници имале напредни аденоми споредено со 2,9 % од женските испитанички на возраст меѓу 50-54 години. Стапката на колоректалниот карцином била слична кај мажите на возраст помеѓу 55и 59 години (1,3 %) со онаа на постарите жени – на возраст помеѓу 65 и 69 години (1,2 %).

Генерално, инциденцата на колоректалниот карцином кај сите испитаници била два пати повисока кај мажите.

Студијата била објавена во научниот часопис „American Medical Association“.

 

Најчитани наслови