• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Мажите почести жртви на меланомот!

Меланомот е најмалиген вид на кожен карцином. Тој е и најчеста причина за смрт од кожен карцином. Настанува поради неконтролирано буење на меланоцитите, клетки кои го произведуваат пигментот на кожата.

Меланомот може да се јави ненадејно на било кој дел од телото или да се развие од постоечка бемка на телото. Раната дијагноза и навремениот третман на кожниот меланом се императив, бидејќи меланомот може многу брзо да се прошири во другите органи и ткива, односно може многу брзо да метастазира. Секој час едно лице умира од меланом.

Иако се јавува во само 4% од сите видови на рак на кожата, меланомот е одговорен за дури 80% смртни случаи. Според податоците од Светската здравствена организација (СЗО), годишно во светот заболуваат околу 2 до 3 милиони луѓе од некој вид на рак на кожа. Од најопaсниот меѓу нив, меланомот, годишно заболуваат дури 160.000 лица, а умираат 41.000.

Статистиките покажале дека токму мажите се почести жртви на ова малигно заболување.

Анализата на 4 европски студии покажала дека жените заболени од меланом имаат 30% подобар исход на болеста во однос на мажите, а оваа се должи на основните биолошки разлики кои постојат меѓу двата пола.

„Предноста од 30% се однесува на преживувањето, но исто така и на појавата на метастазите: жените се изложени на 30 % помал ризик од развој на метастази во лимфните јазли и органите“, објаснил Dr. Arhen Joosse од Одделот за јавно здравство на Универзитетот во Ротердам.

Истражувачите ги анализирале податоците на преку 2700 пациенти со меланом во прв и втор стадиум на болеста (прв стадиум означува рана фаза на болеста, а втор стадиум е локализиран рак). Сите пациенти биле следени за да се соберат податоците за ремисијата, вложувањето, ширењето на болеста или смртта. Научниците утврдиле дека мажите со меланом имаат полоши карактеристики на болеста за време на поставувањето на дијагнозата и побрзо напредување на болеста во однос на жените. Разлики меѓу половите не биле забележени само кога станувало збор за случаи на меланом на главата и вратот.

„Не станува збор за тоа дека туморот започнува полошо кај мажите отколку кај жените. Повеќе се работи за нешто што зависи од полот, а кое предизвикува смртоносна прогресија на ракот кај мажите“ изјавиле научниците.

„Теоретски гледано, нивото на естрогенот би можел да биде важен фактор, но и метаболизмот на витаминот Д, нивото на тестостеронот, оксидативниот стрес во организмот или состојбата на имунитетот. Но, нашите податоци неможат ниту да ја потврдат ниту да ја негираат оваа хипотеза“, заклучил Dr. Joosse.

Резултатите од истражувањето биле објавени во научниот часопис „Journal of Clinical Oncology“.

 

Најчитани наслови