• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Видови на тумори
Акутна лимфоцитна леукемија (АЛЛ) Печати
Индекс на артикл
Акутна лимфоцитна леукемија (АЛЛ)
АЛЛ кај возрасни
Стадиуми и начини на лекување
Нови начини на лекување
Несакани ефекти од лекувањето
Сите страници

Акутната лимфоцитна леукемија е болест каде се наоѓаат незрели, абнормални лимфоцити во крвта или во коскената срцевина. Во нормални околности, лимфоцитите се клетки кои се борат против инфекциите. Коскената срцевина, заедно со другите органи од лимфниот систем произведува лимфоцити.

Коскената срцевина е сунѓересто ткиво во внатрешноста на големите коски во телото. Коскената срцевина ги произведува сите три вида на крвни клетки:

  • еритроцити (црвени крвни зрнца), кои го пренесуваат кислородот и другите хранливи материи до сите ткива и органи во човековото тело,
  • леукоцити (бели крвни зрнца), кои се борат против инфекциите,
  • тромбоцити (крвни плочки), кои учествуваат во процесот на згрутчувањето на крвта.

Нормално, коскената срцевина создава клетки, бласти, кои се развиваат (созреваат) во неколку различни типови на крвни клетки, кои имаат свои специфични функции во организмот. Лимфоцитите се наоѓаат во лимфата, која е безбојна, воденикава течност, присутна во лимфните садови и лимфните простори. Лимфните садови се дел од лимфниот систем, кој е сочинет од тенки цевчиња кои се разгрануваат во сите делови на телото, исто како и крвните садови. Долж мрежата од лимфни садови се наоѓаат мали органи во форма на зрна, кои се нарекуваат лимфни јазли. Групи на лимфни јазли се наоѓаат во вратот, во пазувите, во препоните, во малата карлица и во абдоменот. Слезенката (орган во горниот абдомен, кој ствара лимфоцити и ги филтрира старите крвни клетки од крвта), тимусот (мал орган под градната коска) и крајниците (орган во грлото), исто така, се дел од лимфниот систем на човекот.

Имунолошки систем

Лимфоцитите се борат против инфекциите, произведувајќи материи кои се нарекуваат антитела. Овие антитела ги напаѓаат микроорганизмите во телото.

Кај АЛЛ, незрелите лимфоцити не созреваат и почнуваат абнормално да се множат и стануваат прекубројни. Абнормалните малигни клетки брзо се множат и ги заменуваат здравите, нормални клетки. До пропаѓање на коскената срцевина доаѓа кога малигните клетки ќе ги заменат нормалните елементи во коскената срцевина. Пациентот станува осетлив на инфекции и крварење, како резлтат на намалениот број на нормални крвни клетки.

Незрелите малигни лимфоцити се насобираат во лимфните ткива и предизвикуваат оток на зафатените ткива. Малигните лимфоцити може да ги истиснат другите крвни клетки во крвта и коскената срцевина.

Доколку коскената срцевина неможе да произведе доволно црвени крвни зрнца, може да дојде до развој на слабокрвност.

Многу често, коскената срцевина неможе да произведе и доволно крвни плочки-тромбоцити, па може многу полесно да дојде до крварења во кожата и внатрешните органи.

Малигните лимфоцити, исто така, можат да продрат и во другите органи, во `рбетниот мозок и централниот нервен систем (ЦНС).

АЛЛ напредува брзо и може да се јави и кај возрасните и кај децата АЛЛ често тешко се дијагностицира. Раните знаци на болеста можат да бидат слични на грип или на некои други чести заболувања. Акутната лимфоцитна леукемија е одговорна за 80% акутни леукемии во детската возраст, а најголема инциденца има на возраст меѓу 3 и 7 години. АЛЛ, исто така, се јавува и кај возрасните, каде учествува со 20% од сите леукемии.

Причини и фактори на ризик

Повеќето случаи на леукемии немаат јасна причина за нивното јавување. Но, се смета дека зрачењето, некои отрови (бензен), како и некои цитосттици, допринесуваат за развој на леукемијата. Абнормалностите на хромозомите можат, исто така, да имаат улога во развојот на акутните леукемии. Така, ризични фактори за акутна леукемија се: Дауновиот синдром, брат или сестра со леукемија и изложување на зрачење, на хемикалии и некои лекови.

Честотата на леукемијата е 9 на 100 000 луѓе.