• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Инфекција со Ureaplasma urealytocum - сексуално пренослива болест Печати

Уреаплазма е микроорганизам кој може да се добие преку полов однос, значи е сексуално пренослива болест, но може да се пренесе и преку интимен контакт со заразените телесни секрети или предмети (облека, пешкири, постелнина) кои се контаминирани со микроорганизмот-уреаплазма.

Симптомите се слични како и кај трихомонијазата, а колку ќе бидат изразени зависи од пациент до пациент, односно од јачината на инфекцијата.

Инфекцијата се лекува со антибиотици. Најчесто се користат тетрациклините (Doxycyclin) и терапијата трае од 10 до 14 дена.

Инфекцијата може да се излекува, но често може да се повторува. Затоа се потребни чести гинеколошки прегледи и земање на брис од гениталните органи, со цел да се рано открие повторното појавување на инфекцијата.

Долколку жената сака да има дете, треба да нема присуство на инфекција, бидејќи таа може да ја комплицира бременоста и да доведе до некои несакани последици.

Редовната лична хигиена и користење на заштита при полов однос (кондом) се многу битни за превенција на оваа, но и за превенција и на другите полово преносливи болести.

Ureaplasma urealytocum

Ureaplasma urealytocum спаѓа во Mycoplasmi. Тоа се најситни живи клеточни микроорганизми (0.2-0.3 микрони) кои се каракетризираат со непостоење на клеточен sид (по што се слични на вирусите).

Тие се условно патогени бактерии со оглед на тоа што влегуваат во составот на нормалната флора на долниот генитален тракт на жената.

Една од најзначајните карактеристики им е мноштвото на антигени серотипови (се одликуваат со антигена разновидност). Тоа е и причина што не е можен траен имунитет. Затоа чести се повторни инфекции со микробите од оваа група.

Начин на пренесување на инфекцијата

Ureaplazma е микроорганизам кој може да се добие по полов пат, но и со интимен контакт со заразените телесни секрети или предмети кои се контаминирани со овој микроорганизам (пешкири, облека, постелнина.

Инфекцијата може да се добие во сауни, на базени, солариуми, козметички салони, па и во лекарски ординации, и практично секаде каде се хигиенските услови на ниско ниво.

Патолошко (медицинско) значење

Инфекцијата со ureaplasma urealyticum минува најчесто со клиничка слика на уретритис т.е. воспаление на мочниот канал.

Доколку се работи за асимптоматски инфекции, кај кои е незначително зголемен вагиналниот секрет, ureaplazma-та најчесто се докажува со земање на брис од вагината и негово микроскопско испитување. Ureaplazma-та ретко се наоѓа во брисот од грлото на матката или мочниот канал.

Спротивно од скоро сапрофитното однесување на ureaplazma-та во вагината и делумно на грлото на матката, ширењето на инфекцијата во самата шуплина на матката и во јајцеводите, односно ширењето на инфекцијата во пределот на малата карлица, доведува до појава на изразени клинички симптоми.

Симптомите се неспецифични. Најчесто се јавува болка или напнатост во долниот дел на стомакот, зголемен вагинален секрет, болки при полов однос и слично.

Може да се јави и мачнина и повраќање, зголемена телесна температура, неправилни менструални крварења и тешкотии при мочањето (често мочање и печење при мочање).

Кај жените поголем проблем прави Mycoplasma hominis, додека кај мажите тоа е Ureaplasma urealyticum.

Кај мажите симптомите се јавуваат набрзо по инфекцијата – зголемен жолтеникав секрет, односно серозна или слузава секреција од мочниот канал, гноен исцедок од пенисот и локално црвенило.

Микробиолошка дијагноза

Дијагнозата се поставува врз основа на изолирањето на причинителот од брисот земен од грлото на матката и/или мочниот канал, или со откривање на антителата ( серолошка дијагностика) во крвта на пациентот.

Денес се користи "Mycofast" методата за брза дијагностика и претставува модификацирана техника на изолација на микроорганизмот на течни подлоги.

Лекување на инфекцијта

Инфекцијата се лекува со антибиотици. Лекови на избор се тетрациклините (Doxycyclin) во тек на 10 до 14 дена и еритромицинот.

Додека терапијата не заврши, потребна е апстиненција од сексуални односи, инаку постои голем ризик од реинфекција.

За сексуално активното лице не постои апсолутно сигурен начин како да се избегне овој вид на полово пренослива болест. Сè што ја нарушува киселата средина на вагината (pH), како и нарушувањето на бактериската равнотежа на вагината, може да доведе до инфекција. Затоа треба да се избегнуваат хемиски иританси, јаки шампони, вагинални тампони и слично.

 

Најчитани написи