• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Живеј здраво, храни се правилно!
Зошто луѓето пушат? Печати

Пушењето е штетна навика која доведува до зависност!

Пушачите често велат дека пушењето ги смирува, особено кога се во наоѓаат во некоја стресна ситуација, но и дека пушењето ја пoдобрува нивната концентрација. Луѓето пушат кога се вознемирени, уплашени, кога се во исчекување на некоја вест, кога се нерасположени, осамени. Но, често луѓето пушат и кога се чувствуваат задоволни, кога се на прослави и во друштво со своите пријатели. Во тие ситуации пушачите велат дека цигарите го подобруваат нивното и така добро расположение.

Тешко е да се разбере како цигарите можат да имаат двојно дејство, т.е. да во исто време ги смират луѓето и да ги направат побудни и поконцентрирани. Ова се објаснува со фактот што во димот на цигарите се наоѓаат околу 4000 различни хемиски супстанции. Некои од овие хемиски супстанци предизвикуваат ослободување на природни седативи, а други пак ослободуваат природни стимуланси во мозокот. На тој начин, овие супстанции и влијаат на однесувањето на човекот.

Дали пушењето создава зависност?

Често се зборува дека пушењето доведува до зависност. Никотинската зависност започнува тогаш кога се пуши редовно. Колку подолго се пуши, колку повеќе цигари се трошат на ден, толку е потешко и откажувањето од цигари.

Пушачите стануваат зависници на три различни начини.

Тие може да пушат од навика, како одговор на некои чувства или може да се физички зависници од никотинот кој се наоѓа во димот на цигарите.

  • Луѓето кои пушат заради навика, најмногу пушат во одредени ситуации. Овие луѓе пушат автоматски, без да се свесни за тоа и без вистинска потреба за цигара.
  • Други луѓе пушат повеќе кога се под стрес, кога се нервозни, нерасположени или пушат од досада. Нивната потреба за цигара е потикната од потребата за емотивна подршка.
  • Најголемиот дел од пушачите тешко се откажуваат од пушење, бидејќи стануваат физички зависни од никотинот во цигарите.

Можно е да се биде зависен на некој или на сите претходно кажани начини.

Зошто младите луѓе започнуваат да пушат?

Повеќето луѓе започнуваат со пушење во тинејџерските години и стануваат редовни пушачи како возрасни. Истражувањата сугерираат дека многу малку луѓе започнале да пушат како возрасни.

За жал, и покрај бројните информции за штетноста на пушењето, голем број тинејџери започнуваат да пушат. Често постои мислење меѓу младите дека пушењето е доказ за нивната зрелост, која тие сакаат да ја покажат пред другите, посебно пред своите пријатели. Младите ќе започнат со пушење ако пушат нивните пријатели, или ако страдаат од чувство на несигурност и намалена самодоверба. Цигарите го јакнат нивното его.

Зошто треба да се прекине со пушење?

Пушењето е штетна навика. Да се откаже пушењето не е лесно, но сепак е можно. За се откаже пушењето потребна е голема волја и истрајност.

Луѓето кои се откажуваат од пушење живеат подолго од оние кои продолжуваат да пушат. Пушачите кои се откажале го намалуваат ризикот за предвремена смрт. Аргументот дека е премногу доцна да се откаже пушењето, бидејќи штетата е веќе направена е неточен.

Денес, во многу развиени земји на пушењето се гледа како на антисоцијало однесување, кое е ретроградно и казниво на јавни места. Во многу земји постои закон кој забранува пушење на јавни места.

Пушењето може вистински да го оштети огрганизмот

Пушењето е најчеста причина за рак на белите дробови, рак на усната празнина, на грлото, на голтникот, но причина и за други малигни заболувања, како и за кардиоваскуларни заболувања, срцев инфаркт и мозочен удар.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанувањето на ракот на белите дробови.

Околу 90 % од белодробните карциноми кај мажите и околу 83% кај жените се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушачите на цигари заболуваат 25 до 30 пати почесто во споредба со непушачите.

Ризикот за настанување на ракот на белите дробови се зголемува со:

  • бројот на дневно испушените цигари (повеќе од 20 цигари дневно),
  • времетраењето на пушењето,
  • возраста кога започнало пушењето,
  • длабоко вдишување на тутуновиот дим,
  • поголемата количина на катран и никотин во цигарите ( зависи од видот на цигарите).

Според тоа, поголем ризик имаат лица кои рано почнале да пушат, кои пушат повеќе од 25 цигари дневно, кои длабоко го вдишуваат тутуновиот дим, кои ги пушат цигарите до крај (на крајот цигарите содржат најголема количина на катран, кој е канцероген) и кој пушат цигари со висок % на никотин и катран.

Со вдишувањето на димот од цигарите се внесуваат аеросоли во долните делови на белите дробови. Димот содржи голем број на канцерогени супстанции, а меѓу нив се: полицикличните јаглехидрати, нитроамидите и бензопиренот, кои се едни од најсилните канцерогени материи.

Лицата кои се откажале од пушење имаат помал ризик да заболат од белодробен карцином отколку ако продолжеле да пушат, но нивниот ризик е сепак поголем од оној кај непушачите. Колку повеќе луѓе се откажат од пушење, стапката на белодробниот карцином, кој се јавува кај пушачите ќе опаѓа.

Пушењето е главен фактор на ризик за настанување на ракот на грлото.

Околу 97 % од карциноми на гркланот се предизвикани од тутуновиот дим, било да е тој внесен активно, преку пушење или пасивно, преку престојување во простории каде се пуши (пасивни пушачи).

Пушењето е главен фактор на ризик за настанувањето на туморите на усната празнина и голтникот.

Голем процент од овие тумори се предизикани од тутуновиот дим. Хемикалиите кои се наоѓаат во тутуновиот дим ја оштетуваат слузницата на усната шуплина и голтникот, доведуваат до појава на преканцерозни лезии, кои подоцна може да преминат во карцином.

Пушењето може да го зголеми ризикот и за појава на други малигни заболувања.

Така, ракот на дојката е почест кај пушачи, отколку кај непушачи. Пушењето е фактор на ризик и за настанување на ракот на мочниот меур, ракот на бубрегот, на панкреасот, на хранопроводникот, на дебелото црево, на анусот, на црниот дроб, на женските генитални органи (рак на грлото на матката, рак на вагината).

Пушењето може да го зголеми ризикот и за појава на многу други немалигни заболувања.

Зголемен ризик за кардиоваскуларни и мозочни заболувања.

Пушењето за десет пати го зголемува ризикот за смрт, предизвикана од мозочен или срцев удар.

Заболувања на душните патишта и белите дробови

Долгогодишните пушачите почесто страдаат од хроничен бронхит, емфизем и други заболувања на системот за дишење. Хемикалиите од цигарите се таложат во белите дробови и причинуваат тешкотитии во дишењето.

Не мора да постои бронхитис или емфизем за да се почувствуваат ефектите врз дишењето. Пушењето го намалува капацитет на белите дробови. Обидете се да пливате, да играте фудбал или аеробик, ако сте пушач, дишењето во тек на вежбањето е отежнато.

Пушачите почесто заболуваат од периферна васкуларна болест.

Оваа болест подразбира стеснување на крвните садови со намалување на крвотокот во рацете и нозете. Поради недоволната прокрвеност и исхранетост на рацете и нозете се јавуваат бројни симптоми, како: ладни раце и нозе, трнење и болни грчеви, а во некои случаи може да дојде и до појава на гангрена која бара ампутација на екстремитетите.

Пушењето ја намалува и плодноста, како кај мажите, така и кај жените.

Машките пушачи имаат помал број на сперматозоиди и повеќе абнормални сперматозоиди, во споредба со непушачите.

Женските пушачи имаат повеќе проблеми да останат бремени, во споредба со непушачите и имаат поголем процент на спонтани абортуси во тек на бременоста. Кај бремените жени пушењето може да го оштети плодот.

Пушење во исти простории во кои се наоѓаат и деца, значи дека и децата пушат пасивно. Тие деца почесто настинуваат, добиват почесто воспаление на увото и респираторни заболувања, како што е астма.

По прекинување на пушењето организмот брзо се обновува:

  • Никотинот го напушта организмот во тек на два часа, а останатите опасни хемиски супстанци, како што е јагленородниот моноксид, се губат од крвотокот дури по 12 часа. Споредните продукти од никотинот се губат во тек на два дена.
  • Во тек на следните два месеци, се подобрува крвотокот на рацете и нозете, а белите дробови започнуваат да се обновуваат во тек на три месеци.
  • Се подобрува сетилото за вкус и мирис, кожата го губи сивкастиот изглед, а организмот се ослободува од мирисот на тутун.

Покрај штетното влијание на цигарите врз здравјето на човекот, друга причина заради која треба да се откажете од пушење е финансиската.

Пушењето е скапо. Пресметајте колку пари ве чини секоја година. Со тие пари би можеле да си дозволите на пример одличен годишен одмор.

Што се случува ако го намалам пушењето?

Не постои сигурно ниво на пушење и во реалноста ова не функционира. Се покажало дека луѓето кои го редуцирале бројот на цигарите вдишуваат повеќе дим од секоја цигара, вдишуваат подлабоко и го задржуваат подолго во белите дробови. Тоа значи дека тие всушност примаат иста количина на никотин и други хемиски супстанци, од помалку цигари. Слично се случува и ако го смените брендот преоѓајќи на бренд со пониска содржина на никотин (ултра лајт варијанти).

Како можам да прекинам да пушам?

Никој не вели дека откажувањето од пушењето е лесно, особено ако сте пушеле редовно, подолго време. Веројатно ќе треба да се соочите со „глад“ за цигари особено во одредени ситуации, и заради зависноста од никотинот.

Еве една анегдота која ја кажал познатиот писател Mark Twain: „Откажувањето од пушење е лесно. Јас сум го сторил тоа илјада пати.“

Можеби сте се обиделе да се откажете и вие, исто така. Зошто е откажувањето од цигари толку тешко за многу пушачи? Одговорот е никотинот. Тој ствара зависност.

Сепак, луѓето секојдневно успешно се откажуваат од пушењето.

Како да се откажам од пушењето?

Пушачите често велат: „Не ми кажувај ЗОШТО да се откажам од пушење, туку кажи ми КАКО да се откажам.“

Не постои еден прав начин за откажување, но постојат некои клучни елементи во успешното откажување од пушење.

Еве неколку чекори до успешно откажување од цигари. Придржувајте се на овие препораки:

  • Планирајте го вашето откажување од цигари. Одберете го денот кога ќе прекинете, и исфрлете ги сите цигари од куќата ноќта пред тоа.
  • Информирајте ги другите членови на фамилијата, како и своите пријатели дека имате намера да прекинете со пушење. Испланирајте како да постапите за да ги ублажите кризите на глад за цигари, кои секако ќе ги чувствувате во првите неколку дена.
  • Треба да знаете дека секоја криза трае околу 3-5 минути, и ако успеете да не посегнете по цигара, овие кризи ќе се изгубат.
  • За време на кризите т.е. за ургентната потреба за цигара помага ако дишите длабоко, тоа го преокупира вашеѕто внимасние и да не мислите на цигарите. Пијте големи количини вода, тоа ќе ве освежи и ќе ве ангажира, додека не помине кризата. Направете нешто друго, што ќе ви го сврти вниманието и ќе ве држи подалеку од цигарите, но избегнувајте да јадете, бидејќи тоа носи други ризици. Држете се подалеку од други пушачи и од места каде се пуши (кафеани, пабови, барови и клубови). Често пати луѓето потешко се откажуваат од цигари ако пијат алкохол.
  • Избегнувајте ја навиката која ве наведува на пушење. На пример отидете на прошетка, или бидете на места каде не можете да пушите.

Сепак, спомнавме дека не постојат правила и единствен начин за откажување од цигарите. На некои луѓе можеби овој начин ќе им помогне да се успешно решат од ова штетна навика, од пушењето, но на други можеби ќе им биде полесно ако откажувањето го направат наеднаш, без некое претходно планирање.

На пушачите често им се укажува дека најдобар начин за откажување е да направат план, вклучувајќи ден на прекин со пушењето и стратегија со намалување на бројот на испушени цигари.

Во една неодамнешна студија, која го третирала токму овој проблем, пушачите кои се откажале спонтано, без претходно планирање имале поголем процент на успешно откажување од пушачите кои го планирале откажувањето. Резултатите од студијата, објавени во British Medical Journal, изгледа дека ги разнишаа традицоналните препораки за прекинување на пушење.

Но според Д-р. Michael Siegel, професор по социјални и бихејвиорални науки при Бостонскиот Универзитет, кој го истражува однесувањето на пушачите во однос на нивната зависнот кон цигарите, овие резултати се логични и очекувани.

"Планираните обиди за откажување се имплементираат постепено и затоа нивото на мотивација е ниско. Но, непланираните, изненадни обиди веројатно рефлектираат некоја силна промена кај пушачите, и се придружени со голема мотивација за откажување. Затоа овие обиди се поуспешни од планираните“.

Авторите на студијата Robert West и Taj Sohal, ги поврзуваат непланираните обиди за откажување со она што математичарите го нарекуваат „теорија на катастрофа“.

Идејата е едноставна: Како расте тензијата околу пушењето, на пушачите може да им се згади од нивната навика заради релативно мала промена, која доведува до цврста одлука за прекинување.

Понатаму, Siegel изјавува дека студијата укажува дека главно е пушачите да се мотивират да сакат да се откажат од пушењето и дека премногу внимание е посветено на фармацевтските помагала за откажување. „Доколку можеме доволно да ги мотивираме пушачите, тие ќе успеат да ги откажат цигарите, без разлика на начинот на откажување“.

Во оваа студија, истражувачите ги споредиле податоците од 918 пушачи кои имале најмалку еден обид за прекинување со 996 пушачи кои успешно прекинале со пушењето. Речиси половина - 48,6% изјавиле дека прекинале со пушење без претходно планирање.

Всушност, шансите за прекин со пушење барем 6 месеци биле повисоки при непланирано откажување во однос на планираните обиди.

Откажувањето од цигари не е лесно и не му успева на секого при првиот обид. Изгледа дека на повеќето луѓе им требаат неколку обиди пред да успеат во намерата и дека секој следен пат е полесно.

Како да се справам со симптомите на апстиненција?

Нормално е да по прекинувањето на пушењето извесно време се чувствуваме лошо, бидејќи нашиот организам пати поради зависноста од никотин. Организмот кој е навикнат на високи концентрации на хемиски супстанци во крвта, одеднаш останувас без нив. Последица на тоа е чувствување на повеќе физички симптоми.

Се работи за еднаков тип на зависност, како што е зависноста од алкохол, или друг вид на зависност. Така, сите симптоми кој се јавуваат се во склоп на апстиненцијалниот синдром, кој нормално се јавува кај долгогодишните пушачи.

Може да се јави кашлица. Белите дробови се обидуваат да се ослободат од наслагите кои со години се наталожеле во дишните патишта.

Често се појавува затвор или пролив кои траат неколку дена, а може да се јават и други симптоми од страна на системот за варење

Може да се јави главоболка, нерасположение, чувство на вознемиреност, нервоза, замор, несвестица. Сепак, овие проблеми не се јавуваат кај секого, тие се привремени и брзо исчезнуваат.

Колку подолго организмот е без никотин, толку и симптомите на апстиненција ќе бидат се послабо изразени. Апстиненцијалните симптоми може да се олеснат со никотински гуми за жвакање или со никотински лепенки.

Многу пушачи, а посебно жените се плашат дека ако се откажат од пушењето ќе се здебелат. Сепак, не сите бивши пушачи се здебелуваат, а оние кои се здебелуваат, обично добиваат само неколку кила.

За да се спречи зголемувањето на телесната тежина важно е во периодот на откажувањето од цигари да се обрне поголемо внимание на правилната и здрава исхрана.

Здрава исхрана подразбира внесување на балансирано количество на протеини, јаглени хидрати, масти, витамини и минерали. Здравата исхрана се базира на внесување на поголеми количини на протеини и јагленохидрати, а помалку масти. Во исхраната посебно е важен внесот на витамини и минерали, кои ги има најмногу во свежото овошје и зеленчук.

Овошјето и зеленчукот се богати со витамини и минерали кои се природни одбрамбени состојки против многу болести. Се препорачува да се јадат 5 порции од овошје и зеленчук дневно.

Здравата исхрана треба да се комбинира со редовна физичка активност.

Редовната физичка активност ја подобрува општата здравствена состојба, го зајакнува инуниот систем, но ја намалува и напнатоста и нервозата, која може да се јави во периодот на откажувањето од пушење.

Здравата исхрана и редовната физичка активност ќе допринесе да ви се подобри целокупното здравје.

Еве што ќе се случи во вашиот организам ако решите да се откажете од пушење.

  • По 20 минути вашиот крвен притисок ќе дојде во нормала.
  • По 8 часови нивото на јаглероден диоксид во крвта ќе се намали за половина, а нивото на кислородот ќе се врати во нормала.
  • По 48 часа целиот никотин ќе го напушти вашето тело. Вашиот осет за вкус и мирис ќе се врати во нормала.
  • По 72 часа вашите дишни патишта ќе се релаксираат и енергетските нивоа ќе се зголемат.
  • По 2 недели циркулацијата ќе се зголеми и ќе продолжи да расте во наредните 10 недели.
  • По 3-9 месеци кашлањето и искажлувањето ќе се смират, а капацитетот на вашите бели дробови ќе се зголеми за 10%.
  • По 1 година ризикот да добиете срцев напад ќе се намали за половина.
  • По 5 години ризикот да добиете срцев удар ќе се изедначи со оној на непушачите.
  • По 10 години ризикот да добиете рак на белите дробови ќе се изедначи со оној на непушачите.

Како можеме да им помогнеме на оние кои сакат да се откажат од пушење?

Луѓето можат да се откажат од пушењето само доколку самите сакаат да го направат тоа, за себеси. Тие што пушат нема да бидат способни да прекинат, само затоа што вие сакате. Веројатно најлошата работа што можете да ја направите е да ги напаѓате. Тоа само ќе предизвика отпор од страна на пушачот, за да стане уште подетерминиран во поглед на пушењето.

Најважното што може да го направите за некој кој се обидува да се откаже од пушење е да му дадете подршка и охрабрување. Обидете се да го разберете ако е лошо расположен или се чувствува болно.

Моралната подршка е многу важна.

Зачудувачка врска помеѓу пушењето и болките во грбот

Во последните години, истражувачите открија зачудувачка врска помеѓу пушењето и болките во грбот. Според истражувањата, пушачите многу повеќе се склони кон болки во грбот отколку непушачите. Трендот важи и за мажите и за жените.

Британските истражувачи анкетирале 13.000 луѓе за нивниот животен стил, вклучувајќи ги нивните навики за пушење, занимања, степенот на активност и историјата на болките. По изолирањето на напрегањето на работното место и други фактори кои можат да предизвикаат болки во половината, научниците заклучиле дека пушењето - поединечно – го зголемило ризикот за настанување на болки во грбот за околу 30%. Пушењето, исто така, ги прави луѓето поподложни на болки во вратот, рамената, лактите, рацете, колковите и колената.

„Цигарите влијаат на начинот на кој мозокот ги праќа сигналите за болка. Пушењето може, исто така, да го оштети ткивото во пределот на половината и на некој друг дел од телото со тоа што ја забавува циркулацијата и го намалува дотокот на хранливи состојки во зглобовите и мускулите.“

Откажувањето од цигарите најверојатно нема веднаш да ги отстрани болките во грбот, но во секој случај може да помогне.

Се разбира, откажувањето од пушење значително ќе го намали ризикот за болести на срцето, рак и многу други заболувања.

Алармантни податоци на Светската здравствена организација за пушењето во Р. Македонија

Македонците пушат по 2.310 цигари годишно.

Речиси 21% од сите смртни случаи на возраст меѓу 35 и 69 години се поради пушење.

Околу 40-50% од македонската популација на возраст над 15 години се редовни пушачи, а во Македонија се проценува дека се консумираат 2.310 цигари по лице годишно или тоа се околу 115,5 кутии цигари. Од вкупниот број смртни случаи во земјава, 12% се поврзани со пушењето, а процентот рапидно расте и достигнува 21% кај населението на возраст меѓу 35 и 69 години. Се повеќе меѓу пушачите се деца и тоа на возраст од 11-12 години. Од нив околу 23% се изјасниле дека пробале цигара, а 16% дека ќе го сторат тоа идната година.

Ова се застрашувачки податоци на Светската здравствена организација и САД-центарот за контрола на болестите, со кои се алармира за штетното влијание на пушењето врз здравјето.

Епидемиолошката анализа покажала дека пушењето е причина за преку 10.000 смртни случаи во Македонија и 3,5 милиони смртни случаи во светот годишно.

Веќе е докажано дека пушењето предизвикува карцином на белите дробови, на усната празнина, ги провоцира срцевите болести, дијабетесот, мозочниот удар, а има големо влијание и за појава на респираторни инфекции.

 

Прочитајте и: