• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
1 декември - Светски ден на СИДА-та ("World AIDS Day") Печати

Светскиот ден против СИДА-та (World AIDS Day) е осмислен и прифатен од 140 земји во светот на Светскиот Самит во Лондон во 1988 година. Истата година, Светската Здравствена Организација (СЗО) ја согледа потребата за постоење на еден ваков ден и го прогласи 1-ви декември како Светски ден за сидата - "World AIDS Day". Од тогаш па сè до денес, Светскиот ден за борба против ХИВ/СИДА-та, се одбележува во скоро сите држави во светот.

Црвената лента (AIDS Awareness Ribbon - Red Ribbon) на солидарност е лента која покажува дека лицето кое ја носи е свесно за проблемите врзани со ХИВ/СИДА-та, дека се солидаризира со борбата против оваа болест и дека им оддава почит на лицата кои и подлегнале на оваа болест или кои сеуште се борат за својот живот. Црвената боја на лентата е избрана за да ја симболизира крвта, страста и љубовта.

Проектот Red Ribbon го креирал пејачот Paul Jabara заедно со Visual AIDS групата од New York во 1991 година. Само година дена по овој проект, Paul Jabara починал од малиген лимфом, кој се развил како последица на сидата.

Visual AIDS е хуманитарно здружение на уметници со цел да им оддадат почит на пријателите и колегите кои починале или живеат со оваа болест.

Исто така, задача на ова здружение е да ја информира и едуцира јавноста за начините на пренесување на ХИВ инфекцијата, како и да им помага на заболените. Организацијата собира и финансиски средства кои се наменети за истражување и лекување на СИДА-та. Проектот Red Ribbon сеуште останува главна движечка сила во настојувањето да се подигне свеста кај луѓето за ХИВ-инфекцијата и СИДА-та. Главна цел на овој проект е надежта дека еден ден нема да биде потребен.

Jeremy Irons за прв пат на манифестацијата Tony Awards во 1991 година ја носеше црвената лента, после што носењето на црвената лента стана едноставен, недискриминирачки и популарен начин на солидаризација со борбата против ХИВ/СИДА-та.

Еве некои факти за ХИВ/СИДА

Распространетост на ХИВ или СИДА

Се проценува дека над 38 милиони луѓе во светот живеат со ХИВ или СИДА. Половината од новите случаи се млади луѓе од 15-24 години. Во некои делови на светот, стапката на инфекцијата со ХИВ и СИДА рапидно расте и СИДА-та преставува главна причина за смртност.

Во нашата земја инфекцијата со ХИВ сеуште не е така честа.

Што е ХИВ вирус - вирус на СИДА?

ХИВ е скратеница за хуманиот вирус на имунодефициенција (Human Immunodeficiency Virus). Тој го напаѓа имунолошкиот систем кај човекот, поради што организмот станува неспособен да се бори и против обичните инфекции.

Сида (синдром на стекнат недостатот на имунитет) или AIDS (Acquired Immuno-Deficiency Syndrome) е термин кој се користи кога имунолошкиот систем на едно лице е толку оштетен со ХИВ вирусот што бројот на крвните елементи за борба против инфекциите т.н. помагачи на Т лимфоцитите (CD4 клетки) паѓа од 800-1050 на помалку од 200 по милилитар на крв во крвотокот.

Пациентот е тогаш подложен на бројни инфекции и на крај умира како последица на болести, против кои неговиот имунолошки систем не може да се бори.

Инфекцијата со ХИВ води кон СИДА (синдром на стекната имунодефициенција). Ако некое лице е ХИВ позитивно, тоа значи дека крвниот тест покажува дека вирусот е присутен во организмот. Се додека вирусот не го нападне имуниот систем (понекогаш по многу години), тоа лице нема СИДА.

Преку што се добива ХИВ?

Сидата се добива ако една од овие заразени телесни течности дојде во допир со крвта:

  • крв,
  • семена течност,
  • вагинална течност,
  • мајчино млеко.

Најчести начини на пренесување:

  • било кој вид на сексуален однос, вклучувајќи го оралниот и аналниот,
  • заедничка употреба на било кој вид на игли, вклучувајќи ги оние за дрогирање, бушење на ушите и тетовирање,
  • трансфузија на крв,
  • во тек на бременост или доење, вирусот на ХИВ може да се пренесе на бебето.

ХИВ може да се пренесе со сексуален контакт (анален или вагинален), ако при тоа не се превземат мерки на заштита. Инфицирана сперма, вагиналните секрети вклучувајќи ја и менструалната крв може да навлезат преку мали гребнатинки (абразии) во организмот на партнерот.

Преку што не може да се добие ХИВ?

ХИВ не се пренесува преку секојдневните социјални контакти. Сидата неможе да се пренесе:

  • преку ракување или допирање или преку обично бакнување на ХИВ позитивни лица,
  • преку убод на комарец или инсекти,
  • ако го делите домот со ХИВ позитивно лице,
  • ако работите или одите на училиште со лице кое е ХИВ позитивно,
  • ако донирате крв,
  • преку клозетски шољи, кваки на вратите или преку шољи за кафе.

ХИВ не може да живее долго надвор од организмот. Само по една минута престој надвор од организмот, ризикот за да се инфцирате со ХИВ е многу мал. Вирусот лесно се уништува со сапун и вода , обични дезифициенси или со сушење.

Како да знаете дали имате ХИВ?

Тестирање на крвта

Тестирањето на крвта ќе покаже дали се присутни антитела на ХИВ, односно дали некое лице е ХИВ позитивно – не постојат клинички знаци кои ќе ви укажат на тоа. Вакво тестирање кај нас може да се направи на Клиниката за инфективни болести.

По инфекцијата со вирусот, најчесто се потребни 2-3 месеци за да се создадат антитела, кои можат да се утврдат со тестот. Антителата на вирусот ХИВ, во поголем број на случаи, се откриваат по 6 до 12 недели по инфицирањето со ХИВ вирусот, а за 6 месеци се откриваат кај 95% од заразените лица.

Можно е, лицето да е инфицирано (да го има вирусот во организмот) пред да тестот на крвта го покаже тоа.

Како да се превенира ХИВ инфекција?

Како превенција на ХИВ инфекцијата е практикување на безбеден секс со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од ХИВ инфекција преку сексуален однос. Не секој сексуален однос е со подеднаков ризик за ХИВ инфекција. Така, аналниот секс се смета за високо ризичен, вагиналниот секс носи ризици за пренесување на ХИВ преку семената течност или гениталниот флуид, додека оралниот секс е ризичен бидејќи ХИВ може да премине од вагиналниот флуид или семената течност во устата во која можеби има рагади или ранички.

Затоа, секогаш внимавајте на мерките на безбедност при сексуалниот контакт.

Никогаш немојте да користите заеднички игли или прибор за инјектирање. За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или доколку тоа не е можно потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која поради било која причина се нарушува интакноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.).

Треба да се внимава на пример ако некој крвари или со манипулацијата со медицинскиот отпад (игли).

ХИВ е заболување кое треба да се пријави во нашата земја. Тоа значи кога ќе се открие позитивен крвен тест, кој означува дека некое лице има ХИВ, тоа се пријавува во соответната служба во министерството за здравство. Се контактираат сексуалните партнери и им се даваат совети за безбеден секс.

Ракот и сидата

Лицата заболени од сида имаат поголем ризик за развој на малигни заболувања. Се смета дека причината за вака зголемениот ризик е намалениот имунитет.

Повеќе за ХИВ и СИДА ќе надете на следните линкови: