• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Еректилна дисфункција (импотенција) по радикална простатектомија Печати

Импотенција (еректилна дисфункција) е состојба на неможна ерекција или неможност таа да се задржи. При тоа не доаѓа до соодветно здрвување на пенисот при сексуална стимулација, а како последица на тоа и пенетрација при сексуалниот однос.

Во текот на првите 3 до 18 месеци по радикалната простатектомија, повеќето мажи имаат еректилна дисфункција која бара медикаментозен или друг третман.

Во случаите кога се применува простатектомија со зачувување (поштеда) на еректилните нерви, еректилната дисфункција е поретка и трае кратко време по оперативниот зафат, а подоцна се нормализира. Сепак, скоро сите мажи кои се се лекувани со радикална простатектомија имаат намалена способност за ерекција, но кај помладите пациенти може да се очекува таа повторно нормално да се воспостави.

Доколку се изведе радикална простатектмија со поштеда на еректилните нерви, процентот на импотенцијата кај мажите до 60-годишна возраст е 25-30%. Но, за мажите над 70-годишна возраст, тој процент е многу повисок и изнесува дури 70 до 80% и покрај поштетата на нервите при оперативниот зафат.

За еректилната дисфункција постојат неколку можни опции на лекување.

Денес на пазарот се достапни лекови од групата на т.н. инхибитори на 5–фосфодиестераза (Виагра, Левитра и Циалис).

Ефектот на овие лекови се должи на тоа, што тие привремено го неутрализираат ензимот 5-фосфодиестераза. На тој начин, крвните садови подолго време остануваат отворени за навлегување на крв во нив. Овие лекови не можат да ги земаат пациенти кои користат нитроглицерин или нитро-препарати, бидејќи нитратите драстично го намалуваат крвниот притисок, како и спомнатите лекови, така што може да дојде до немерливо низок крвен притисок, па дури и до смрт.

Разликата помеѓу вијаграта, левитрата и циалис е во следново:

  • вијаграта мора да се земе на празен желудник за да биде ефектот оптимален и е ефикасен околу 4 часа,
  • левитрата може да се зема и на пол желудник и е ефикасна 5 часа по нејзиното земање,
  • циалис е ефикасен цели 36 часа по неговото земање, па затоа овој лек се вика и викенд таблета.

Освен таблети, постојат и лекови кои во вид на инекција се убризгуваат во телото на пенисот. Ефектот настанува по 10-15 минути и трае до еден час. За тоа се користат простагландинот, или пак комбинација од 3 лекови – простагландин, папаверин и фентоламин. Овие лекови се доста сигурни и единствен спореден несакан ефект при нивна невнимателна примена може да биде продолжена ерекција.

Во лекувањето се користи и вакуум пумпа, со која крвта се доведува во телото на пенисот со вакуумски ефект и се „заробува“ со еден специјален прстен, кој се става на коренот на пенисот. Тој прстен ги притиска вените на пенисот и го оневозможува враќањето на крвта.

Доколку со ниедна од овие методи не се постигне подобрување, се препорачува вградување на специјални протези во телото на пенисот.