• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Дали мобилните телефони предизвикуваат рак?

Смирувачка вест за преку две и пол милијарди корисници на мобилни телефони ширум светот е дека употребата на мобилните телефони не претставува опасност по здравјето на возрасните луѓе. До ова сознание дошле германските научници, кои под водство на Сојузниот завод за заштита од зрачење, спровеле шестгодишна клиничка студија за да го испитаат влијанието на високофрекфентните електромагнетни бранови врз човечкиот организам.

Резултатите од студијата, во Берлин ги претставил сојузниот министер за заштита на околината, Sigmar Gabriel.

„Од првиот ден на појавувањето на мобилните телефони, постојат сомневања за нивното негативно влијание врз здравјето на човекот. По тоа прашање, дневно примавме повеќе од десетина писма во кои граѓаните се жалеа на тегоби, кои ги доведуваа во врска со новоизработените предаватели на мобилните мрежи, се присетува германскиот сојузен министер за заштита на околината, Sigmar Gabriel.

Веднаш е побарана научна потврда.

Дека помеѓу користењето на мобилните односно безжичните телефони и заболувањето од рак, од појава на тинитус, несоница или главоболка не постојат причинско-последични врски, сега докажуваат резултатите од вкупно повеќе од 50 поединечни испитувања кои во 2002 година ги нарачала владата во Берлин, а заеднички ги финансирале ресорното министерство и операторите на мобилната мрежа.

„Ако ризици од здравствена природа постојат, тогаш тие се толку мали што науката моментално неможе да ги открие“, истакнал водителот на проектот Wolfgang Weiss.

Во ретки случаи, кај корисниците на мобилни телефони се забележени генетски активности. Но, тие не го доведуваат во прашање општиот заклучок на студијата.

Но сепак, и после шестгодишно истражување, научниците сеуште не успеале да одговорат на барем две прашања:

  • Какви се можните ризици од долгорочната изложеност на човековиот организам на електормагнетните бранови?
  • Дали е опасноста од заболување за децата поголема отколку за возрасните?

„Сегашните дозволени граници на електронско зрачење од мобилните и безжичните телефони се многу поголеми отколку што постои зрачење од мобилните телефони“, рекол германскиот министер за заштита на околината Sigmar Gabriel, при претставувањето на клиничката студија.

Тој напоменал дека шестгодишното истражување не покажало никаква поврзаност помеѓу примената на мобилните телефони и здравствените промени кај корисниците. Тука бил вклучен ракот, но и главоболката и несоницата.

„Опасноста од тумори на мозокот не расте со употребата на мобилните телефони“, рекол Gabriel.

Министерот истовремено изјавил дека, студијата не можела да ги исклучи можните негативни последици кај децата, од користењето на мобилните телефони.

„Посебно кај децата помали од 12 години присутни се многубројни нејаснотии околу можните здравстевени ризици“, рекол Gabriel.

Затоа, од тие причини, Германскиот оддел за заштита од зрачење и понатаму препорачува да се внимава кога станува збор за употреба на мобилните телефони кај децата.

Поради тоа, Невладиниот сојуз за заштита на околината (BUND) побарал превентивна забрана за користење на мобилни телефони за децата.

„Сè додека не постојат долгогодишни студии и сигурни докази за влијанието на зрачењето, мобилните телефони би требало да бидат забранети за децата“, рекол еден претставник на BUND.

Досега најопсежната и најдолготрајната студија за влијанието на зрачењето од телекомуникациските уреди траела 6 години и чинела 17 милиони евра.

Но, за да се одговори на сите неодговорени прашања досега, нема да се застане со истражувањата. Ќе бидат спроведени подолготрајни клинички студии со цел да се одговори на овие прашања.

За да продолжи оваа студија во Германија, која до сега чинела 17 милиони евра, од државата и во иднина ќе бидат издвојувани секоја година пола милион евра.

 

Најчитани наслови