• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Новости од областа на канцерот
Дебелината - фактор на ризик за многу заболувања

Обезноста или зголемена телесна тежина претставува фактор на ризик за настанување на многу заболувања како што се: хроничните кардиоваскуларни и метаболни заболувања (покачен крвен притисок, покачени масти, шеќерна болест, заболувања на срцевите и мозочните крвни садови, кои можат да доведат до настанување на срцев или мозочен удар).

Зголемената телесна тежина се смета како фактор на ризик за настанување на некои видови на рак.

Така, обезноста е фактор на ризик за развој на рак на дојката, бидејќи кај тие жени е зголемена продукцијата на естрогените хормони, во споредба со жените кои имаат нормална телесна тежина. Одржувањето на нормалната телесна тежина е еден од најдобрите начини да се намали ризикот од рак на дојка.

Дебелите жени имаат 50% поголеми шанси да заболат од рак на дојка во споредба со жените кои немаат проблем со тежината. Ова го докажала најновата клиничка студија.

Студијата покажала дека дебелите жени имаат поголем ризик за појава на рак на дојка, дека тие обично се дијагностицираат во понапреднати стадиуми на болеста и дека кај нив е помалку ефикасна применетата терапија.

Клиничката студија, која опфатила скоро 3000 жени, покажала дека ракот на дојката е почест кај дебелите жени и тие имаат понизок процент на позитивни терапии и имаат поголема шанса за повторување на болеста по завршувањето на терапијата.

Студијата на швајцарските научници го покажала следново: 16 од 100 дебели пациентки умреле од оваа болест, во споредба со 13 од 100 жени со нормална телесна тежина. Друга студија покажала и дека дебелите жени имаат 80% поголеми шанси да ракот на дојката се дијагностицира во понапредната фаза, во споредба со жените со нормална телесна тежина.

Високото ниво на некои хормони, како што се естрогенот и инсулинот можат да го зголемат ризикот за развој на повеќе видови на малигни заболувања. Обезноста е еден од факторите на ризик за настанување на ракот на јачникот.

Некои научници ја наведуваат гојазноста како ризик фактор за настанување на ракот на јајчникот, но нејзината улога како ризик фактор, се до сега, не беше доволно проучена. Некои сметаат дека ако и гојазноста е фактор на ризик, тој не е така јак фактор.

Но, новата епидемиолошка студија, која беше објавена на 5-ти јануари 2009 година во електронското издание на CANCER, открила дека меѓу жените кои никогаш не користеле менопаузална хормонска терапија, гојазните жени се со поголем ризик за развој на рак на јајчникот во споредба со жените кои имат нормална телесна тежина. Ова откритие ќе биде објавено во пишана верзија на 15 февруари 2009 година, во CANCER, часописот на Американкото здружение за канцер (American Cancer Society – ACS).

Оваа епидемиолошка студија индицира дека гојазноста може да допринесе за развој на рак на јајчник преку хормонски механизам.

Оваријалниот карцином е многу фатален гинеколошки малигном и 5 годишната стапка на преживување изнесува само 37%. Иако студиите ја поврзуваат зголемента телесна тежина со одредени видови на карциноми, многу малку се знае за поврзаноста помеѓу индексот на телесната тежина (Body Mass Index - BMI) и ризикот за рак на јајчникот. Определувањето на т.н. индекс на телесната тежина (Body Mass Index ) е најкористена метода за проценка на степенот на гојазност (дебелина) кај една индивидуа.

За да ја испита оваа поврзаност, Dr. Michael F. Leitzmann и неговите колеги од Националниот институт за канцер (National Cancer Institute – NCI) испитувале 94 525 американки на возраст од 50 до 71 година во период од 7 години. Научниците документирале 303 случаи на оваријален карцином за време на овој 7 годишен период и забележале дека помеѓу жените кои никогаш не земале хормонска ерапија после менопаузата, гојазноста била поврзано со скоро 80% повисок ризик за рак на јајчникот.

Во спротивно пак, никава поврзаност помеѓу телеснта тежина и ракот на јајчникот не била откриена за жените кои некогаш користеле менопаузална хормонска терапија.

Според зборовите на Dr. Leitzmann, овие наоди ја поддржуваат хипотезата дека гојазноста може да го зголеми ризикот за рак на јајчник делумно преку своето хормонално делување.

Прекумерната телесна тежина кај постменопаузалнмите жени води до зголемена продукција на естроген, кој истовремено може да го стимулира растот на оваријалните клетки и да игра улога во развојот на оваријалниот карцином.

Меѓу жените без позитивна фамилијарна анамнеза за рак на јајчник постоела поврзаност помеѓу гојазноста и зголемениот ризик за рак на јајчник и таа поврзаност била докажана во оваа студија. Како и да е, кај жените, пак, кои имале позитивна фамилијарна анамнеза за рак на јајчник не се покажала поврзаност меѓу телесната маса и ризикот за рак на јајчник.

Овие најнови откритија пружаат важни додатни информации кои се однесуваат на ризикот кај жените за развој на рак на јајчник.

„Забележената поврзаност помеѓу гојазноста и ризикот за рак на јајчникот има важност за јавните здравствени програми наменети за намалување на гојазноста меѓу популација“, изјавиле авторите на студијата.

Зголемената инциденца на аденокарциномот на хранопроводникот во изминативе три децении, сугерира на нов етиолошки фактор за овој вид на рак, а тоа е обезноста. Утврдено е дека како што расте инциденцата на обезноста, така расте и инциденцата на аденокарциномот на хранопроводникот.

Повеќе студии укажуваат дека прекумерната телесна тежина и внесувањето на голема количина масти од животинско потекло во исхраната го зголемуваат и ризикот за развој на рак на простатата.

Постои теорија која укажува дека мастите ја зголемуваат продукцијата на машкиот полов хормон, тестостерон, кој го потпомага настанувањето на простатичните карциномски клетки.

Исто така, лица кои имаат прекумерна телесна тежина имаат повисок ризик од појава на карцином на бубрегот.

Многу клинички студии покажале дека со намалувањето на телесната тежина се намалува и нормализира крвниот притисок и истиот е во нормални граници додека лицето е со нормална телесна тежина. Со намалувањето на телесната тежина се намалуваат триглицеридите и се зголемува ХДЛ – „добриот“ холестерол.

Намалувањето на телесната тежина доведува до намалување на шеќерот во крвта и на гликозирачкиот хемоглобин (HBA1c), кај пациентите со шеќерна болест. Намалувањето на масното ткиво влијае врз намалување на воспалителните маркери во крвта, за кои се знае дека учествуваат во атеросклеротичниот процес.

Не треба да се дозволи состојбата на обезност да трае многу години, бидејки таа ќе доведе до трајни оштетувања на крвните садови и на органите, така да смалувањето на телесната тежина нема да го даде во потполност очекуваниот резултат во прилог на подобрено зравје.

Индекс на телесна тежина (Body Mass Index - BMI)

Определувањето на т.н индекс на телесната тежина (Body Mass Index ) е најкористена метода за проценка на степенот на гојазноста кај една индивидуа. Сепак, треба да се напомене дека со оваа метода не се врши директно мерење на масните наслаги. Така, кај спортисти кои професионално се занимаваат со одредени спортови, можно е да се добијат покачени вредности за BMI, а сепак воопшто тие да не се гојазни. Кај нив, редовното вежбање довело до значително наголемување на мускулната маса на телото, додека масните наслаги се минимални.

Врз основа на податоците од Metropolitan Life Tables, просечните вредности за BMI кај луѓето, без разлика на висината и полот се движат помеѓу 19 и 26.

При исти вредности за BMI, жените по правило имаат повеќе масни наслаги на телото од мажите.

Индексот на телесна тежина (BMI) се покажал како многу добар показател за ризикот од појава на одредени заболувања, а кои се последица на прекумерна телесна тежина. Испитувањата покажале дека порастот на BMI над 25 е во тесна врска со појава на одредени болести како што се:

  • шеќерна болест,
  • болести на крвните садови,
  • болести на срцето,
  • малигни заболувања.

Следнава табела описно покажува колкав е ризикот од појава на кардиоваскуларни заболувања и шеќерна болест при одредени вредности за BMI (Body Mass Index):

Body Mass Index Ризик од заболување
20-25 Не постои ризик
25-30 Постои мал ризик
30-35 Постои умерено зголемен ризик
35-40 Постои висок ризик
Над 40 Постои многу висок ризик

Ризикот од овие болести е дотолку поголем, доколку истовремено постои покачен крвен притисок, намалена физичка активност и пушење.

Што се однесува до одредување на дебелината на телото, постојат други директни методи на мерење како што се:

  • Антропометрија- мерење на дебелината на поткожните масни наслаги (кожните набори) на поедини делови на телото ка ко што се грбот, стомакот и др.
  • Дензитометрија- мерење на тежината на телото под вода.
  • Компјутерска томографија и магнетна резонанца Метода на електрична импенданса.
 

Најчитани наслови