• Decrease font size
  • Reset font size to default
  • Increase font size
Ординација
Видови на хируршки зафати за рак на желудник Печати

Хируршкиот третман е единствената куративна (излечива) тераписка опција во третманот на ракот на желудникот. Хемотерапијата и радиотерапијата се применуваат како дополнителни терапии на хирургијата или како палијативни методи.

Апсолутно куративно лекување е можно само при отсуство на перитонеални и далечни метастази. При тоа, ресекционата линија е на 5 cm во здравото ткиво, а се спроведува комплетна хируршка ексцизија и на следниот низ на лимфни јазли, кој се наоѓа над зафатениот (метастатски) лимфен низ.

Релативно куративната операција се спроведува во случаите кога постои зафатеност и на серозата на желудникот со малигниот процес, а се прави хируршка есцизија само на ланецот на метастатски зафатените лимфни јазли. Прогнозата на оваа група е полоша, а петгодишното преживување изнесува под 10%.

Во зависност од типот и стадиумот на ракот на желудникот, може да се примени хируршки третман за да отстрани дел од желудникот или целиот желудник. Хирургот ќе се обиде да го зачува делот на нормалниот желудник, ако е тоа можно.

Денес, хирургијата е единтвена метода за излекување на ракот на желудникот. Ако е стадиумот на болеста 0, I, II, или III, и доколку пациентот е во добра општа состојба, би требало да се примени хируршки третман. Пациентите со стадиум IV на рак на желудник можат, исто така, да се подвргнат на хируршки третман, доколку не постојат метастази во далечните органи.

Дури и кога ракот е премногу локално напреднат за да биде комплетно отстранет со операција, сепак таа може да превенира одредени компликации, како крварење од туморот или може да спречи блокирање на желудникот. Овој тип на хируршки третман е наречен палијативен, што значи, нема за цел излекување на пациентот, туку превенција или намалување на симптомите.

Постојат 3 главни типови на хируршки тетмани за ракот на желудникот

Ендоскопска мукозна ресекција: Со оваа метода се прави отстранување на туморот, или отстранување на еден дел од желудникот. Со оваа метода, ракот се отстранува со едноскоп (долга, флексибилна цевка која минува преку устата до желудникот). Со оваа метода може да се лекуваат само многу рани стадиуми на рак на желудникот, каде шансите за проширеност на болеста во околните лимфни јазли се многу мали.

Субтотална (парцијална) гастектомија: Овој хируршки пристап често се користи кога ракот е во долните делови на желудникот, блиску до тенкото црево. Понекогаш овој хируршки метод се користи и за карциноми во горниот дел на стомакот.

При спроведување на суптотална гастректомија се врши отстранување на долниот (дистален) дел на желудникот (една половина или две третини од желудникот), вклучувајќи 5 до 6 cm од нормалното, здраво ткиво околу лезијата, дел од оментумот (масното ткиво околу желудникот) и дел од дванаестопалачното црево (почетен дел на тенкото црево). Освен во случај на сарком на желудникот, кој ретко метастазира во лимфните јазли, во сите други случаи се прави и оперативно отстранување на регионалните лимфни јазли (лимфни јазли во порта хепатис и целијачни лимфни јазли). Обично слезенката не се отстранува, освен кога постои очигледна инфилтрација (зафатеност) или проширеност на ракот и во проксималниот (горниот) дел на желудникот.

Кога се отстранува само дел од желудникот, исхраната е многу полесна, во споредба кога целосно се отстранува желудникот (тотална гастректомија).

Тотална гастректомија: Овој хируршки метод се користи која ракот се проширил низ целиот желудникот. Исто така, се користи и кога ракот е локализиран во горниот дел на стомакот.

Радикалната (тотална) гастректомија е оперативен зафат при кој се отстранува целиот желудник, долниот дел од хранопроводникот или горниот дел од дванаестопалачното црево (зависно од локализацијата на примарниот тумор), оментумот, а често се отстранува и слезенката. Истовремено, оперативно се отстрануваат и регионалните лимфни јазли. Радикалната гастректомија се применува доколку ракот е локализиран во горниот дел на желудникот и/или зафаќа поголем дел од телото на желудникот.

Доколку се направи тотална гастректомија, хирургот ќе направи „нов желудник“ од дел од тенкото црево. Реконструкцијата на гастроинтестиналниот континуитет се спроведува со неколку постапки, а која од нив ќе се примени, ќе зависи од оперативниот наод и од видот на спроведената операција.

Но, лицата кај кои е реализирана тотална гастректомија можат да јадат само мали оброци и почесто во текот на денот.

Оперативно отстранување на лимфните јазли: Доколку хируршкиот треман има за цел излекување на ракот, покрај отстранувањето на желудникот, се отстрануваат и лимфните јазли и дел од масното ткиво (оментум) околу желудникот. Доколку ракот се проширил и надвор од границите на желудникот, во слезенката, тогаш и таа оперативно се отстранува.

Многу хирурзи веруваат дека шансите за излекување се подобри доколку се отстранат сите лимфни јазли блиску до желудникот. Но, вака опсежните и комплицирани хируршки зафати мора да ги изведуваат искусни хирурги, кои имаат долгогодишно искуство во оперирање на ракот на желудникот. Бидејќи стомачниот рак може да се прошири и во лимфните јазли кои се многу подалеку од желудникот, во абдоменот, некои доктори веруваат дека и овие лимфни јазли треба да се отстранат. Но, не сите хирурзи се согласуваат со тоа.

Суптоталната гастректомија и радикалната (тотална) гастректомија се двете главни оперативни процедури кои најчесто се користат. Која од нив ќе се примени, зависи од големината, локализацијата, хистологијата, проширеноста на туморот, и секако, од изборот на хирургот.

Време на престој на пациентот во болница

Постоперативно се контролира секрецијата на дреновите, воспоставувањето на функцијата на цревата, како и зараснувањето на раната. Кај тоталната гастректомија, по 7-от ден од операцијата се прави рендгенграфски преглед со контраст, за да се утврди зараснувањето на шавовите на цревата. Просечниот престој во болница трае десетина дена.

Траењето на постоперативното опоравување

Постоперативното опоравување подразбира враќање на пациентот на своите вообичаени секојдневни активности, воспоставување на ритамот на дневните оброци, и враќање на својата предоперативна телесна тежина. Овој постоперативен реконвалесцентен период трае обично 2 до 3 месеци

Исхраната на пациентот во припремниот, предоперативен период

Предоперативно, ден пред операцијата, се исклучува исхраната преку уста, се поставува назогастрична сонда и се испира желудникот.

Исхрана на пациентот по оперативниот период

По воспоставувањето на функцијата на цревата се започнува со исхрана со течности, а потоа постепено се воведува кашеста и цврста храна. Поради редукцијата или губитокот не желудникот, кој е резервоар на храната, потребно е да се земаат почесто, но количински, помали оброци.

Можни несакани ефекти од хируршкиот третман

Хируршкиот зафат за ракот на желудникот е многу комплициран и тежок зафат за изведување и може да доведе до сериозни проблеми. Тука се вклучени: крварење за време на хируршкиот зафат, оштетување на околните органи, како на пример оштетување на жолчната кеса и панкреасот за време на самиот хируршки зафат. Ретко, на местата на спојот на делот од желудникот и хранопроводникот или на спојот со тенкото црево, може да дојде до попуштање на шавовите, па да дојде до изливање на цревната содржина во абдоменот. Овие компликации, кои може да бидат фатални, биле многу почести во минатото. Денес, само околу 1% до 2% од пациентите умирааат по операцијата. Бројот на смртни случаи може да биде поголем доколку се отстрануваат и лимфните јазли, односно колку е оперативниот зафат поопсежен, толку и ризикот од постоперативна смрт е поголем.

Други пропратни несакани ефекти, кои може да се развијат во периодот на опоравување по операцијата се: киселини и болка во абдоменот, посебно по јадење, и недостаток на некои витамини.

Желудникот е важен за апсорпцијата на витамините. Ако се отстранети некои делови од желудникот, лекарот може да препорача дополнителни витамински суплементи. Некои од нив може да се даваат само како инекции.

По операцијата на желудникот, повеќето пациенти ќе мора да ги променат своите навики во исхраната, т.е. ќе биде потребна одредена диета и режим на исхрана. Ќе треба да се јадат помали одброци, почесто на ден.