1-7 Април – Национална недела на РАК НА ТЕСТИС
За прв пат Националната недела на Ракот на тестис е прогласена во 1997 година и од тогаш секоја година се одбележува во многу земји во светот. Кампањата се спроведува за да ја истакне важноста на самопрегледот и раното откривање на ракот на тестисот, кое спасува илјадници млади животи секоја година.
Прогласување на Национална недела на Ракот на тестисот произлезе од потребата за подобра едукација на младата машка популација за превенцијата и раното откривање на ракот на тестисот.
Ракот на тестисот е најчест рак кај младата машка популација на возраст од 15 до 35 години. Во последниве 20 години, честотата на ракот на тестисот, во светски рамки двојно се зголеми. Пораст на честотата на ракот на тестисот е забележан и во Р. Македонија. Не се познати причините за порастот на бројот на заболените од оваа малигна болест.
Сметаме дека е неопходна подобра едукација на младата машка популација за овој вид на карцином, за кој многу малку, па дури и воопшто не се говори во медиумите и општо. Исто така, причина повеќе за подобра информираност за ракот на тестисот е фактот што ракот на тестисот е еден од најизлечивите карциноми, доколку се открие на време. Стапката на излечивост во раните стадиуми на болеста изнесува дури 100%.
Бидејќи станува збор за рак на орган кој е дел од интимната регија на младите мажи, често пати тие се плашат и срамат да разговараат дури и со своите најблиски и кога веќе имаат некакви проблеми и симптоми, па често се случува да дојдат предоцна на лекар, кога болеста веќе е во понапредната фаза. Напреднатиот рак на тестис потешко се лекува и бара поагресивна терапија. Излекувањето на напреднатиот рак на тестис не е така успешно, како кога ќе се открие на време.
Самопрегледот на тестисите е наједноставна и најефикасна метода за рано откривање на ракот на тестисот.
Самопреглед на тестисите треба да прави секој маж еднаш месечно, почнувајки од пубертетот. Самопрегледот се изведува многу едноставно и трае само неколку минути. За жал, малку мажи практикуваат самопреглед на тестисите. Според статистиките, само 14% од младите мажи редовно ги прегледуваат своите тестиси.
Токму поради тоа, сметаме дека е неопходно подобро да ги информираме младите мажи за важноста на самопрегледот на тестисите како клучен чекор во раното откривање на ракот на тестисот. Нашата цел е да ги охрабриме мажите редовно да вршат самопреглед на тестисите еднаш месечно. Мора да се создаде навика кај младата машка популација за редовен самопреглед на тестисите и да им се предочи дека ракот незнае за срам и страв и дека тој во раната фаза е 100% излечив.
Да ги охрабриме младите мажи да одат и на редовни контролни клинички прегледи, со цел рано да се открие ракот на тестисот.
Потребна е и подобра едукација на младата машка популација и за раните симптоми и знаци на болеста и за неопходноста веднаш да се јават на лекар, штом ќе забележат некоја промена на тестисот или во интимната регија. Само на тој начин, со подобра едукација за превенцијата и раните симптоми и знаци на болеста, ќе можеме во Р. Македонија да го намалиме бројот на пациенти со напреднат рак на тестис и ќе може да се реагира навреме и во огромен процент да се намалат негативните импликации врз лицето кај кое се дијагностицира ова заболување.
ЗАПОМНЕТЕ:
- Ракот на тестисот е еден од најизлечивите карциноми, доколку се открие на време. Стапката на излечивост во раните стадиуми на болеста изнесува преку 99%. Затоа, еднаш месечно направете самопреглед на тестисите и доколку забележите некои промени во тестисот или во интимната регија веднаш отидете на лекар.