7-ми Мај – Melanoma Monday

7-ми Мај – Melanoma Monday

Американската академија за дерматологија (American Academy of Dermatology) го прогласила месецот мај како месец на детекција и превенција на Меланома/Кожен рак. Секој прв понеделник во месецот мај е ден на меланомот. Оваа година 7-ми мај е ден на меланомот (Melanoma Monday). На тој ден се охрабруваат сите луѓе да ги усвојат здравите навики за заштита од меланомот, но и во текот на целиот месец мај се спроведуваат многу активности за превенција и рана детекција на кожниот карцином.

Базоцелуларниот и планоцелеуларниот рак на кожата се најчести форми на кожен карцином. Доколку овие видови на кожен карцином се откријат и лекуваат на време, тие се излечиви во 95 % од случаите.

Меланомот е најсмртоносниот вид на кожен карцином. Тој може да се јави ненадејно на било кој дел од телото или да се развие од постоечка бемка на телото. Раната дијагноза и навремениот третман на кожниот меланом се императив, бидјеќи меланомот може брзо да се прошири по телото т.е. во другите органи и ткива, односно може многу брзо да метастазира. Секој час по едно лице умира од меланом.

Американската дерматолошка академија (ААД) и Фондацијата за рак на кожата укажуваат дека најважен, главен фактор на ризик за развој на кожниот меланом е изложеноста на кожата на сончевите зраци или на другите извори на ултравиолетово зрачење. Ракот на кожата може да се развие на претходно непроменета (здрава) кожа или на постоечките промени на кожата или слузниците (бемки, брадавки, сиво-беличести наслаги на слузницата – леукопатија).

Ракот на кожата е во постојан пораст. Причината за тоа, велат истражувачите, е исцрпувањето на атмосферската заштитна озонска обвивка. Нејзиното намалување е причина за пропуштање на повеќе и појаки количини на сончева светлина, со што и ризикот од појава на рак на кожата е поголем.

Не треба да се заборави дека и неприродните извори на УВ зраци, како што се лампите за сончање и солариумите, можат да бидат причина за појава на кожен рак.

Докторите сé почесто предупредуваат на штетното делување на солариумите. Иако, Светската здравствена организација (СЗО) ги прогласила солариумите за канцерогени, многу луѓе, заради добивање на исончан, темен тен, одат на третмани во солариум.

Други фактори на ризик се генетската склоност (ракот на кожата е почест кај лица со светол тен, сини или зелени очи, светла или црвена коса), потоа, изложување на јонизирачки зрачења (рендгенски зраци и други врсти на зрачење), како и изложување на арсен, кој може да е присутен во некои хербициди.