Јануари – светски месец за подигање на свеста за ракот на грлото на матката
Јануари е светски месец за подигање на свеста за ракот на грлото на матката. Ракот на грлото на матката е второ по честота малигно заболување и втора причина за смрт од рак кај жените, после ракот на дојката.
Во светски размери годишно се регистрираат околу 500 000 нови случаи, од кои дури 300 000 завршуваат со смрт.
Во Македонија, ракот на грлото на матката е на второ место по честота и смртност од малигни заболувања кај жените. Во нашата земја, од рак на грло на матка годишно заболуваат над 250 жени, а 50 од нив умираат како последица на болеста.
Во месец јануари, во цел свет, повеќе ќе се говори за овој чест малигном кај жената. Ќе бидат организирани бројни трибини, фондации и разни други активности со цел да се подобри информираноста на жените за ракот на грлото на матката, за начините на превенција и важноста на редовните скрининг тестови (ПАПА тест и ХПВ тест) за рано откривање на преканцерозните лезии и ракот на грлото на матката.
Ракот на грлото на матката може да се искорени во следните 50 години, ако земјите ги имплементираат националните скрининг програми за откривање на Хуманиот папилома вирус (ХПВ), кој ја предизвикува болеста, заедно со програмите за вакцинација против вирусот.
Ова го изјавил Prof. Jack Cuzick на најголемиот европски конгрес за ракот, ECCO 15 – ESMO 34, одржан во 2010-та година во Берлин. Тој изјави дека сега постои вакцина против двата најчести типови на ХПВ вируси, кои предизвикуваат рак на грлото на матката. Но, во блиска иднина ќе биде достапна и вакцина која ќе штити од 9 видови на ХПВ вируси.
„Доколку вакцинацијата оди во комбинација со ХПВ скрининг, тогаш најверојатно ракот на грлото на матката ќе се искорени во оние земји кои успешно ќе ги спроведат овие национални програми. Меѓутоа, ова бара политичка волја и заложба на национално и на европско ниво“, изјавил Prof. Jack Cuzick.
Скринингот спасува многу животи. Затоа, правете ПАП тест еднаш годишно.