Одржана трибина – „Март – Светски месец на Рак на дебело црево“
И оваа година Центарот за здрав живот „САМОСВЕСТ“ го одбележа Светскиот месец на ракот на дебелото црево. Во таа цел беше организирана отворена едукативна сесија која се одржа на 16 март во салата на Црвен крст на град Скопје. Покрај ова, беше изработен и едукативен материјал во облик на флаер и постер кој беше поделен на посетителите.
„САМОСВЕСТ“ со отворената трибина и издавањето на нов информативно едукативнен материјал се вклучи во светските активности и даде свој придонес за подобра информираност на нашите граѓани за важноста на превенцијата, скринингот, раното откривање и навременото лекување на ракот на дебелото црево.
Во светот, но и кај нас, колоректалниот карцином е втор водечки рак-убиец. Но, овој вид на тумор може многу успешно да се спречи и рано открие. Токму за превенцијата и скринингот, но и за раната дијагностика, начините на лекување на ова често и сериозно заболување како и за здравата исхрана се говореше на оваа едукативна сесија.
Предавања одржаа:
- Д-р Лилјана Ацева-Андонова,специјалист радиотерапевт и онколог од Клиниката за радиотерапија и онкологија.
- Г-ѓа Цвета Динева, нутриционист – Це-Де Диет клуб.
- Проф. Д-р Мирко Крстевски, гастроентерохепатолог – Клиника за гастроентерохепатологија.
- Асс. Д-р Билјана Ангеловска, специјалист радиотерапевт и онколог од Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Модератор на отворената трибина беше Бојана Ацева Андонова, една од основачите на САМОСВЕСТ, која во своето уводно излагање ги запозна присутните со досегашните активности на здружението како и со проектите кои се подговуваат за наредниот период.
„Во светски рамки, годишно заболуваат окоу еден милион луѓе а околу 650 илјади умираат од ракот на дебелото црево. Во Македонија годишно заболуваат околу 650 луѓе.“ – истакна Д-р Лилјана Ацева- Андонова, спец. радиотерапевт и онколог при Универзитетската клиника во Скопје и претседател на „САМОСВЕСТ“.
Г-ѓа Цвета Динева е долгогодишна нутриционистка која во оваа прилика говореше за здравата исхрана и колку е таа важна за зачувувањето на здравјето и намалувањето на ризикот од малигните заболувања, особено од ракот на дебелото црево.
Проф. Д-р Мирко Крстевски се осврна и повеќе говореше за дијагностиката и откривањето на ракот на дебелото црево, додека пак Асс. Д-р Билјана Ангеловска ги запозна посетителите со третманот на ракот на дебелото црево и неговото лекување.
Ова беше ретка можност граѓаните на Р. Македонија да присуствуваат на вакво предавање каде можеа да дознаат малку повеќе за ракот на дебелото црево, неговото рано откривање, лекување и секако негова превенција, од предавањата на наши еминентни доктори и специјалисти, кои се најкомпетентни да говорат на оваа тема.