Што е бубрег?
Бубрезите се парни органи кои претставуваат централен дел на уринарниот систем. Сместени се во ретроперитонеалниот простор на задниот зид на абдоменот и се наoѓаат од двете страни на рбетниот столб ( во висина на 12 граден и 1 и 2 от слабински прешлен). Десниот бубрег е поставен пониско од левиот, заради неговото потиснување од црниот дроб.
Бубрегот има форма на зрно грав, чија конкавна ивица е свртена према рбетниот столб. Тој кај возрасен човек тежи околу 140-150г и има големина на тупаница. На медијалната страна на бубрегот се наоѓа влезниот отвор или бубрежниот хилус низ кој минуваат крвните и лимфни садови, нерви и надворешниот мочен канал.
Бубрегот е обвиен со сврзна капсула, а околу капсулата се наоѓа слој на масно ткиво кој ја одржува топлината и го зацврстува бубрегот.
Основна морфолошка и градбена единица на бубрегот е нефронот. Секој бубрег се состои од преку милион нефрони и секој од нив може потполно самостојно да создава мочка (урина). Човекот може да живее додека му функционира барем 1/3 од нефроните.
Бубрезите имаат цел низ на по живот важни функции и влијаат на работата на останатите органи, како и на организмот во целина.
Основна функција на бубрезите е да ја формира дефинитиваната урина, но покрај тоа тие имаат повеќекратна улога во одржувањето на хомеостазата во организмот.
Тоа подразбира:
- Регулирање на равнотежата на водата и електролитите во организмот
- Регулирање на осмоларноста на телесните течности и концентрацијата на електролитите
- Регулирање на ацидо-базната равтотежа
- Излачување на отпадните продукти од метаболизмот и штетните хемокалии
- Регулирање на артерискиот притисок
- Секреција на различни хормони
- Синтеза на гликоза и друго
Рак на бубрег
Карциномот на бубрегот уште се вика и карцином на бубрежните клетки или аденокарцином (Renal cell carcinoma, hypernephoma).
Карциномот на бубрегот учествува со околу 2% од сите малигни тумори кај возрасните.
Обично карциномот се јавува во понапредната возраст, најчесто во шестата деценија од животот.
Карциномот се јавува два пати почесто кај мажите отколку кај жените. Точната причина не е позната, но се претпоставува дека може да биде тоа што мажите почесто се изложени на делувањето на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа, а и повеќе има пушачи меѓу мажите отколку жените.
Причини и фактори на ризик за рак на бубрег
Како и за сите други карциноми кои се јавуваат кај луѓето, така и за ракот на бубрегот (Renal cell carcinoma, hypernephoma) причините за неговото јавување не се познати.
Сепак, некои лица имаат поголем ризик да заболат од оваа болест. Постојат одредени фактори на ризик кои ја зголемуваат можноста од појава на оваа болест кај некои луѓе.
Некои фактори, како што се пушењето можат да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција (присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив. Но, присуството на фактор на ризик, па дури и повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на ова малигна болест. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да заболат од карцином на бубрегот. Од друга страна, пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.
Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.
Фактори на ризик поврзани со начинот на живеење и животните навики
Пушење
Пушењето го зголемува ризикот од појава на карцином на бубрегот. Во многу студии се опишани цигарите како сигурен фактор на ризик за појава на карцином на бубрегот. Ризикот е поврзан со времетраењето на пушењето и бројот на испушените цигари. Ризикот е поголем доколку лицето пушело долго време и голем број на цигари дневно, а се намалува со престанување со пушењето.
Прекумерна телесна тежина (обезитас)
Лица кои имаат прекумерна телесна тежина имаат повисок ризик од појава на карцином на бубрегот.
Фактори од работната средина во канцерогенезата
Хемиските соединенија имаат големо значење за појавата на малигните тумори на бубегот. Тие може да се синтетизираат во организмот од нитритите и нитратите, да се внесат со храната или со некои лекови.
Многу клинички студии покажуваат дека изложувањето на делување на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа го зголемуваат ризикот од појава на карцином на бубрегот.
Некои од тие професионални хемиски канцерогени се:
- азбестот
- кадмиумот
- пестицидите
- бензенот
- органските растворувачи посебно трихлоретиленот
Други фактори на ризик
Фамилијарната историја на болеста (генетска предиспозиција)
Доколку некој од членовите од семејството боледува од карцином на бубрег, постои поголем ризик и неговите потомци да заболат од оваа болест. Ризикот е поголем доколку од оваа болест е заболен роднина од прв степен (татко, мајка, брат, сестра). Ризикот е поголем ако повеќе од еден роднина имал рак на бубрегот.
Одредени наследни и други заболувања (состојби)
Траумата, воспалителните заболувања, калкулусите (каменчиња), вродените малформации, цистичните бубрези се сметаат како можни фактори за појава на овие карциноми.
Висок крвен притисок
Ризикот од појава на карцином на бубрегот е поголем кај лица со висок крвен притисок. Лицата со висок крвен притисок често се на долготрајна медикаментозна терапија, па затоа е тешко да се каже дали поголемиот ризик е резултат на високиот крвен притисок или на лековите, или можеби е комбинација од двете.
Одредени лекови (медикаменти)
Одедени лекови може да го зголемат ризикот за појава на карциномот на бубрегот. Лековите кои се користат против покачен крвен притисок се смета дека се ризик фактори за настанување на карцином на бубрегот, но и други лекови.
Раса
Карциномот на бубрегот нешто малку почесто се јавува кај црната отколку кај белата раса. Тоа е најверојатно поради влијанието на животната средина и на наследените гени, но сè уште не се знае точно која е вистинската причина за негово почесто јавување кај црната раса.
Пол
Карциномот се јавува два пати почесто кај мажите отколку кај жените. Точната причина не е позната, но се претпоставува дека може да биде тоа што мажите почесто се изложени на делувањето на некои хемиски супстанции за време на секојдневната работа, а и повеќе има пушачи меѓу мажите отколку жените.
Бубрежна слабост поради напреднати бубрежи заболувања
Лицата со напреднати бубрежни заболувања кои се на дијализа имаат повисок ризик за настанување на карцином на бубегот. Дијализата е третман кој се користи за се отстранат отровите од организмот кај лица чии бубрези не функционираат.
Хормони
Се повеќе се проучува хормоналната зависност на овие тумори. Сериозни проучувања направил Bloom, кој смета дека прогестеронот, кортикостероидите и тестостеронот се во координација со бубрежниот карцином.
Се смета дека многубројните хормонални, клеточни и генетски фактори се причина за појава на овие тумори.
Денес се смета дека карциномите се јавуваат во хередитарен и нехередитарен облик, а нивното појавување може да е резултат на генетски или соматски мутации.
Превенција и скрининг
Бидејки не е позната причината на болеста како и сите можни фактори на ризик, не е можно да се спроведе адекватно спречување на болеста. Сепак како превенција се наведуваат неколку фактори:
- престанок на пушење
- одржување на нормална телесна тежина
- умерена и редовна физичка активност
- регулирање на крвниот притисок
- избегнување на изложеност на некои канцерогени фактори
Многу студии укажале дека престанокот на пушењето значително го намалува ризикот од појава на карцином на бубрегот.
Одржувањето на нормална телесна тежина со правилна исхрана и умерена физичка активност исто така го намалува ризикот од настанување на ова оболување. Правилната исхрана се состои од внесување на повеќе овошје и зеленчук, а помалку конзервирана храна.
Високиот крвен притисок е исто така докажан фактор на ризик за настанувањето на карциномот на бубрегот. Затоа регулирањето на крвниот притисок е и еден вид на превенција за карциномот на бубрегот и ги намалува шансите за настанување на ова заболување.
Како фактори на ризик за настанување на карциномот на бубрегот се наведуваат и многу хемиски канцерогени супстанции. Затоа избегнување на изложеност на некои канцерогени фактори ( пример одредени професии при кои лицата се изложени на хемиски канцерогени) го намалува и ризикот од карцином на бубрегот.
Овие горе наведени фактори на ризик може да се контролираат, но други фактори како што се возраста, генетската предиспозиција ( присутна позитивна фамилијарна анамнеза) не може да се изменат и не може да се влијае на нив.
Но, присуството на фактор на ризик, па дури и повеќе фактори, не значи и сигурно појавување на ова малигна болест. Многу лица, кои имаат некои од факторите на ризик, нема и да заболат од карцином на бубрегот. Од друга страна пак, често заболуваат и лица кои немаат ниту еден од овие фактори на ризик.
Сеуште неможе да се објасни зошто некои луѓе заболуваат, а други не.
Најважно е рано откривање на карциномот на бубрегот.
Карциномот на бубрегот често може да биде асимптоматски т.е да не даде никакви симптоми во неговиот ран стадиум, се додека не прогредира во понапреднат стадиум. Затоа, кај оние пациенти кои имаат еден или повеќе фактори на ризик се препорачува скрининг, со цел да се открие ракот во неговиот ран стадиум, кога и лекувањето е успешно.
Скрининг тестовите обично се изведуваат периодично, на пример еднаш годишно, или еднаш на секои 5 години.
Најчести скрининг тестови
- анамнеза и физикален преглед од страна на уролог
- лабораториски преглед на мочта и крвта
- цитолошки преглед на мочта
- ехотомографски преглед на абдоменот
Симптоми и знаци на рак на бубрег
Во раниот стадиум, карциномот на бубрегот често може да биде асимптоматски т.е. да не даде никакви симптоми. Затоа, во многу случаи, тој се открива дури кога ќе се прошири надвор од бубрегот, во околните ткива, или ќе се прошири во други ткива и органи во телото т.е. ќе даде далечни метастази.
Во некои случаи симптомите се слабо изразени и неспецифични, како што се: општа слабост, малаксалост, повремени безболни хематурии кои спонатно исчезнуваат.
Кај некои болни, заболувањето се манифестира со општа интоксикација.
Сепак за ракот на бубрегот карактеристичен тријас на симптоми е:
- хематурија
- палпабилен тумор
- болка
Најчест симптом при карциномот на бубегот е хематуријата која се јавува кај повеќе од 50% од болните. Таа, обично се јавува спонтано и при полно здравје и по некое време спонатно исчезнува, без лекување. Во почетокот е ретка, но со напредувањето на болеста, се јавува почесто. Кога хематуријата е обилна, може да дојде до згрутчување (коагулација) на крвта во бубрежните чашки и уретерот (горниот мочен канал) и да дојде до запушување кое се манифестира со болки, тешко мочање, па дури и со појава на анурија (потполна неможност за мочање).
Втор симптом по честота и важност е присуство на туморот кој може да се напипа при бимануелна палпација.
Трет значаен симптом е болката, која зависи од степенот на развојот на болеста. Може да биде како колика (јаки напади на болка), па кога ќе сопре крварењето, да престане и болката. Но кога туморот ќе се прошири надвор од капсулата, болката може да биде постојана и тапа и се јавува кај 40% од случаите.
Не така чест симптом е појава на варикоцела (проширени крвни садови). Кај жените се шират вените на големите лабии (усни) на вулвата и тоа е секогаш знак за напреднат стадиум на болеста.
При некои тумори се јавува и покачена телесна температура, која најчесто достигнува до 38 степени целзиусови. Се смета дека температурата се јавува поради специфичните пирогени материи кои ги лачат канцерските клетки на бубегот.
Екстраренални симптоми се топлите бранови и полицитемијата (зголемен број на црвените крвни зрнца во крвта) – болеста на Vaquer. При карцином на бубрегот, се констатира зголемен број на црвени крвни зрнца (еритроцити), покачени вредности на хемоглобинот и хематокритот, без промени на белите крвни зрнца (леукоцити) и крвните плочки (тромбоцити). Полицитемијата е резултат на зголеменото количество на еритропоетин што го излачуваат канцерските клетки, а се јавува кај 5-10% од болните.
Кај некои болни може да се јави хипертензија (висок крвен притисок) која е постојана и не реагира на терапија.
Во ретки случаи овие тумори произведуваат супстации слични на хормони, кои доведуваат до хиперкалциемија ( зголемено ниво на калциум во крвта), Кушингов синдром, феминизација и маскулинизација.
Кај многу пациенти туморот е без симптоми, а се открива кога ќе се појават симптомите од дистантните метастази. Главна локализација на метастазите се белите дробиви и коските, но туморот може да метастазира во било кое ткиво и орган во телото. Така како прв знак на болеста може да биде отежнато дишење, сува или продуктивна кашлица, плукање на крв, болки во градите (при присутни метастази во белите дробови) или болки во коските ( при присутни метастази во коските). Доколку се јават метастази во мозокот, тогаш може да постојат и карактеристични симптоми како: главоболка, вртоглавица, губиток на равнотежа, повраќање и слично.
При овие тумори се појавуваат имунолошки промени во организмот – синдром на Штрауфер, кој се изразува со зголемено ниво на алкална фосфатаза, хипоалбуминемија (намалено ниво на протеини во крвта), особено алфа 2-глобулините, висока температура, анемија (слабокрвност) и хиперкалциемија (зголемено ниво на калциум во крвта).
Феритинот и трансферинот, исто така, се зголемени неколкукратно.
Појава на тумор во двата бубрега е ретко. Ако туморот се јави прво на едниот бурег, а подоцна и на другиот, тој се смета за метастаза.
Туморите на бубрегот немаат еднаков тек на болеста кај сите болни.
Кај некои карциномот се развива брзо и брзо дава дистантни метастази во оддалечените органи и ткива, доведува до интоксикација и предизвикува брза смрт.
Кај други болни, болеста има бавен тек, и долго време по реализираната радикална нефректомија не постојат никакви симптоми и знаци на болеста. Кај нив болеста бавно метастазира после многу години од иницијалниот оперативен третман.
Дијагностички испитувања и постапки
За успешно лекување на карциномот на бубегот важна е раната дијагноза. Кога ќе се јават одредени симптоми и знаци кои поставуваат сомнеж за постоење на карцином на бубрегот потребно е да се направат одредени дијагностички испитувања. Секоја појава на безболна хематурија бара детално испитување. Затоа при секое појавување на крв во мочката неопходно е веднаш да се отиде на лекар.
За поставување на рана дијагноза при тумор на бубрегот важен е редоследот на испитувањата. Потребно е да се направат повеќе испитувања.
Дијагностички процедури
Во дијагностички процедури за карциномот на бубрегот спаѓаат:
- анамнеза и физикален преглед од страна на уролог
- лабораториски преглед на мочта и крвта
- цитолошки преглед на мочта
- ултразвучен (ехотомографски) преглед
- пиелографија
- компјутерска томoграфија (КТ) на абдоменот и градниот кош
- магнетна резонанца (МРИ)
- биопсија од туморската промена во бубрегот
- биопсија на лимфните јазли
- сцинтиграфски преглед (скен) на скелетот
Првични дијагностички испитувања
Првиот пристап во дијагностичкото испитување се анамнезата и физикалниот преглед.
Анамнеза
Пациентот дава анамнестички податоци за неговите минати заболувања, неговите животни навики, (како на пример пушење), за изложеноста на одредени хемиски канцерогени фактори, како и за евентуалното присуство на сегашни тегоби. Од сите овие првични податоци, докторот ќе процени дали постои ризик за присутен карцином на бубрегот. Потоа следи физикалниот преглед.
Физикален преглед
Урологот ќе изврши детален прегед. При прегледот може да се открие палпабилен тумор во абдоменот, како и некои други промени. Физикалниот преглед е многу важен и тој со анамнезата е привичен пристап во поставувањето на дијагнозата на карциномот на бубегот.
Анализа на мочта
Анализата на мочта дава прецизни податоци за состојбата на мочните канали, мочниот меур и бубрезите. Таа може да покаже и постоење на придружна бактериска инфекција. Пациентот дава мочка за микробактериолошка анализа. Доколку анализата покаже присуство на бактерија, се прави и антибиограм (се одредува кој антибиотик е најефикасен за лекување на бактеријата која е изолирана од мочта). Исто така се испитува и присуство на крв, белковини или шеќер во мочта. Било која абнормалност во уринарниот тест индицира понатамошни испитувања.
Лабораториски (биохемиски и имунолошки) испитувања на крвта
Во рутинските испитувања на крвта спаѓаат: преглед на комплетната крвна слика, на седиментацијата и други биохемиски испитувања за утврдување на функцијата на бубрезите (нивото на серумскиот креатинин, уреа, алкална и кисела фосфатаза и др.) Доколку функцијата на бубрезите е оштетена, вредностите на уреата и креатининот ќе бидат повисоки од нормалните граници.
Цитолошки преглед на мочта
Тоа е микроскопски преглед на мочта со цел да се утврди присуство или отсуство на карциномски клетки. Доколку овој тест е позитивен, односно се откријат малигни клетки во мочта, испитувањето продолжува.
Доколку со овие првични испитувања се постави сомнеж за постоење на карцином на бубрегот, се продолжува со дополнителни дијагностички процедури.
Патологија и развој на туморот
Патологија
Во зависност од тоа дали произлегуваат од бубрежниот епител или од епителот на бубрежната карлица и уретерот, туморите на бубрегот се делат на:
- карциноми на бубрежните клетки – renal cell carcinoma, кои се јавуваат како последица на малигна трансформација на бубрежните клетки,
- карциноми на бубрежната карлица и уретерот – transitional cell carcinoma, кои се јавуваат како последица на малигна трансформација на преодните клетки.
Карциномот на бубрежните клетки (renal cell carcinoma) е најчест малиген тумор на бубрегот кој се јавува во 80-85% од сите бубрежни карциноми.
Постојат неколку подтипови на карциномот на бубрежните клетки:
- карцином на светли клетки (80%)
- хромафини или папиларни карциноми (15%)
- хромофобни карциноми (5%).
Варијантата која се нарекува саркоматоиден бубрежен карцином може да се јави во сите подтипови и таа е најагресивна форма на карцином.
Карциномот на преодните клетки настанува во делот на бубрегот кој се нарекува бубрежна карлица (pelvis renis). Тоа е дел од бубрегот, каде мочката се собира пред да се слие, преку уретерот (мочниот канал), во мочниот меур. Овој тип на карцином е посличен со карциномот на мочниот меур, отколку со карциномот на бубрегот, па нивното лекување е слично како кај карциномот на мочниот меур.
Раст и ширење на бубрежниот карцином
Локален раст и ширење на карциномот на бубрегот
Карциномот на бурежниот паренхим е во форма на јазел, кој може да биде со различна големина. Тој со тек на време расте и може да достигне големина од 10 cm во својот најголем дијаметар, па и повеќе.
Овој тумор долго време може да биде ограничен и инкапсулиран, односно да не ја пробие капсулата на бубегот.
Со тек на време, како што болеста прогредира, туморот може да расте кон медуларниот дел и бубрежната карлица (легенче), како и кон бубрежната капсула. Туморот може да ја навлезе и бубрежната вена и да со својот директен раст продре во периреналното (околу бубегот) масно ткиво и во надбубрежната жлезда, која се наоѓа на горниот пол на бубрегот.
За потребите на клиничката практика, малигните тумори на бубрегот се делат на три степени.
Во првиот степен се вклучуваат диференцираните карциноми кои имаат светла протоплазма во малигните клетки, поради натрупување на гликогени липиди, и се нарекуваат clear cell carcinoma или hipernephroma.
Во вториот степен спаѓаат недиференцираните карциноми кои се каратеризираат со грануларен карактер на клетката и се изразено атипични-недиференцирани.
Во третиот степен на малигнитет не само што е изразена атипијата, односно недиференцираноста на малигните клетки, туку се губи и нивната жлездеста градба, па туморот добива саркоматозен изглед.
Од саркомите на бубрегот, најчести се фибросаркомот и леомиосаркомот.
Лимфогено ширење на карциномот на бубрегот
Бубрежниот карцином не само што расте локално, при што со својот раст директно ги зафаќа околните структури и ткива, туку тој се одликува и со висок потенцијал за лимфогено (преку лимфата) и хематогено (преку крвта) метастазирање.
По лимфен пат, карциномот на бубрегот најчесто ги зафаќа лимфните јазли во малата карлица и оние околу големите крвни садови (аортата и вена кава).
Така многу често, дури и при првичното дијагностицирање на туморот, може да бидат присутни зголемени, метастатски изменети лимфни јазли во абдоменот.
Хематогено ширење на карциномот на бубрегот
Метастазирањето на карциномот на бубрегот по крвен пат е доста често и, речиси, исто како и при меланомот и при туморите на белите дробови, не се раководи од никакви закономерности и не може да се прогнозира каде ќе се прошири и кои органи или ткива ќе бидат зафатени со метастази.
Инфилтрирањето на бубрежната вена овозможува метастазирање во црниот дроб, белите дробови, коските и мозокот. Тие се најчести локализации на метастазите на карциномот на бубегот. Но, понекогаш се забележуваат и најнеобични метастазирања како во: усната шуплина, гркланот, срцето и другите органи.
Според тоа, со метастази може да биде зафатен било кој орган или ткиво во телото.
Раст и ширење на карциномот на бубрежната карлица и уретерот (карцином на преодниот епител – transitional cell carcinoma)
Овој тип на карцином почесто метастазира по лимфен пат. Најпрво се зафатени околните лимфни јазли, како и лимфните јазли во малата карлица и во абдоменот (околу големите крвни садови – аортата и вена кава).
Карциномот на преодните клетки поретко метастазира по крвен пат. Но, можно е да се јават метастази во било кој орган или ткиво во телото.
Во 20-30% од пациентите, прво се јавува далечно метастазирање, а потоа се открива примарниот тумор.