Алатки за оценување на болката
Што може да направи вашиот доктор
Најважно е вашиот доктор да биде детално информиран за вашата болка.Потребно е да детално ја објасните локализацијата, квалитетот и инензитетот на болката, нејзиниот почеток, траење и сите други својства на болката. По деталните анамнестички податоци за болката, докторот ќе направи детален физикален преглед, како и други потребни дополнителни испитувања. Дури потоа ќе ги разгледа можностите за лекување на болката.
За успешно лекување на болката потребно е да се одреди нејзината јачина кај секој пациент одделно. За тоа постојат алатки за одредување на интензитетот на болката.
Алатки за оценување на болката
За одредување на видот и интензитетот на болката, кај секој пациент одделно, постојат ткн. алатки за оценување на болката.
Овие алатки за оценување на болката му помагаат на пациентот да ја опише својата болка. Често се користат за дa се опише итензитетот на болката или колку болка пациентот чувствува. Овие скали може да бидат: нумеричка скала за оценка на болката, визуелна аналогна скала, скала со категории и скала со слики на изразот на лицето на пациентот (pain faces scale).
При користењето на нумеричката скала, пациентот треба да каже колкава болка има со избирање на број од 0 ( не постоење на болка) до 10 ( јака, неиздржива болка).
Визуелната аналогна скала е права линија, каде левиот крај од линијата покажува непостоење на болка,а десниот крај од линијата ја покажува најјаката болка. Пациентот терба да означи на оваа права линија на скалата каде мисли дека е неговата болка.
Скала на болка по категории. На оваа скала постојат 4 категории: не постоење на болка, блага болка, средно изразена и јака болка. Пациентот треба да ја одреди онаа категорија која најдобро ја опишува неговата болка.
Скала според изразот на лицето. Оваа скала користи 6 слики на лицето со различен израз на лицето во секоја од овие 6 слики. Секоја слика на лицето е изразот на пациентот, кој се чувствува среќен поради непостоење на болка, или е тажен поради тоа што има послаба, средно изразена или многу јака болка. Пациентот треба да ја одбере онаа слика која најдобро опишува како тој се чувствува.
По одредувањето на интензитетот на болката кај секој пациент одделно со помош на овие скали за болка, се пристапува кон одредување на терапијата за канцерскaта болка за секој пациент посебно. Се избираат лекови кои ќе бидат од корист за секој пациент одделно, зависно од јачината на неговата болка.
Откривањето на причините за настанување на канцерската болка многу ја поедноставуваат тераписката процедура, но со аналгетската терапија, сепак треба да се отпочне и во текот на барањето на причините за болката.