Зголемена простата

Зголемена простата

Би сакала да знам нешто повеќе за проширена простата кај помлади машки особи. Како да се намали нелагодното чувство? И како одприлика да се третира проширената простата кај која што нема ни бактерија, ни воспаление, ни зголемено мокрење, едноставно има само нелагодно чувство?

Според вашето писмо, најверојатно се работи за БПХ, или бенигна простатична хиперплазија. Често ја нарекуваат и старечка простата, бидејќи почесто се јавува во подоцнешните години од животот, т.е. кај мажи над 50 годишна возраст. Но, зголемена простата може да биде присутна и кај помлади мажи, на возраст од 40 години и повеќе.

Како последица на пореметената хормонална рамнотежа доаѓа до растење на ново простатично ткиво кон простатичниот дел на мочниот канал, што доведува до деформирање и истегнување на мочниот канал, што е всушност и причина за појава на симптомите на БПХ. Ова ново ткиво кое расте е исто како и нормалното простатично ткиво, со таа разлика што кај новото ткиво доминира жлездената структура.

Старечкото растење на простатичното ткиво само по себе нема штетно влијание врз организмот. Всушност, симптомите се јавуваат како последица на промените на мочниот канал предизвикани од зголеменото простатично ткиво. Мочниот канал се деформира, издолжува и усукува како врвца. Како резултат на ова стеснување, извиткување, делумно или комплетно затварање на мочниот канал, мочниот меур, односно неговиот мускул почнува да работи посилно за да го совлада отпорот и да може мочта нормално да се исфрли надвор. Така, мускулот стегач на мочниот меур постепено се зголемува и зајакнува. Колку што пречката во мочниот канал е поголема, толку е поголем и отпорот за проток на мочта, па силата на мускулот се повеќе се зголемува. Во почетната фаза на БПХ, мочниот меур успева целосно да ја исфрли мочта надвор. Ова е компензаторна фаза на болеста. Таа може да трае со години. По оваа фаза, следи декомпензаторната фаза на болеста, во која мочниот меур не може целосно да се испразни и во него останува дел од мочта (рест урина).

Секој маж со зголемена простата не секогаш има присутни симптоми на болеста. Многу пациенти до длабока старост немаат никакви симптоми. Од друга страна пак, кај некои мажи, кои немале никакви симптоми, може одеднаш да дојде до комплетно прекинување на мочањето и тоа да биде прв симптом и показател за присутната болест. Не секогаш, големината на простатата е пропорционална со јачината на симптомите, односно со тешкотиите при мочањето

Симптомите на бенигната простатична хиперплазија се:

Симптоми поврзани со капацитетот на мочниот меур (storage) се:

  • многу често мочање
  • ноктурија (мочање ноќно време)
  • ургентно мочање (итна пореба за мочање)
  • инконтиненција

Симптоми поврзани со мочањето се:

  • тешко отпочнување на мочањето
  • слаб млаз на урина
  • потреба за напнување при мочање
  • испрекинато мочање
  • чувство на нецелосно празнење на мочниот меур
  • уринарна ретенција (неможност за мочање)

Поставување на дијагноза на БПХ

За поставување на дијагнозата на БПХ се потребни првични и дополнителни испитувања. Испитувањата опфаќаат: физикален преглед (анален преглед, дигитален ректален преглед), анализа на мочта, лабораториски испитувања (серумски креатинин, уреа, алкална и кисела фосфатаза, серумски ПСА), трансректален ултразвучен преглед со евентуална биопсија на простата.

Лекувањето на БПХ може да биде со:

  • конзервативен третман (следење и медикаментозна терапија)
  • хируршки третман

Конзервативниот третман на БПХ опфаќа следење и медикаментозна терапија.

Медикаментозното лекување се спроведува со примена на:

  • фитотерапија
  • терапија со алфа блокатори
  • хормонска терапија

Хируршкиот третман на БПХ е индициран во следниве случаи:

  • ретенција на урина, инконтиненција, заради преполнет мочен меур или резидуална урина повеке од 300ml,
  • тешки симптоми кои го нарушуваат квалитетот на животот на болниот,
  • големо стеснување на надворешниот мочен канал,
  • проширеност (дилатација) на горните мочни патишта,
  • нарушена бубрежна функција,
  • инфекции на уринарниот тракт,
  • каменчиња (калкулуси) во мочниот меур,
  • тешки и средно тешки симптоми кај пациенти, кои сакаат брзо ослободување од нив или кога не се постигнати задоволителни резултати со друг вид на третман.

Хируршкото лекување може да се изведе со минимално инвазивни методи и со инвазивни методи.

Подетално за зголемената простата, т.е. за БПХ имате на следниов линк: Бенигната простатична хиперплазија

Не би ви советувала да на своја рака земате терапија. БПХ успешно се контролира со лекови и со нив може да дојде до значително намалување на присутните симптоми. Затоа е најдобро да се јавите на лекар, специјалист уролог, кој по деталниот преглед и потребните лабораториски и други испитувања, ќе може да ви препише и соодветна терапија.

Поздрав.

Др.Л.Ацева.

специјалист радиотерапевт и онколог