Анасон – лековита билка и зачин
Анасонот е двогодишно или повеќегодишно растение, кое како самоникнато расте насекаде во поширокиот простор на средоземјето. Оваа билка има два подвида и многу варијанти.
Кај нас се одгледува вариететот Foeniculum dulce или Македонски анасон. Тој е едногодишно растение, има само едно стебло кое расте до 80 cm во височина и е слабо разгрането. Овој вид на анасон мрзне во текот на зимата. И двата подвида на анасонот имаат слични својства.
Повеќегодишниот анасон има меснат корен, разгрането вретенесто стебло, кое достига височина од 1 до 2 метри. Листовите се игличести, кончести и разделени, како и кај другите растенија кои припаат во групата на зачини. Соцветието е здружено и густо поставено на самиот врв на растението или на самата гранка. Цветовите по боја се жолти, со јак и пријатен мирис.
Сувата билка има карактеристичен мирис и остар ароматичен вкус.
Во народната медицина плодовите од сите видови анасон се употребуваат против подуен стомак, болки во желудникот и цревата и за подобро варење на храната. Исто така, анасонот се користи и при заболувања на дишните патишта: воспаление на грло, бронхит, бронхијална астма. Како дезинфекционо средство, чајот од анасон се препорачува за испирање на грлото и устата.
Чај од анасон
2-5 грама сув и иситнет плод од анасон се прелива со 150 милилитри врела вода. Се остава поклопено 15 минути и се процедува. Во текот на денот се пијат по 2 до 4 шољи свеж чај, помеѓу оброците.