Бел исцедок од мочниот канал
Некаде пред два месеци ми беше последниот сексуален однос. По тој однос после 10 дена некаде на половиот орган ми се појави црвен осип кој пецкаше. Отидов на матичен лекар кој ме прегледа и рече дека се работи за габична инфекција. Ми препиша само маст за да се мачкам. Некаде после 10 – 15 дена, осипот се острани, пецкањето прекина и немав никакви симтоми. Бев настрана од Македонија и некаде пред 20 дена имав потекување само на левата страна на тестисите. Поради немање таму здравствено осигурување не отидов на лекар. Болките траеа некаде од 5 до 7 дена и прекина. Еве сега повторно се јавуват и во двата тестиси. Нема отекување само внатрешно осеќам во тестисите и бешиката непрекинато стегање и болки. Денеска забележав и бел исцедок од мочниот канал. Дали може да ми дадете некоја информација каде може да направам тестови и да се види дали имам некоја сексуално пренослива болест или станува нешто друго проблем…
Однапред ви благодарам и ќе бидам доста среќен ако ми одговорите во брзо време за каде да се обратам за помош.
Мислам дека кај тебе се работи за некоја инфекција, но за да се открие за која инфекција се работи, треба да се направат дополнителни испитувања, со кои ќе се утврди причинителот на евентуалната инфекција. Тоа е многу важно за спроведување на адекватен третман.
Прво што треба да направиш е да се јавиш на преглед кај твојот матичен лекар, кој потоа ќе те упати до специјалист уролог. Урологот ќе земе детална анамнеза и ќе направи комплетен уролошки преглед, како и комплетни лабораториски испитувања на крвта и мочката.
По прегледот, најверојатно ќе ти бидат препорачани и други дијагностички постапки со кои ќе се утврди причината за твоите тегоби.Доколку постои сомнеж за инфекција се зема брис од пенисот, или од некоја раничка доколку ја имаш на половите органи, а може да се направи и микробиолошки преглед на мочката. Тоа се првичните испитувања, по кои би следеле и други, зависно од резултатите добиени од микроскопскиот и микробиолошкиот преглед. Можеби ќе треба да се направи и ехотомографски преглед на урогениталниот систем.
Како и да е, треба веднаш да се јавиш на лекар, бидејќи ако се работи за инфекција, таа може, ако не ја лечиш да премине во хронична, а таа многу потешко се лекува.
Се надевам дека ќе го послушаш мојот совет.
Поздрав.
Д-р Л. Ацева.