Еко терапија – Алтернативна метода за лекување на депресија
Алтернативната метода за лекување на депресија, т.н. еко-терапијата се почесто ја препорачуваат и лекарите-специјалисти. Еко-терапија е всушност прошетка или работење во природа.
Депресијата може да биде предизвикана од повеќе причини. Но и откривањето дека сме болни од малигно заболување, може да не доведе да западнеме во депресивна состојба.
На пациентите со полесни и потешки видови на депресија, како дополнителна терапија им се препорачува секојдневно шетање низ парк, во блиските шуми или работење во природа, како на пример садење на цвеќиња и слично.
Две потполно независни истражувања покажале дека еко-терапијата, која во својата програма може да содржи и наједноставни вежби на отворено, значително го подобрува менталното здравје.
После прошетка низ парк во траење од најмалку половина час , 71% од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат помалку депресивно, а 90% од нив забележале дека им се подобрила и самодовербата.
Од друга страна после шетање низ град или низ големите трговски центри, само 45% од испитаниците од оваа научна студија изјавиле дека расположението им се за нијанса подобрило, додека дури 22 % од нив тврделе дека биле уште подепресивни по шетањето низ градските гужви или низ трговските центри.
Научниците сепак стојат зад тезата дека еко-терапијата неможе да ја замени конвенционалната терапија за депресијата, но може да биде успешна дополнителна терапија.
Затоа, доколку се чувствувате вознемирено, нерасположено, тажно или депресивно излезете од дома и прошетајте низ парк или отидете до Водно, или до најблиската шумичка или планина до вашето место на живеење. Тоа сигурно ќе го подобри вашето расположение и ќе ви ја врати самодовербата.