Езофагоскопија со биопсија
Ендоскопски дијагностички методи
Езофагоскопија е често изведувана процедура со која се овозможува директна визуелизација на внатрешноста на хранопроводникот (езофагус) со помош на ендоскоп, кој е флексибилен, совитлив инструмент.
Поновите езофагоскопи ги пренесуваат сликите електронски, додека постарите типови на езофагоскопи ги пренесуваат сликите со помош на фибер-оптички систем.
Езофагоскопијата е иницијална (почетна) процедура за потврдување на рефлуксен езофагит (рефлуксна болест), за откривање на ерозии во слузницата на хранопроводникот, за диверикулуми (вреќести проширувања на sидот на хранопроводникот), но и за откривање на карцином на хранопроводникот.
Езофагоскопијата се изведува со ендоскоп, кој има форма на цевка, долг околу 100 см, со дијаметар од 9 мм. Во внатрешноста на ендоскопот се наоѓа оптичкиот системи и рaботен канал (преку кој по потреба се зема биопсија или се сопира крварење во хранопроводот или желудникот). На врвот се наоѓа камера и светло со што е овозможена директна визуализација.
Доколку лекарот при езофагоскопијата забележи некоја сомнителна промена на слузницата на хранопроводникот, тој со помош на едноскопот, кои има специјален дел за биопсија, зема дел од сомнителната промена. Материјалот земен со биопсија се праќа на хистопатолошко испитување кај лекар, специјалист-патолог. Патологот дава дефинитивна хистопатолошка дијагноза. При тоа може да се одреди хитолошкиот тип на туморот, како и степенот на диференцираноста на туморот, што е од голема важност за одредување на соодветна терапија.
Степенот на диференцираноста на туморот т.е градусот, ја одредува и неговата агресивност и е битен прогностички фактор на болеста.
Примена на езофагоскопијата
Езофагоскопијата се применува при многу состојби. Покрај тоа што со езофагоскопијата се врши детален преглед на слузницата на хранопроводот, при оваа дијагностичка метода можат да се откријат: воспаление (езофагит), чир, стеноза (стеснување) на хранопроводот, исто така, доколку има потреба, при оваа дијагностичка постапка може да се отстрануваат полипи (бенигни тумори), да се сопре крварењето, на пример при „прскање“ на чир на хранопроводникот, како и да се земе примерок од слузницата (биопсија), за понатамошно микроскопско патохистолошко испитување.
Припрема на пациентот
Пред прегледот, пациентот не смее ништо да јаде и пие. Со тоа ќе се овозможи задоволителна визуелизација, но и ќе се избегне повраќање во текот на процедурата.
Изведба на езофагоскопијата
Езофагоскопот е мека, совитлива цевка, која преку устата се внесува сè до желудникот. Процедурата обично трае 5 минути и обично се изведува со истовремена интравенска (преку вена) седација. Алергиските реакции кон овие седативи се ретки. По изведбата на процедурата, пациентот, доколку примил седатив (средство за смирување), не треба да управува со моторни возила сé до наредниот ден.
Езофагоскопијата се изведува во болница, како амбулантска процедура, односно пациентот не се хоспитализира. Обично, доколку пациентот примил средство за смирување, треба да остане уште 3 часа во болница, по направената езофагоскопија.
Компликации
Езофагоскопијата е непријатна за пациентите, но сепак е многу безбедна метода. Комликациите од езофагоскопијата се ретки, а најчесто може да се јават при интервентни процедури, како при дилатација (проширување) на стриктури (стеснувања) на хранопроводот, при отстранување на полипи и слично.
Компликации кои најчесто се јавуваат се:
- перфорација (пробивање, пробушување) на ѕидот на хранопроводот,
- инфекција на вратот, градите или стомачната празнина, по перфорацијата (пробивање) на хранопроводникот,
- крварење, доколку се оштетат крвните садови, а најчесто тоа се јавува при отстранување на полипи,
- белодробни инфекции, како резултат на повраќање или аспирација (вдишување на секрет или желудечна содржина) за време на процедурата.
Постојат начини за рано откривање и следење на појавата на овие компликации. Многу ретко може да се јави потреба од хоспитализација, од хируршка операција, од потреба за хранење преку инфузија или потреба од трансфузија на крв. Иако може да дојде и до смртен исход од компликациите при дилатацијата на езофагусот, сепак тоа екстремно ретко се случува.
Посебни мерки на претпазливост се преземаат доколку пациентот:
- има тешка срцева, белодробна или бубрежна болест,
- има намален имунитет,
- има заболување на срцевите залистоци или вграден пејсмејкер,
- има шеќерна болест,
- прима хемотерапија,
- има вештачки, имплантиран зглоб,
- лесно крвари или зема лекови против згрутчување на крвта.