Хепатит Б

Дознајте се за Хепатитот Б (воспаление на црниот дроб)

Вирусите на хепатит А, хепатит Б и хепатит Ц се различни вируси, кои се пренесуваат по различни патишта. Луѓето може да се вакцинираат против вирусот на хепатитот А и хепатитот Б, но не постои вакцина за хепатит Ц. Можно е едно лице да има повеќе од еден хепатит вирус вo исто време.

Хепатит Б

Хепатитот Б е сериозно заразно заболување, кое може да доведе до тешки оштетувања на црниот дроб и развој на цироза и рак на црниот дроб. Предизвикано е од вирусот на хепатит Б. Вирусот на хепатитот Б се пренесува преку заразената крв и телесните течности. Ваквото ширење е можно преку директен контакт со заразена крв.

Хепатитот Б се пренесува слично како и СИДА-та, преку сексуален однос, со користење ист прибор при интравенозно земање дрога, при директен контакт со заразена крв или телесна течност од заразена личност, и при пораѓање, од мајката на новороденчето.

Хепатитот Б не се пренесува преку вода, храна или облека.

Кога вирусот навлегува во крвта на човекот, тој преку неа доаѓа до црниот дроб, кој е негова главна и примарна мета.

Хепатитот Б предизвикува симптоми слични на симптомите на грипот, а тоа се: зголемена телесна температура, треска, мачнина, гадење, замор, општа слабост, темна боја на мочката и жолта боја на кожата и белките на очите. Сите деца кои се изложени на опасност да се разболат од жолтица – хепатит Б, треба да бидат заштитени од оваа болест. Во крајни случаи, хепатитот Б може да го уништи црниот дроб и да предизвика смрт.

Од друга страна пак, многу луѓе можат да бидат заразени од вирусот и да го „носат“ во себе долго време, па дури и цел живот, а без да се свесни за тоа.

Тоа што не постојат симптоми и знаци на инфекцијата со хепатит Б кај некои луѓе, не значи дека таа и не постои. Вирусот е присутен во организмот и тој предизвикува оштетување на црниот дроб, кое со тек на време доведува до развој на цироза, а цирозата, пак, е еден од факторите на ризик за настанување на ракот на црниот дроб. Според тоа, како фактор на ризик за настанување на примарниот рак на црниот дроб е и инфекцијата со вирусот на хепатитот Б.

Значајно е и тоа што ова е заразно заболување, а тоа значи дека лесно може да се пренесе од болен на здрав човек. Луѓето кои се носители на вирусот на хепатитот Б може да заразат други здрави луѓе, иако самите не знаат дека се носители на вирусот.

Причинител

Причинител на хепатитот Б е вирус присутен во крвта и другите телесни течности на инфицираното лице.

Вирусот се шири преку крвта и телесните течности кои содржат крв. Ваквото ширење е можно преку директен контакт со заразена крв. Хепатитот Б се пренесува слично како и СИДА-та, преку сексуален однос, со користење ист прибор при интравенозно земање дрога, при директен контакт со заразена крв или телесна течност од заразена личност, и при пораѓање, од мајката на новороденчето.

Хепатитот Б не се пренесува преку вода, храна или облека.

Вирусот на хепатитот Б е стопати позаразен од ХИВ вирусот. Сепак хепатитот Б може да се превенира со сигурна и ефективна вакцина. За луѓето кои веќе се хронични носители на ХБВ, вакцината не е делотворна.

Симптоми

Кога здрав возрасен човек е заразен со хепатитис Б вирусот (ХБВ), неговото тело реагира на неколку различни начини. Околу 50% од сите ХБВ случаи немаат никакви симптоми.

Кај приближно околу 49% ќе се јават симптоми слични на симптомите на грипот: треска, замор, болка во мускулите и зглобовите, губиток на апетит, гадење и повраќање. Многумина од пациентите мислат дека имаат грип или не ги поврзуваат нивните симптоми со хепатитот Б.

Кај околу 90% од сите заразени луѓе ќе се создадат антитела против болеста и во целост ќе го отстранат вирусот од нивното тело. Иако, кај нив можат да се јават некои симптоми, сепак овие луѓе ќе оздрават без компликации.

Многу мал број (околу 1%) развива акутен фулминантен облик на хепатит. Кај овие луѓе може ненадејно да се јави јак замор, да се јави пожолтување на кожата и очите (жолтица) и оток на стомакот. Акутниот фулминантен хепатитис е многу тежка форма на хепатит, се развива многу брзо и може да има фатални последици, ако веднаш не почне да се лекува.

Околу 5-10% проценти од заразените пациенти никогаш нема да создадат антитела кон вирусот и ќе станат хепатитис Б вирусоносители, најчесто без да знаат. Кај хроничните вирусоносители покачен е ризикот за развој на црнодробни заболувања, како цирозата и ракот на црниот дроб, бидејќи ХБВ директно ги напаѓа клетките на црниот дроб (хепатоцитите).

Кај хроничните носители е присутно хронично воспаление на црниот дроб, кое понатаму може да премине во цироза и рак на црниот дроб.

Акутен хепатит Б

Од периодот на заразувањето со вирусот, па до појавата на првите симптоми на болеста, обично поминуваат околу 90 дена. Но, и во тој период (период на инкубација), т.е. во периодот до појавата на првите симптоми на болеста, лицето е заразно, а тоа значи дека може да го пренесе вирусот на друго лице, иако не е свесно дека го носи вирусот во себе.

По овој период на инкубација се јавуваат првите симптоми на болеста кои се слични со симптомите на грипот. треска, замор, болка во мускулите и зглобовите, губиток на апетит, гадење и повраќање. Многумина од пациентите мислат дека имаат грип или не ги поврзуваат нивните симптоми со хепатитот Б.

90% од луѓето кои добиваат хепатит Б во тек на 6 месеци самите оздравуваат и стануваат имуни на овој тип на вирус до крајот на животот. Но, кај 10% од пациентите, вирусот останува во крвта и по 6 месееци од неговото навлегување во организмот и тие пациенти стануваат хронични носители на хепатитот Б.

Акутниот хепатит Б има 3 стадиуми на болеста и секој стадиум има свои симптоми.

Постојат случаи кога лицето заразено со Хепатит Б нема никакви симптоми, а сепак може да ја пренесува инфекцијата на други.

I стадиум – симптомите се јавуваат 1-6 месеци по заразувањето и се карактеризираат со:

  • општи симптоми (кашлица и болки во грло),
  • чувство на малаксалост и губиток на апетит, губиток на телесна тежина,
  • болки во зглобовите и мускулите.

II стадиум – наречен стадиум на жолтица трае 2-8 недели. Во текот на овој стадиум се јавуваат карактеристичните симптоми и знаци на болеста.

Симптомите во овој стадиум се:

  • кожата и белките на очите се жолти,
  • мочката станува темно кафеава, а столицата бела, светла,
  • болки во абдоменот.

III стадиум – наречен е стадиум на оздравување. Во овој стадиум исчезнува жолтилото на кожата и белките. Мочката и столицата стануваат нормални.

  • Често е губењето на телесната тежина за време на болеста. Пациентот може да изгуби дури 5 килограми.

Хроничен хепатит Б

Луѓето кои стануваат хронични носители на вирусот на хепатит Б можат да го пренесат вирусот на друго лице, преку сексуален или крвен контакт.

Постои разлика меѓу активниот и неактивниот хепатит Б. Но, и во двата сучаи, лицето е заразно.

Хроничен неактивен хепатит Б

Неактивниот носител на хепатитот Б нема поголеми последици, но со тек на време може да дојде до развој на цироза, а зголемен е и ризикот за развој на рак на црниот дроб. Затоа е многу важно да носителите на хепатитот Б бидат под постојана лекарска контрола.

Хроничен активен хепатит Б

Носителите на активниот хроничен хепатит Б не мора да имаат никакви симптоми, но понекогаш се чувствуваат уморно и имаат болка во пределот на црниот дроб. Исто така, може да се јават и болки во зглобовите и мускулите.

Воспалението е вообичаена реакција на телото на присутната инфекција, но токму таа одбрамбена реакција на телото, со тек на време и преку одредени супстанции кои ги ослободуваат одбрамбените клетки на телото т.е. лимфоцитите, може да ги оштети и клетките на црниот дроб, односно хепатоцитите.

Кога доаѓа до оштетување на хепатоцитите, тие неможат нормално да функционираат и изумираат. Некои од оштетените хепатоцити можат да се обноват, репарираат, но поголемото оштетување на хепатоцитите може да доведе до фиброза (создавање на нефункционално, дегенирирано ткиво) на црниот дроб. Фиброзата ја намалува способноста на црниот дроб да ја филтрира крвта и да ги неутрализира и елиминира отровите. Со тоа се намалува детоксикацијата на некои отровни материи во крвта.

Како што напреднува болеста, така се зголемува фиброзата на црниот дроб. Ова цврсто дегенеративно, нефункционално ткиво постепено заменува сè поголем дел од функционалното ткиво на црниот дроб, односно заменува сè поголем дел од хепатоцитите, кои изумираат. На местото на изумрените хепатоцити, се ствара фиброзното ткиво. Ова заболување се вика цироза.

Цирозата сериозно ја намалува нормалната функција на црниот дроб. Резултат на тоа е појава на бројни пореметувања во метаболизмот. Така, црниот дроб нема да биде во состојба да создава доволно жолчка, која е потребна за нормалното варење на храната. Намалената количина на жолчка ќе ја поремети и апсорпцијата на супстанциите растворливи во масти, вклучувајќи ја и апсорпцијата на витамините А, Д, Е и К.

Со биопсија на црниот дроб, лекарот може да го одреди стадиумот на оштетувањето на црниот дроб. Лекарот зема парче од ткивото на црниот дроб и материјалот го израќа до специјалист- патолог, кој прави микроскопска патохистолошка анализа на земениот материјал.

Во краен случај, болеста може толку да прогредира, до доведе до потполн престанок на функцијата на црниот дроб.

Хепатитот Б може да се пренесе:

  • од мајка на најзиното дете,
  • од дете на дете,
  • преку трансфузија и заедничко користење на игли и шприцеви
  • преку сексуален контакт и контакт со телесните течности како што е крв, плунка и мочка.

Како се добива хепатит Б?

Вирусот на хепатит Б се пренесува преку контакт со заразена крв.

Вообичаени начини на пренесување на вирусот се:

  • заедничка употреба на било кој вид на игли, вклучувајќи ги оние за дрогирање, бушење на ушите и тетовирање,
  • преку трансфузија на крв (пред 1992 година),
  • при случајни убоди со игла кај здравствените работници и
  • било кој друг контакт на крв со крв, како што може да се случи и во тек на сексуална активност.

Начини на пренесување на хепатит Б

Трансфузија на крв

Сè до почетокот на 1992 година не постоеле тестови за откривање на вирусот на хепатит Б во донираната крв. Затоа пред 1992 година, многу инфекции настанувале како последица на трансфузија со заразена крв, а која се давала кај лица кои имале потреба од трансфузија на крв или крвни деривати (конзервирани црвени крвни зрнца или крвни плочки-тромбоцити).

Случајни убоди со игла кај здравствените работници

Ваквите повреди можат да се случат при давање на мускулни или поткожни инекции, при вадење на крв од вена или со игли кои се употребуваат за поврзување на интравенските преносни системи. Овие незгоди обично се случуваат кога медицинската сестра го вади капачето од иглата или кога иглите не се фрлаат во специјалните контејнери. Исто така, постои и ризик од инфекција при повреда присутна во текот на префрлање на телесните течности од еден во друг сад.

Користење на нелегални дроги

Во денешно време, користењето на заеднички игли за дрогирање е најчест начин на пренесување на вирусот на хепатитот Б. Луѓето може да се заразат и само со едно земање на дрога.

Други контакти на крв со крв

Било која активност која подразбира ваков контакт може да доведе до инфекција со вирусот на хепатит Б.

Тоа се:

  • акупунктура, пирсинг на телото или електролиза со нестерилни игли,
  • тетовирање со игли кои не се стерилизирани или се натопени во заразено мастило,
  • заедничко користење на некои предмети за лична хигиена (четкичка за заби, грицкалка за нокти и турпија, жилети за бричење), како и при заедничко користење на предмети од домаќинството, кои можат на себе да имаат крв. На тие предмети на себе може да имаат многу мала количина на крв, која може да биде невидлива за голо око.
  • Незгоди кои се случуваат во здравствената или некои други професии: кај работницита во противпожарната, полициската или итната медицинска служба. Под ризик се и докторите и медицинските сестри.
  • Пренесување на болеста од мајката на нероденото дете,
  • Пренесување на инфекцијата во тек на дијализа,
  • Контакт на крв со крв при сексуален однос помеѓу инфицирано и неинфицирано лице. Во овој контекс, менструалната крв би требало да се третира како било кој друг вид на крв.
  • Интраназалната (преку носната слузница) употреба на кокаинот преку заеднички сламки или други средства за „ушмркување“ на кокаинот може да доведат до контакт крв со крв, преку раничките на носната слузница.

Тестови за хепатит Б

Тестови на крвта

Преку анализа на крвта може да се открие дали некое лице има хепатит Б. Следниве наоди на крвните анализи можат да се толкуваат на следниов начин:

  • HbsAg – Ова е тест со кој се дијагностицира хепатитот Б. Ако е наодот позитивен значи дека вирусот е присутен во крвта.
  • HbeAg – Ова е тест со кој се утврдува степенот на заразноста на вирусот. Акое тестот позитивен, тоа значи дека лицето е многу заразно.

Лекување на хепатит Б

Единствен третман на акутниот хепатитис Б е одмор и здрава храна. Докторот ќе каже колку долго е потребно да се мирува. Некогаш се потребни и неколку месеци за нормализирање на состојбата.

Иако акутниот хепатитис Б не се лекува, за хроничниот хепатитис Б има два одобрени третмани -интерферон алфа-2б и lamivudine.

Превенција

Хепатитис Б може да се превенира со сигурна и ефективна вакцина.

Постои вакцина против хепатит Б. Една од индикациите за давање на оваа вакцина е на сексуални партнери на луѓе кои биле заразени со вирусот.

Како превенција на хепатитот Б е практикување на безбеден секс, со правилна употреба на кондоми. Тоа го минимизира ризикот од инфекција преку сексуален однос.

  • Никогаш немојте да користите заеднички игли или прибор за инјектирање. За намалување на ризикот од инфекција преку инфицирана крв неопходно е користење на игли и шприцеви за еднократна употреба или доколку тоа не е можно потребна е нивна правилна стерилизација. Ова се однесува на секоја опрема со која поради било која причина се нарушува интакноста на кожата (бушење уши, тетовирање, акупунктурни игли, инравенска употреба на дрога и др.). Треба да се внимава и ако некој крвари или при исфрлање на медицинскиот отпад (игли).