Компјутерска томографија

Компјутерска томографија (КТ – скен)

Компјутерската томографија (КТ) користи посебна опрема со рендген зраци за добивање на слики од телото од различни агли. Податоците се анализираат и се обработуваат со помош на компјутер. Така се добиваат дигитални слики кои прикажуваат пресеци на телото низ органите и ткивата. На тој начин се овозможува тродимензионален детален приказ на надолжни и на напречни пресеци на сите ткива и органи.

КТ е најпрецизна дијагностичка метода.

КТ скенот е посебно корисен бидејќи прикажува повеќе различни типови на ткива- бели дробови, коскено ткиво, меко ткиво (мускули и сврзно ткиво) и крвни садови и тоа со голема јасност. КТ бара посебни просторни услови и посебно обучен кадар(радиолошки технолози и лекари – радиолози) и се изведува во дијагностички или клинички медицински центри.

Со помош на КТ скенот многу полесно се дијагностицираат разни заболувања како: карциномите, кардиоваскуларните болести, инфективните болести, повредите и болестите на мускулно-скелетниот систем.

КТ дава морфолошки изглед на туморот, овозможува да се измери неговата големина, да се утврди прецизната локализација на туморот како и неговата проширеност во околните ткива и структури.

КТ се користи, покрај за дијагноза, и за планирање и за соодветно администрирање на радиотерапијата, за што се користи т.н. КТ симулатор.

КТ се користи за прецизно водење на биопсијата и на другите минимално инвазивни процедури, како и за планирање на хируршкиот третман и за утврдување на операбилноста на туморот.

Оваа дијагностичка процедура е безболна и не дава несакани ефекти.