Прашања и одговори за канцерската болка

Table of Contents

Прашања и одговори за канцерската болка

Зошто се јавува канцерска болка?

Канцерската болка може да се јави како резултат на присутниот карцином. Тој може да предизвика болка со својот раст и со уништувањето на околните ткива. Болката може да биде во пределот на примарниот тумор (локална болка) или во други делови на телото во кои се проширил туморот, односно, дал далечни метастази. Како што расте туморот, тој може да притиска на нервите, на коските или на другите органи и да предизвикува болка.

Како причина за болка се наведуваат и хемиските супстанции, кои карциномот ги излачува во регијата во која се наоѓа.

Кои начини постојат за нејзино лекување?

Постојат многу различни начини за лекување на канцерската болка. Идеален начин е да се отстрани причината за болката. Хормонотерапијата, радиотерапијата и хируршката терапија, кои се користат во третманот на карциномот, се најдобар начин на терапија на болката. Но, доколку по третманот на карциномот, сé уште постои болка, таа може успешно да се контролира на повеќе начини, како што се:

  • примена на повеќе групи на лекови,
  • палијативна аналгетска радиотерапија,
  • неурохирургија: хируршки се пресекуваат нервите за болка, обично во `рбетниот сплет (т.н. блокада на нервите), и
  • хирургија: оперативно се отстранува дел или целиот тумор, кој врши притисок на нервите или на другите ткива и органи.

Кои типови на лекови се користат за канцерската болка?

Постојат повеќе групи на лекови за лекување на канцерската болка. Кој од овие лекови ќе се примени, ќе зависи од интензитетот на болката.

  • За лекување на лесна до умерена болка се применуваат неопиоидни лекови, а тоа се: салицилати, ацетаминофен (парацетамол) и нестероидни антиинфламаторни лекови.
  • За смирување на умерена до силна болка се применуваат лесни опиоиди (кодеин, оксикодон, пропоксифен, тилидим) сами, или почесто, во комбинација со нестероидните антиинфламаторни лекови. Тие се применуваат кога неопиоидната аналгетска терапија не дава задоволителен тераписки ефект.
  • Трета група на лекови се силните опиоиди, кои се користат за лекување на силна болка, која не може да се смири со претходните групи лекови. Најчесто применуван е морфинот.

Како се даваат лековите против канцерската болка?

Лековите против болка може да се даваат во вид на:

  • таблети (за орална употреба)
  • кожни лепенки (фластери)
  • чепчиња (супозитории)
  • парентерално (во вид на инекција дадени поткожно, мускулно или во вена)

Најдобро е аналгетската терапија да се спроведува орално, бидејќи на тој начин концентрацијата на лекот во крвта е константна и нема големи флуктуации како при парентералното давање.

Што е тоа хронична и пробивна (breakthrough) болка?

Лицата со канцерска болка често пати приметуваат дека интензитетот на болката се менува во текот на денот. Многу пациенти имаат два вида на болка: хронична (постојана) болка (трае подолго од 3 месеци) и пробивна (breakthrough) болка.

Перзистентната (континуирана) болка е обично контролирана со медикаменти кои се земаат во точно одредени временски интервали. Пробивната болка е болка која не е контролирана од регуларните дози на медикаменти. Пробивната болка е јако распламнување на болката, кое се јавува и покрај тоа што пациентот зема редовно медикаменти за перзистирачката болка.

Научниците се повеќе го проучуваат овој вид на болка. Таа се вика breakthrough болка, бидејќи ја пробива редовната медицинска програма за болка. Вообичаено за пациентите со перзистентна болка е да имаат вакви епизоди на breakthrough болка. Оваа болка може да биде различна кај секој пациент и обично пациентот неможе да предвиди кога ќе се јави. По правило, оваа болка доаѓа наеднаш, трае околу еден час и е многу поинтензивна и појака од перзистентната болка.

Breakthrough болката сe јавува како пик и покрај земањето на редовната терапија за континуираната болка. Таа варира по својот интензитет.

Како се лекуваат хроничната и пробивната болка?

Хроничната болка обично се контролира со долгоделувачки лекови, кои се земаат во точно одредени временски интервали. Пробивната болка не е контролирана од редовните дози на лекови, кои се даваат за хроничната болка. Таа се лекува со краткоделувачки лекови, кои се земаат само по потреба кога ќе се јави пробивната болка.

Зошто се препишуваат два различни опиоиди за лекување на болката?

Бидејќи хроничната и пробивната болка се два различни типа на болка, тие се лекуваат со лекови кои делуваат на различен начин.

Хроничната болка се лекува со долгоделувачки лекови, кои се земаат во редовни временски интервали, со цел да се контролира болката за подолг временски период.

Пробивната болката се лекува со краткоделувачки лекови, кои се земаат само по потреба.

Овие два вида на лекови кои се препишуваат, делуваат заедно и ја лекуваат истовремено и хроничната и пробивната болката.

Дали ако се јавува пробивна болка, тоа значи дека лековите, кои редовно се користат за хроничната болка, не делуваат?

Пробивната болката е интензивна болка и таа е појака од хроничната болка. Пробивната болката е честа појава кај пациенти со канцерска болка. Таa може да се јави и тогаш кога пациентот зема точно препишана доза на лекови и во рeдовни временски интервали за хроничната болка. Сепак, доколку постојат чести пробивни болки и честа потреба од примена на лекови за нејзино смирување, за тоа треба да се информира докторот. Може во некои случаи да биде потребно зголемување на дозата на лековите за хроничната болка.

Дали со земањето на два различни опиоиди се јавуваат повеќе несакани ефекти?

Користењето на два различни опиоиди, обично не дава повеќе несакани ефекти. Всушност комбинираната терапија со примена на долгоделувачки и краткоделувачки лекови се применува за да има помалку изразени несакани ефекти. Повеќето пациенти имаат пробивна болка неколку пати во денот и таа е многу поинтензивна од хроничната болка. Лековите за пробивната болка се земаат само по потреба. Најчесто, несаканите ефекти од „breakthrough“ лековите се исти како и од долгоделувачките лекови за смирување на хроничната болка.

Кога треба да се земат лековите за пробивната болка?

Лековите со краткотрајно делување треба да се земат веднаш штом ќе се почувствува поинтензивна болка, за да може тие да почнат да делуваат и да ја намалат болката. Не смее да се дозволи болката толку да се засили да стане неиздржлива, бидејќи тогаш е многу потешко таа да се стави под контрола. Треба да се следат советите на докторот. Ако вообичаена доза не ја смирува пробивната болка, или ако постојат повеќе напади на пробивна болка, за тоа треба да се информира докторот. Тој ќе ја подеси или дозата или честотата на давање на лековите за болка.

Дали може да се земаат лековите за хронична и пробивна болка истовремено во текот на денот?

Доколку е потребно, лековите за хроничната и пробивната болка може да се земат истовремено во текот на денот. Пробивната болка може да се јави непосредно пред или по земањето на редовната терапија за болка. Во тие случаи, треба да се земат лекови за пробивна болка и да се продолжи со земање на редовните лекови за хроничната болка во одредените временски интервали. Ако редовно имате пробивна болка непосредно пред или веднаш по земањето на редовните дози за хроничната болка, најдобро е да се советувате со вашиот доктор. Тој можеби ќе ја зголеми дозата или честотата на давањето на вашите вообичени лекови за хроничната болка.

Дали може да се земаат лековите за пробивната болка со други лекови?

Многу лекови може да се земаат заедно со лековите за болка. Сепак, добро е, пред да се земе било кој нов лек, да се разговара со докторот.

Како може да бидеме сигурни дека земаме адекватна доза од лековите за пробивната болка?

Пробивната болка треба значително да се намали по земањето на лековите, без да предизвика поинтензивни несакани ефекти, како на пример екстремна поспаност. Доколку лековите не доведат до намалување на болката или се јавуваат повеќе од 4 напади на пробивна болка дневно, потребно е да се консултира докторот. Можеби ќе биде потребна корекција на дозата или честотата на давање на лековите за болка.

Кои се пропратни несакани ефекти од лековите против канцерска болка?

Сите лекови може да дадат некои несакани ефекти, но тие не мора да се јават и кај сите пациенти. Некои пациенти имаат различни несакани ефекти од другите. Повеќето несакани ефекти се јавуваат во тек на првите неколку часа од третманот, а потоа полека се губат. Несаканите ефекти се очекувани, но можат да бидат успешно отстранети, без потреба за прекинување на терапијата за болка.

Секој лек против болка има свои уникатни несакани ефекти. Најчести несакани ефекти од јаките лекови за болка (опиоиди) се: запек, конфузност, апатија и поспаност. Јачината на овие несакани ефекти варира од пациент до пациент. Обично се јавуваат во тек на првите неколку земања на лекот. Но, еднаш кога ќе се постигне постојано ниво на лекот во крвта, несаканите ефекти обично се повлекуваат. Халуцинациите како и промените во однесувањето на пациентот се многу ретки.

Лековите за третман на слабата и умерена болка може да дадат повеќе несакани ефекти. На пример, антиинфламаторните лекови можат да доведат до оштетување на бубрезите, до појава на чир во желудникот или до покачување на крвниот притисок.